Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одлучи да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, пред сѐ како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период.
– При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари. Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 отсто. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период – се наведува во соопштението на Народната банка.
Од НБ објаснуваат дека имајќи ја предвид стратегијата на стабилен курс на денарот, при носење на монетарните одлуки се земаат предвид и состојбите на девизниот пазар и нивното влијание врз девизните резерви.
На седницата на Комитетот било заклучено дека неизвесноста и ризиците од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, при сѐ уште неизвесен тек на пандемијата предизвикана од ковид-19, налагаат натамошно внимателно следење на состојбите. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира со целиот свој расположлив инструментариум за задржување на ценовната и макроекономската стабилност.