Дигиталната валута на „Фејсбук“ позната како Дием (првично како Либра), некогаш видена како сила која може да ја подрие финансиската стабилност и да им парира на националните валути, сега едвај се одржува во живот, откако минатата недела се дозна дека асоцијацијата што стои зад неа е во разговори со мала банка од Калифорнија за продажба на сиот имот и интелектуални права поврзани со криптовалутата за околу 200 милиони евра, пишува „Политико“.
Но, објавата можеби нема да претставува пречка за глобалниот подем на криптовалутите. А можеби Дием требаше да умре за криптовалутите да живеат. Некои ја сметаат Дием за катализатор што ги поттикна законодавците од двете страни на Атлантикот да ги сфатат криптовалутите посериозно и да го регулираат пазарот.
– Дием привлече големо внимание и ги принуди регулаторите да ги сфатат криптовалутите сериозно, земајќи го предвид влијанието на „Фејсбук“. Можеби беше многу скап експеримент од „Фејсбук“, но ги покрена работите. Веројатно ја забрза регулацијата за која ќе беше потребно подолго време да не се вклучеше играч од големината на „Фејсбук“ – вели финансискиот експерт Метју Харди.
Меѓународните институции, централните банки и законодавците некогаш стравуваа дека Дием, ќе го надмине нивниот дофат за регулација, па сумата од 200 милиони евра за откуп се чини како скромна.
За поддржувачите на заострената регулација на пазарот, падот на Дием сигнализира дека и најмоќните играчи, како што е извршниот директор на „Мета“ Марк Закерберг, ќе потклекнат соочени со жестоко политичко противење.
Дием беше претставен со поддршка од 25 големи технолошки компании во летото 2019 година. Само шест месеци подоцна ЕУ изрече забрана според која ниту еден глобален стејблкоин (ценовно стабилна криптовалута), што претставуваше поддршка за Дием, не може да функционира во ЕУ се додека не се донесат соодветни прописи. Творците на Дием попусто се обидуваа да ги убедат надлежните дека нема да ги монетаризираат личните податоци. Отпорот во Европа беше толку жесток што Дием го напушти седиштето во Швајцарија минатата пролет и премина преку Атлантикот во надеж на попријателски прием. Но ниту американските законодавци не беа импресионирани и набргу ја повикаа „Мета“ да се откаже од криптоплановите. Наспроти падот на Дием, другите играчи на криптопазарот се обидуваат да ги одоброволат регулаторите и да го подобрат имиџот на индустријата на дигиталните валути, заклучува „Политико“.