Од Министерството за земјоделство го најавија и објавувањето на повикот до крајот на август за аплицирање за средства од програмата ИПАРД 3
Средства од европските фондови на располагање на земјоделците и општините
Земјоделците и сите потенцијални корисници можат да се јават на последниот повик за искористување на средствата од ИПАРД 2 во вредност од 8,8 милиони евра наменети за развој на земјоделството и руралните средини. Повикот се однесува на мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски производи“. Новите инвестиции би биле за млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, вклучувајќи јајца и живина, овошје и зеленчук, жита, мелнички и растителни производи, масла и животински масти. Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна помош (грант) во износ од 50 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите. Во јавниот повик не се прифатливи инвестиции во градежни работи. Повикот е исклучиво наменет за набавка на опрема за преработки.
Во однос на инвестициите поврзани со производство на енергија од обновливи извори, единствено се прифатливи инвестиции за набавка и инсталирање опрема за производство на енергија за сопствени потреби. Крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември 2023 година, а инвестициите што ќе бидат одобрени мора да се реализираат до 31 мај следната година, додека барањето за исплата треба да се достави до 30 јуни, а потоа платежната агенција во рок од шест месеци (до крајот на годината) има обврска да ги исплати средствата.
– Овој последен повик го објавуваме со цел овие 8,8 милиони евра, како последни пари од ИПАРД 2, да бидат инвестирани дома, со што ниту еден денар нема да вратиме назад, за разлика од ИПАРД 1 кога 60 милиони евра беа вратени кон ЕУ. Засега се склучени 2.369 договори, што е повеќе од вкупниот број на договори во Србија, Албанија и Црна Гора заедно. ИПАРД три е успешна приказна, а Македонија е лидер во регионот со искористеност на средствата од 98 отсто од програмата ИПАРД 2 во последните пет години. Исто така, прва земја сме во регионот, која почнува со користење на средствата од програмата ИПАРД 3, што беше потврдено и со одлуката на Европската комисија – рече Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на средба со новинарите.
Од Министерството за земјоделство го најавија и објавувањето на повикот до крајот на август за аплицирање за средства од програмата ИПАРД 3. Во согласност со проекциите, ИПАРД 3 ќе биде за 62 отсто финансиски „потешка“ од ИПАРД 2.
– Во ИПАРД 3 имаме на располагање 97 милиони евра од ЕУ, а со делот на кофинансирање вкупната сума наменета за земјоделскиот развој ќе достигне 120 милиони евра. Првиот повик ќе се однесува на мерките еден и седум, а ќе бидат ставени на располагање првите 20 милиони евра. Се надевам дека ќе ја задржиме довербата што ја постигнавме со ИПАРД 2 и ќе го задржиме статусот на лидер во земјите во регионот. Очекувам проектите да се зголемат, а во наредниот период да нема населено место во кое нема да стои табла за реализирани проекти од ИПАРД-програмата – вели Николовски.
Четири мерки во земјоделството што се финансираат со европски пари ќе добијат повеќе средства во наредниот период преку програмата ИПАРД 3. Тоа се: поддршка на инвестиции во модерни земјоделски стопанства, во преработувачки капацитети, диверзификација на фарми и развој на мали бизниси, како и за техничка поддршка.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, појаснува дека преку ИПАРД 3 ќе се понудат и мерки за развој на руралните општини и подрачја.
– Целта е акредитација на нови мерки, како што е мерката за развој на рурална инфраструктура, преку која ќе им се помогне на самите општини во нивната урбанизација и модернизација, преку инвестиции во патна инфраструктура, водоводи, канализација, партерно уредување велосипедски и пешачки патеки. На располагање се 17 милиони евра. Покриеноста на овие проекти е 100 отсто, нема кофинансирање од општините. Тоа е мерка што ќе наиде на интерес кај општините. Некои од нив се мошне подготвени и се корисници на меѓугранична соработка и за проекти меѓу земјите од Западен Балкан. Овие средства лесно ќе бидат искористени и голем број општини имаат потреба од вакви проекти – вели Бачовски. М.Ј.