Фото: Игор Бансколиев

Навременото препознавање на финансиските тешкотии и започнувањето на процесот на преструктурирање позитивно ќе влијаат врз самото друштво, врз работниците, доверителите, но и врз државата, сметаат изготвувачите на новата предлог-мерка

СЕ ПОДГОТВУВА СИСТЕМ ЗА РАНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ СО ФИНАНСИСКИ ТЕШКОТИИ

Спасување на компаниите уште при првите знаци на проблеми во работењето или при првите проблеми со долгови, со цел да се избегне запаѓање во тешка финансиска криза и отворање стечајна постапка, се планира со новиот нацрт-закон за инсолвентност. Законот е веќе изработен од Министерството за економија во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) (групација на Светска банка). Основниот фокус на предлог-законот е решавање на финансиските тешкотии во кои запаѓаат друштвата. Како што посочуваат учесниците во креирањето, за остварување на целта во законот се предвидени систем на рано препознавање на финансиските тешкотии и две постапки што му овозможуваат на друштвото во многу рана фаза во состојба на т.н. идна инсолвентност или многу порано да започне решавање на финансиските тешкотии што му претстојат.
– За нормално функционирање на внатрешниот пазар на една држава од особена важност e органите на управување на трговските друштва навремено да препознаат настанување криза во работењето и финансиски тешкотии на друштвото и да започнат постапка за нивно надминување. На овој начин ќе се создадат услови овие друштва да продолжат со работа, целосно или делумно, преку промена на составот, условите или структурата на нивните средства и на нивните обврски или на кој било друг дел на нивната капитална структура, како и преку спроведување промени во работењето. Ефективното преструктурирање во рана фаза ќе создаде услови да се избегне инсолвентност, а со тоа и ликвидацијата во рамките на стечајна постапка. Ако тоа не успее, ќе се создадат услови за уредна стечајна постапка, во која на доверителите ќе им се овозможи намирување на нивните побарувања. Навременото препознавање на финансиските тешкотии и започнување на процесот на преструктурирање покрај тоа што позитивно ќе влијае врз самото друштво, позитивно ќе влијае и врз работниците на друштвото, доверителите и државата – објаснува Дејан Костовски, експерт за стечајни постапки, поранешен стечаен судија и еден од учесниците во изготвувањето на предлог-законот за инсолвентност.

Костовски објаснува дека во предлог-законот нема посебни критериуми според кои ќе се определуваат друштвата што ќе можат да ги спроведат постапките за решавање на финансиските тешкотии во рана фаза, односно да спроведат постапка за превентивно преструктуирање.
– За да спроведат постапка за превентивно преструктурирање друштвата треба да докажат дека им претстои идна инсолвентност. Тоа значи, во случај на постапка за превентивното преструктурирање треба да докажат дека за период од една година ќе дојдат во состојба на инсолвентност или неспособност за плаќање, односно кај претстечајната реорганизација дека друштвото постојните обврски нема да може да ги исполни по нивната доспеаност – објаснува Костовски.
Системот на рано предупредување, кој се предвидува со овој предлог-закон, е замислен како алатка што има цел да им овозможи на должниците рано препознавање на финансиските тешкотии и навремено преземање мерки и спроведување постапка заради надминување на идната инсолвентност и треба да овозможи навремено информирање на доверителите заради преземање соодветни мерки на заштита на своите интереси.
– Треба да се зајакнат капацитетите на органите на управување во делот на рано препознавање на финансиските тешкотии и стекнување дополнителни вештини, што ќе им овозможи рано препознавање на финансиските тешкотии и оцена на тоа дали претпријатието на друштвото има перспектива, односно дали постојат услови за опстанок или не. Ако постојат услови за спасување на претпријатието и понатамошно одвивање на дејноста, или, пак, спасување на профитабилниот дел од претпријатието, да се пристапи кон оцена на состојбата и можности за влегување на преговори со доверителите и користење на постапката за превентивно преструктурирање или претстечајна реорганизација како посложена операција, со подготвување план за реорганизација за брзо излегување од таа состојба. За оваа цел, со предлог-законот се предвидува Министерството за економија во рамките на своите надлежности да обезбеди советодавните услуги за друштвата што дошле во состојба на идна инсолвентност за излез од таквата состојба – објаснува Костовски.

Во согласност со овој предлог-закон, вториот дел од системот на рано предупредување треба да биде насочен кон навремено предупредување на доверителите. Се работи за алатка за рано предупредување во форма на алармен механизам што покажува кога одредено друштво нема извршено одредени видови плаќања, на пример, неплаќање на даноците или на придонесите за социјално осигурување. Како што објаснува нашиот соговорник, информациите треба да бидат на располагање онлајн, преку веб-страницата на Министерството за економија.
– Алатките за рано предупредување треба да се приспособат во зависност од големината на друштвото. Би се креирале посебни алатките за рано предупредување за големите друштва и групации што ќе ги земат предвид нивните специфичности. Дополнително целиот систем на рано предупредување треба да биде разработен во подзаконски акт, кој треба да го донесе министерот за економија. Не е исклучено заради поефикасно функционирање на овој систем да се предложат и измени и дополнување и на други закони – укажува Костовски. Појаснува дека текстот на предлог-законот е во завршна фаза, но сѐ уште има можност за интервенции, сѐ до моментот кога ќе биде испратен во Собранието, каде што се прави дополнување преку амандмански интервенции.
– Целта на законот е да се создадат услови да се надмине стигмата што владее кај директорите, а тоа е по никоја цена да не се отвори стечајна постапка во нивно време. Таа стигма нѐ води во друга крајност. Сѐ почесто се отвораат стечајни постапки над должници, кои немаат имот или тој е незначителен поради тоа што бил оптоварен или отуѓен пред отворање стечајната постапка и доверителите не можат да го наплатат побарувањето. Ова лесно може да доведе до домино-ефект и инсолвентност на доверителите. Затоа потенцирав дека ако должникот не може да се спаси преку превентивно преструктурирање или претстечајна реорганизација барем навремено да побараат отворање стечајна постапка, која ќе биде уредна, што би значело можност за намирување на побарувањата на доверителите. Значи, целиот процес што следува по донесувањето на законот треба да придонесе и законот да биде успешен. Секако, треба преку одредени индикатори да се следи и успешноста на законот за да може навремено да се преземат мерки за негово изменување и дополнување – објаснува Костовски.

Според поранешниот стечаен судија, во нашиот правен систем функционираат закони што со претстојната дигитализација на процесите би можеле да бидат од голема важност за оценување на состојбите, посебно навременото плаќање на долговите. Сериозен индикатор во системот на рано предупредување би било ако одредено друштво не ги плаќа долговите навремено или доцни со исплата подолг временски период. Неплаќањето или задоцнетото плаќање индицираат дека трговското друштво се судира со финансиски тешкотии. Во предлог-законот не е предвидено доверителот да укажува за долгови што ги има од должниците. Но доверителот, ако се работи за стасано побарување, има можност да поднесе предлог за отворање стечајна постапка или да бара спроведување на претстечајна реорганизација ако со тоа се согласи должникот.
Од 2019 година е донесена Директивата 2017/1132 на Европскиот парламент и совет за реорганизација и инсолвентност, која наедно е и причина за изработка на законот за инсолвентност во Македонија. Носењето на новиот закон е со поддршка на проектот „Решавање долгови и деловен излез во Република Северна Македонија“ – проект на Меѓународната финансиска корпорација, групација на Светска банка, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој (СЕЦО).
– Системот на рано предупредување е дел од таа директива. Директивата беше донесена пред сѐ поради големите разлики што постојат кај земјите-членки во законските рамки за инсолвентност, посебно во делот за реорганизација на друштвата. Системот за рано предупредување на различен начин функционира во државите-членки на Европската Унија. На пример, во Данска овој систем функционира од 2007 година. Досега е помогнато над 7.000 мали и средни компании да ги надминат финансиските тешкотии, што навистина претставува одличен резултат, и тоа со директна помош на неплатени советници, кои им помагаат на компаниите да го преструктуираат бизнисот. Сепак, најголем проблем во таа држава е што многу компании предоцна побарале помош за надминувањето на финансиските тешкотии, што укажува дека и во нашата држава нема да биде лесна имплементацијата. Покрај Данска, системот за рано предупредување постои во Полска, Германија, Франција и пристапот е многу различен – прецизира Костовски.