Фото: Игор Бансколиев

Најголемиот производител на електрична енергија ги прави последните калкулации за висината на цената на домашен киловат-час, што ќе биде основа за определување на новата цена на струјата за домаќинствата од први јануари. Според добиените информации, производната цена на струјата од енергетските капацитети на ЕСМ е за триесетина отсто повисока од цената по која сега се испорачува за домашните потрошувачи, што оди преку регулираниот пазар на струјата. Сепак, процентот на поскапувањето на струјата за домаќинствата и за малите компании ќе го определи Владата на Македонија, од каде што изјавуваат дека товарот од енергетската криза нема да биде на грбот на граѓаните

НЕИЗВЕСНОСТА ЗА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА  ЗА ДОМАЌИНСТВАТА ВО НАРЕДНАТА ГОДИНА ПРОДОЛЖУВА

Во врска со промената на цената на чинење на струјата за домаќинствата, она што е извесно е зголемувањето на стапката на ДДВ за потрошена енергија од пет на 10 отсто. Како што изјавуваат од Министерството за економија, „поволна околност е тоа што речиси сите капацитети на државата моментално се во функција“, што дава простор да се направат дополнителни пресметки, пред да се донесе одлука за цените што ЕСМ треба да ги понуди кон универзалниот снабдувач, во овој случај „ЕВН хоум“, кон електродистрибуцијата и кон МЕПСО. Но изостанува информацијата колку тие домашни капацитети што се „севкупно во функција“ произведуваат (поевтина) електрична енергија за да ги задоволат потребите не само на граѓаните туку и на стопанството во целост или во што поголем процент.
– Сите капацитети во државата се во функција, освен третиот блок, имајќи предвид дека има тешкотии во делот на трансформаторот и тој треба да пристигне наскоро и да се транспортира до Битола. Секако, цената ќе биде во интерес на граѓаните, особено оние што штедат. Корекција на цената, секако, ќе има. Цената за дистрибуцијата за пренос на струјата ќе биде намалена – рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Во наредните десетина дена се очекува енергетските компании во државата да ги достават барања до Регулаторната комисија за енергетика во однос на цената на електричната енергија, по што РКЕ ќе донесе и конечна одлука дали од Нова година ќе има поскапа струја за домаќинствата. Она што е познато е дека нема да има промена на блок-тарифите, кои ќе важат и понатаму.
Марко Бислимоски, претседател нa Регулаторната комисија за енергетика, потсетува дека ќе треба да се види колкава ќе биде цената по која ќе се понуди на тендерите што ги распишаа МЕПСО и ЕСМ, доколку на тие тендери има екстремно високи цени, што е многу веројатно бидејќи неделава на ХУПЕКС цената е нешто над 400 евра за мегават-час. Во моментов ЕСМ ѝ ја предава на „ЕВН хоум“ по 48 евра за мегават-час, што е многу пониско отколку што е реалната цена на ЕСМ, посочуваат регулаторите.
Од АД ЕСМ велат дека поднесувањето на новите пресметки за производните трошоци се врши во согласност со законските прописи и тоа се прави на секои шест месеци. Предлозите за зголемување на цената на струјата се доставуваат до Владата, која на крајот донесува „политичка одлука за висината на цената што ќе им се испорачува на граѓаните и на домашните фирми“.

– Моменталните пресметки за производната цена се движат околу 68-69 евра за мегават-час. Но која цена ќе се одобри зависи од Владата, која ќе одлучи во колкав процент ќе ја покрие разликата во цените – велат извори од ЕСМ.
Вотичарите доаѓаат низа предупредувања кога станува збор за одредување на цената на електричната енергија. Тие потенцираат дека не треба да се прават замаглувања на фактичката ситуација околу домашното производствона струја, а и цената на струјата за граѓаните.
Субвенционираната струја за домаќинствата и за малите домашни компании прави впечаток дека со тоа граѓаните и малите фирми добиваат поевтина струја, па со тоа се затвора нивниот проблем. Но тоа е само привидно. Крајната сметка за увоз на недостигот од струја се плаќа уште поскапо, на ниво на држава тоа значи загуба, а за големите домашни компании тоа значи и производствен колапс. Затоа е суштествено не да се стават само сите домашни капацитети за производство на струја во погон туку да се направи напор тие не минимално, туку максимално да произведуваат електричка енергија.
– Веќе 30-40 години се води погрешна енергетска политика. Иако постои национална Стратегија за енергетика за развој на домашниот енергетски сектор, таа целосно е занемарена. Постојано се води дневна политика и за да се задоволат интересите на граѓаните преку пониска цена на струјата. Навидум изгледа дека граѓаните и фирмите добиваат поевтина струја, но на крајот повторно крајната сметка за поскапиот увоз на струја се плаќа од буџетот – ни изјави Ристо Цицонков, професор по енергетика на Машинскиот факултет во Скопје.
Пресметка за трошоците за дистрибуција треба да достави и ЕВН, по што ќе се утврди новата цена на струјата од следната година. Блок-тарифите остануваат и понатаму, а се бара моделот за воведување такви тарифи и за малите компании. ЕСМ и натаму продолжува со купување струја. За периодот од 12 до 18 декември, извршена е набавка на околу шест илјади мегават-часови, за што ќе треба да се платат два и пол милиони евра. Пресметките за увозот од почетокот на оваа сезона, пак, покажуваат дека од 7 ноември до 18 декември сме платиле 40 милиони евра.

Владата ќе им го плати долгот за електрична енергија кон ЕВН на одредени државни и јавни институции, како Клиничкиот центар, судовите, затворите. Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра. Поради тоа се најавуваше дека без струја можат да останат затворите, судовите, Зоолошката градина, факултетите и други институции. На листата на должници се и Клиничкиот центар и Железницата. Тоа се буџетски организации што имаат високи долгови поради зголемената цена на струјата, која е десет пати зголемена. Владата направи прераспределба на финансиски средства со цел да се овозможи непречено функционирање на овие институции.
Во вторникот ЕСМ произведе 15.179 мегават-часа електрична енергија, со што целосно ги задоволи потребите за домаќинствата и малите потрошувачи. Според податоците на диспечерскиот центар, во термоцентралите се произведени 12.933 мегават-часа, а во хидроцентралите и во ветерниот парк „Богданци“ се произведени 2.246 мегават-часа. Преку „ЕСМ продажба“ се набавени 850 мегават-часа електрична енергија. Тоа е електрична енергија наменета за болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата. М.Ј.