Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија ја презентираше анкетата за странските директни инвестиции во земјава, со посебен осврт на актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата за идната година.
Анкетата, која е спроведена во првата половина на месец ноември годинава, вклучува одговори на 72 отсто од анкетираните производствени компании што се лоцирани во и надвор од ТИРЗ-овите во сите плански региони од државата. Претежно тоа се компании од автомобилската индустрија коишто минатата година заедно имале 20.700 вкупен број на вработени.
– Околу 75 отсто од испитаните странски инвеститори во земјава повторно би инвестирале во земјава, а најголем ризик за развојот на нивните компании гледаат во недостигот од стручна работна сила, правната неизвесност и предвидливоста на економската политика, неефикасноста на јавната администрација, недоволна административна грижа и поддршка на оперативно ниво, како и неисполнување на дадените ветувања и договорните обврски од страна на државата. Главни конкурентски локации на нашата држава се Србија, Бугарија и Мароко – велат од Стопанска комора на Северна Македонија.
Во однос на остварените резултати во тековната година, над половина од испитаниците или 54 отсто забележале пад на обемот на планираното производство и извозот помеѓу 10-35 отсто, како резултат на намалените нарачки од странство, недостигот од суровини и репроматеријали и пречките во нормалното одвивање на транспортот.

– И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени останал релативно стабилен со пад од само 1,7 отсто. Ова ја покажува општествената одговорност и грижата за своите вработени, кои дури и во услови на пролонгирана и намалена економска активност компаниите ги задржале на работа своите вработени и користат начини за дообука и доусовршување за нивна подобра продуктивност и ефикасност во посткризниот период. На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инженерски и технички кадар, а најлесно до административен кадар – истакна Виктор Мизо, претседателот на асоцијацијата.
Како причина за недостигот од работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и несоодветното стручно образование на потенцијалната работната сила на пазарот на трудот и ниската мобилноста на работна сила за прифаќање на работа надвор од главниот град.
На прашањето за финансиската поддршка и државната помош што ја добиваат, вкупно 93 отсто од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од пандемијата, пред сѐ наменети за одржување на бројот на вработените, субвенционирање на трошоците за електрична енергија, како и за намалување на увозните царински давачки за компоненти наменети за технолошко напредно производство – процес што е започнат и се очекува негова имплементација со законско решение во почетокот на 2022 година.