Читатели на „Нова Македонија“ посочуваат дека локален маркет во скопската населба Чаир во текот на изминатиот викенд работел „во мрак“. За одредени случаи на прекршување на законот потврдуваат и од Државниот инспекторат за труд
Измина и втората недела од почетокот на примената на Законот за неработна недела, со кој категорично се забранува работа на одредени дејности што до пред Нова година работеа секојдневно. Иако од почетокот на оваа година се забележува голема разлика, бидејќи најголем дел маалски дуќани се затворени, но и други продавници и објекти што до пред носењето на овој закон работеа постојано, сепак, наши сограѓани јавуваат за непочитување на одредбата.
Читатели на „Нова Македонија“ посочуваат дека локален дуќан во скопската населба Чаир во текот на изминатиот викенд работел „во мрак“, со исклучени светла и исклучени фискални апарати. Според нивното објаснување, локалниот дуќан им ги отворал вратите на муштериите по тропање на вратата, а во маркетот светлата биле исклучени за да не се забележи дека работат. Ваквото однесување им било сомнително на посетителите, кои посочуваат дека се чувствувале како криминалци при пазарењето.
– Во недела, иако нели законски недела е неработен ден, иако изгледаше дека маркетот во нашето соседство не работи, сепак сите можеа да пазарат. Тропаш на вратата, скришум те пуштаат, во маркетот исклучени светла, за да не ги фатат дека работат, навистина сомнително. Испазарив сѐ што ми требаше, но за платените продукти не добив фискална сметка, бидејќи и воопшто не беше пуштена касата, а ниту побарав кога видов во какви услови работат – вели четириесетгодишната Светлана Д.
Претставниците од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) посочуваат дека со стапувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работните односи („Сл. весник на РСМ“ 288/21), со кои во членот 134 став е регулирано дека „ден на неделен одмор е недела“, Државниот инспекторат има воспоставено дежурства во недела по региони.
– Ве информираме дека за 9.1.2022 година на територијата на градот Скопје од страна на дежурните инспектори за труд беа извршени шест вонредни инспекциски надзори кај шест правни субјекти. Притоа беа констатирани следниве неправилности: кај еден правен субјект што влегува во исклучоците утврдени со законот и кој може да врши дејност во недела беше утврдено дека не доставил известување за работа во недела до Државниот инспекторат за труд, поради што му беше изречена инспекциска мерка опомена – вели Оливера Лазаревска, раководителка на Одделението за инспекциски надзор од областа на работните односи – Регион 1.
Лазаревска појаснува дека на еден правен субјект во неделата му била изречена и казна забрана за работа од 15 дена, бидејќи било утврдено дека работи спротивно на законот.
– На еден правен субјект му е изречена забрана за работа во работната просторија во траење од 15 дена поради тоа што се утврди дека работодавецот работи во ден недела, спротивно на членот 25 од Законот за трговија и членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија („Сл. весник на РСМ“ бр.295/21), а во врска со членот 2 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Сл. весник на РСМ“ бр.288/21). Кај истиот работодавец беше затекнато и лице што работи без да има засновано работен однос во согласност со законот, поради што државните инспектори за труд донесоа решение со кое му се наредува на работодавецот да заснова работен однос на неопределено време со затекнато лице на работа или со друго лице, без јавен оглас и во наредните три месеци да не го намали вкупниот број на вработени. На правното лице и на одговорното лице во правното лице им беа издадени прекршочни платни налози, во согласност со Законот за прекршоци – објаснува Лазаревска.
Раководителката на Одделението за инспекциски надзор исто така посочува дека до ДТИ не била пристигната пријава за работење на маркет во Чаир.
Од овој инспекторат веќе информираа дека на оние дејности на кои им е дозволено во согласност со новите законски одредби да работат и во недела, треба однапред да го пријават работникот што ќе биде ангажиран тој ден. Исто така, Инспекторатот воспостави дежурства во неделите по региони каде што работниците можат да пријават ако им се прекршени правата за работа во недела.
– Пред започнување на вршење работа во недела, работодавците се должни да го известат Државниот инспекторат за труд на пропишан образец – Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб-страницата на Државниот инспекторат за труд. Известувањето за вршење работа во недела, работодавците можат да го достават електронски, или во архивите на подрачните одделенија на ДИТ, како и во централната архива во седиштето на ДИТ, на бул. Партизански одреди бр. 48А, Скопје. Дополнителни информации за подрачните одделенија, регионите и контакт-информации и телефонските броеви на инспекторите по подрачни одделенија може да се добијат на веб-страницата. Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд – истакнуваат од Инспекторатот.
Работниците може да го направат пријавувањето на веб-страницата на ДИТ, анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ. Исто така и преку повикувачкиот центар на бројот 15131.