Фото: Игор Бансколиев

При обиколката на повеќе трговски објекти можеше да се забележат мноштво вакви примери, за што сведочат и купувачите. Така, пакувањето во помала грамажа и со тоа истакнувањето „пониска“ цена е најизразенo кај основните прехранбени производи: шеќерот, маслото за јадење, месните преработки, млечните производи, како и кај кондиторските производи. Прашавме и што преземаат надлежните органи во вакви случаи

И ГРАЃАНИТЕ И ТРГОВЦИТЕ ГО СТЕГААТ РЕМЕНОТ

Намалената куповна моќ и високите цени ги сменија потрошувачките навики на македонските граѓани, кои за да ги намалат високите сметки за пазарење, сѐ повеќе се одлучуваат да купуваат производи во помали количества и пакувања. Купувањето на парчиња овошје или зеленчук или по двесте-триста грама од некој месен или млечен производ стана вообичаена слика на пазарите и во маркетите. Но покрај граѓаните што го стегаат ременот, очигледно и трговците применуваат нова методологија на намалување на грамажата на производите, без да ги намалат цените.
Намалувањето на масата или количеството на одреден производ во едно пакување, а со намера да се привлечат купувачите, не е новост и тоа беше вообичаена трговска практика и пред почетокот на економската криза. Но со високата инфлација и порастот на цените на прехранбените производи, намалувањето на грамажата како да стана и главна трговска мамка за привлекување на потрошувачите, кои во желбата да пазарат поевтино се одлучуваат за помали пакувања. Притоа, купувачите не обрнуваат премногу внимание на декларациите и со купувањето на „мало“ може да платат и поскапо. На овој начин, трговците ја избегнуваат и обврската за очекуваното и ветено намалување на цените, кои требаше да ги направат поради користење на субвенционираната цена на струјата.
При посетата на повеќе трговски објекти во Македонија може да се забележат мноштво вакви примери. Така, пакувањето во помала грамажа и со тоа истакнувањето „пониска“ цена е најизразенo кај основните прехранбени производи: шеќерот, маслото за јадење, месните преработки, млечните производи, како и кај кондиторските производи. Граѓаните со кои разговаравме сведочат дека вакви намалувања на цената има кај многу производи со помала грамажа. На пример, пакување на јајца со ознака С или М се продаваат како од повисока класа. Или, пак, во едно пакување од десет јајца има некои што се помали од декларираната класа на пакувањето! И пакувањата за сечкани месни и млечни производи се со помала грамажа од очекуваната, со што практично нема намалување на цената туку само намалување на грамажата.

– Високите цени на месото и сирењето или кашкавалот нѐ натераа да купуваме во помали пакувања од двесте или триста грама. Но проблемот е да се направи разлика во однос на цената од друг производител поради различната грамажа. Сето ова нѐ оптоварува во пазарењето и сѐ помалку ја гледам декларацијата, зашто не може да се следат цените, дали тие се реално намалени, во согласност со најавите од Владата. Проблем со помалата грамажа има и кај другите производи. За новогодишните празници зедов чоколади за децата, но тие беа со намалени грамажи, а цените беа исти како предходно. Еве, тоалетната хартија од 24 ролни ми изгледа иста во пакувањето, но ако забележите, има помалку хартија во неа, а картонските ролни внатре сѐ се пошироки. Друг проблем е квалитетот што го добиваме за исто пакување. Забележав дека кечапот што порано го купував редовно има поинаков вкус, а цената е непроменета. Истото тоа се однесува и за сирењата и саламите, во кои се става вода – ни изјави наша сограѓанка.
Од Здружението на потрошувачи на Македонија велат дека трговците се обидуваат да ја искористат секоја можност за да привлечат повеќе купувачи, кои треба да бидат повнимателни при пазарењето.
– Вообичаено, трговците ја користат можноста да продаваат во помали пакувања, а со тоа да остварат и подобра цена. Иако ни се чини на прв поглед дека некој производ е поевтин во однос на другиот производител, разликата во грамажата на крајот нѐ чини поскапо. На пример, ориз што се продава во пакување од еден килограм или 750 грама, иако тој е со пониска цена на рафтовите. Ова не е незаконски и не можат да се казнат трговците ако продаваат во помали пакувања. Но тоа што е нивна обврска е на јасен и видлив начин се дадат цените по единица производ и цена по единечна мерка, односно на 100 грама или сл. Граѓаните треба да знаат да ја воочуваат разликата во пакувањата и разликата во цените, дали на пример некоја паштета се продава во 95 грама или во сто грама. Или дали цената на некое сирење се однесува за помала или за повисока масленост. Исто така, купувачите треба да погледаат што пишува и на декларацијата на која се наведени состојките. Значи, еден производ ако е во помало пакување и со пониска цена од други производ не значи дека тој е и поевтин – ни изјави Маријана Лончар од Здружението на потрошувачи на Македонија.

Некои од соговорниците сметаат дека намалувањето на грамажата на производот, а притоа да не се намали цената на производот, претставува нефер трговски однос кон купувачите. Економистите нагласуваат дека на овој начин трговците ја злоупотребуваат довербата кај потрошувачите што се определиле за некој производ, но доколку таквата практика продолжи во иднина, сигурно ќе влијае и на пренасочување на купувачите кон други производи.
Од Државната пазарна инспекција по новогодишните празници најавија засилени активности и контрола за тоа дали се почитува одлуката за намалување на цената на основните прехранбени производи, како резултат на ограничување на маржата и одобрувањето субвенционирана цена за пекарските претпријатија и преработувачите на млеко и месо. Државниот пазарен инспекторат постапува кон трговците кај кои е откриено отстапување од највисоко утврдената маржа од 5 отсто и 10 отсто.
– Врз основа на контролите, забележителен е трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи – наведуваат од ДПИ. М.Ј.