Секое зголемување на платите во поголем интензитет од продуктивноста, не само што не е издржливо туку е штетно на среден, а особено на долг рок. Би било уште полошо доколку ова зголемување се направи во време на инфлација, без разлика што таа насекаде е во т.н. „смирувачки тренд“
Некои економски феномени што треба
да се земат предвид со планираниот раст
на минималната плата
Најавите за новиот раст на минималната плата, која се очекува да биде над 23.000 денари, повторно ја брануваат јавноста, а работодавците и економистите се со различни ставови за потребите и можностите за зголемување на минималецот од синдикатите. Сите се согласни дека минималната плата го зголемува стандардот, но дека се потребни подлабоки структурни промени и дека треба да се следи продуктивноста. Минималната плата, која во 2012 година беше 8.050 денари, а во 2016 изнесуваше нешто над 10.000 денари, денес изнесува 20.175 денари, а од следната година таа ќе биде над 23.000 денари.
Минималната плата во 2024 година ќе се доближи до просечната плата во 2016 година, најави неодамна министерот за економија Крешник Бектеши. Иако навидум ова зголемување претставува намалување на сиромаштијата, сепак, потребен е соодветен механизам за системско покачување на минималната плата, а не покачување што ќе биде водено само од ад хок решенија. Има повеќе и предности и недостатоци поврзани со минималната плата, прашањата се дали има простор да се зголеми минималецот, дали тоа ќе биде проследено и со зголемување на другите плати? Дали би можело да има негативни ефекти од сето ова ако не се следат продуктивноста, растот на БДП и инфлацијата?
Според академикот и професор Абдулменаф Беџети, секое зголемување на платите во поголем интензитет од продуктивноста, не само што не е издржливо туку е штетно на среден, а особено на долг рок. Тој додава дека би било уште полошо доколку ова зголемување се направи во време на инфлација, без разлика што таа актуелно е во „смирувачки тренд“.
– Мислам дека и во нашата економија, досегашното зголемување на минималната плата, особено последното, создаде големи проблеми не само кај јавниот туку и кај приватниот сектор. Има гранки и сектори каде што акумулациската моќ и профитабилноста се во големи проблеми, при што тие административни зголемувања на минималната плата се неподносливи. Приватниот сектор веќе реагираше остро со овие популистички трендови. Додека кај јавниот сектор дури создаде верижни реакции откако нивото на минималната плата, речиси ги притисна нискокласните плати во многу институции и се стеснува разликата, кое уште повеќе демотивираше – потенцира Беџети.
Академикот вели дека во блискиот регион на Западен Балкан, Македонија е со највисока минимална плата, но не и со продуктивноста. А сето тоа, смета тој, може да создаде и дополнителни флуктуации со конкурентската способност.
– Според тоа, наместо да извезуваме примарни земјоделски производи, ќе почнеме да увезуваме. Традиционално во потесниот регион сме извезувале вакви производи, како јаболко, домати, лубеница, компир и други производи, а да не зборуваме за млеко и млечни производи, како и месо – истакнува Беџети.
Според анализите на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), минималната плата треба да расте, но тој раст треба да ги следи економските и социјалните трендови. Континуираното зголемување на минималната плата без соодветно зголемување на продуктивноста на трудот, а со тоа и зголемен технолошки напредок, може да доведе до нереално покачување на основата за пресметка на сите други плати во економијата.
– Истовремено, зголемувањето на минималната плата може да доведе и до зголемени трошоци на производство кај трудоинтензивните индустрии, кои најчесто работат за странски пазари каде што основната конкурентска предност на македонските производи е пониската цена. Така што, можностите за зголемување на цената на производите се ограничени или во многу случаи невозможни – анализираат од ЗМАИ.
Како што вели Милан Недељковиќ, декан на Факултетот за економија, финансии и администрација (ФЕФА), за српската „Политика“, ако платите се зголемат кога инфлацијата е на својот врв, тоа ќе ѝ даде уште поголем стимул. Поентата на сузбивањето на инфлацијата е да се намали агрегатната побарувачка, а таа се намалува со тоа што кредитите ќе поскапат и, за жал, граѓаните реално ќе имаат помалку пари.
– Идејата е дека кога инфлацијата ќе се смири, притисокот врз побарувачката што може да дојде од зголемувањето на платите ќе биде помал. Најлошата комбинација е тоа што платите автоматски се зголемуваат со инфлацијата. Тогаш никогаш нема да ја зауздате инфлацијата. Но ако имаме ситуација инфлацијата да достигне ниско и стабилно ниво и да нема инфлаторни очекувања, тогаш треба да следува зголемување на платите за граѓаните да го задржат својот животен стандард – смета Недељковиќ.