Фото: Архива

Не треба да се „игра“ со пазарните законитости, зашто тие кога-тогаш, или со одредено задоцнување, но секогаш, ќе ја испеглаат разликата помеѓу понудата и побарувачката

Цените на индустриските производи повисоки за 20 отсто на годишно ниво

Нашата економија, како мала и отворена, е исклучително зависна од случувањата во европската економија и поради тоа не само што растат цените на прехранбените производи, енергијата и горивата туку континуирано растат и цените на индустриските производи изминатиов период. Според податоците на Државниот завод за статистика, во април 2022 година, продажните цени на индустриските производи на домашниот пазар се повисоки за 0,3 отсто на месечно и за 21,4 отсто на годишно ниво. Во април годинава, во однос на април лани, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки во групите енергија за 26,9 отсто, интермедијарни производи, освен енергија, за 29,4 отсто, капитални производи за 74,6 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 6,8 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 12,6 отсто.
Според процените на Евростат, продажните цени на производителите на индустриски производи се зголемија за 5,3 отсто во еврозоната и за 5,4 отсто во ЕУ. Зголемување во еврозоната е за 36,8 отсто и за 36,5 отсто во ЕУ во споредба со март 2021 година. Во март 2022 година, цените на производителите на индустриски производи се зголемија за 5,3 отсто во еврозоната и за 5,4 отсто во ЕУ, во споредба со февруари 2022 година.
Како што вели Ангел Димитров, податокот за пораст на цените на индустриските производи од 21,4 отсто на годишно ниво покажува дека не станува збор само за раст на цените на храната и енергентите, како што се прикажува.

– Точно е дека енергентите се значајна ставка од влезните компоненти на цената на чинење на многу производи, но очигледно е дека до ваква висока инфлација не е дојдено само поради растот на цената на енергентите. Големо влијание на растот на цените на индустриските производи имаат несигурноста и неизвесноста што се присутни на сите пазари и кои генерираат очекувана инфлација. Бизнисмените се плашат дека ако не ги покачат цените на своите производи, нема да бидат во можност да ги покријат повисоките цени на суровините, енергијата и транспортните трошоци, кои секојдневно растат. За ова придонесува фактот што за да се произведе еден производ, потребно е време за набавка на суровини и репроматеријали, за производство и за пласман на готовите производи. Сето тоа ја прави неизвесноста, дали со средствата што ќе ги добијам од продажбата на мојот производ ќе можам да купам суровини и материјали за новиот циклус на производство – потенцира Димитров.
Тој посочува дека ниту еден бизнисмен не е подготвен за зголемените цени на инпутите да земе кредит за износот на покачувањето, нешто што на долг рок би го довело до голема неликвидност.

– Покрај проблемот со растот на цените на енергентите и храната, предизвикан од руско-украинската војна, не смееме да го занемариме фактот дека сите држави заради намалување на последиците од пандемијата на ковид потрошија големи суми пари од своите буџети, што ја зголеми побарувачката во услови кога производството и понудата имаа голем пад поради пандемијата. Ако на ова се додаде новата „модерна монетарна теорија“, која ја прифатија многу држави во светот што „печатеа пари“ за покривање на буџетските дефицити, тогаш е јасно дека не треба да се „игра“ со пазарните законитости, зашто тие со одредено задоцнување, но секогаш, ќе ја испеглаат разликата помеѓу понудата и побарувачката. Затоа мора да сфатиме дека инфлацијата е резултат на погрешните политики и „невидлив данок“ што сите ќе го платиме – објаснува Димитров.
Според него, македонската економија е мала и отворена и ги чувствува сите поместувања на светските пазари, а особено на пазарите на Европската Унија, затоа проблемот со стабилизација на цените не треба да се сфаќа како „катастрофа“, според Димитров, туку истовремено да се води грижа за растот на економијата и многу внимателно и без нагли потези да се балансира помеѓу овие две цели.