Соопштение
Тргнувајќи од фактот што целиот Балкански Регион се соочува со слични предизвици во делот на исполнување на барањата, регулативите и стандардите во областа на циркуларната економија и заштитата на животната средина како предуслов за целосно интегрирање кон заедничкиот ЕУ-пазар и тргнувајќи од адресираните потреби на бизнис-секторот во регионот за зелена трансформација преку воведување нови иновативни технологии и паметно користење на ресурсите и реупотреба на материјалите преку воведување на концептот на циркуларната економија, како претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и наедно претседател на Асоцијацијата на балкански комори, предлагам формирање иницијативен одбор за регистрирање регионален хаб за циркуларна и зелена економија.
Членови на иницијативниот одбор се: Бранко Азески – претседател на СКСМ и на Асоцијацијата на балкански комори (АБЦ) и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), претседателите на сите комори членки на Асоцијацијата на балкански комори (АБЦ) и Коморскиот инвестициски форум (КИФ), проф. д-р Дарко Лазаров – претседател на Клубот на извозници при СКСМ, проф. д-р Дејан Мираковски – ректор на УГД, Марија Дуковска Павловска – генерална директорка на „Макстил“ АД Скопје, Никола Цветковски – генерален директор на „Бонивес“ – Скопје, проф. д-р Наташа Петровиќ – Факултет организациски науки при Универзитетот во Белград, и Кристина Кузеска – здружение за енергетика при СКСМ.
Задачата на овој иницијативен одбор е да изработи концепт и предлог-програма за работа и да создаде правни услови за регистрирање регионален хаб за циркуларна и зелена економија. Регионалниот хаб за циркуларна и зелена економија треба да се издигне како водечка регионална институција чија цел ќе биде изработка на стратегиски регионални документи и регионално поврзување и вмрежување на бизнис-секторот и науката во областа на циркуларната и зелената економија, обезбедување техничка и стручна поддршка во процесот на имплементирање модерни концепти на циркуларната економија во бизнисот, подготовка на компаниите за целосно усогласување со барањата и стандардите на ЕУ-пазарот во делот на заштитата на животната средина и имплементирањето еколошки практики, како и трансформација на регионалните економии со цел побрзо интегрирање кон ЕУ.