Економски експерти очекуваат заедничката валута БРИКС да ја намали доминацијата на американскиот долар. Деветнаесет земји или поднесоа барање за приклучување кон економскиот блок БРИКС или изразија интерес да се приклучат, вклучувајќи ги и Саудиска Арабија и Иран
Земјите од БРИКС со стремеж да ја менуваат неприкосновеноста на доларот во меѓународните плаќања
Економските дебати за т.н. дедоларизација на светската трговија, кои стануваа актуелни по секоја нова економска и финансиска криза во светот, се преточува и во почетна реализација. Ако во претходните години земјите при трговијата со нафта и гас, без исклучок, ја користеа светската резервна валута, односно доларот, сега има примери и за склучување договори во друга валута. Неодамнешната испорака на природен гас од ОАР во Кина, со посредство на француска енергетска компанија, беше платена во кинеската национална валута – јуани. Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, при посетата на Кина во април годинава, јасно порача дека „државите во развој треба да најдат алтернатива за доларот“. Според него, потребна е (нова) валута, која може на земјите да им обезбеди поголема стабилност, бидејќи, како што објасни Лула да Силва, тие трчаат по доларот за да можат да извезуваат, а можат да извезуваат во сопствената валута. И дека не било сѐ само на зборови покажува и постигнувањето на договорот за тоа сета трговија меѓу Кина и Бразил да се одвива во нивните национални валути. Меѓусебните плаќања ќе се одвиваат преку кинескиот платен систем за меѓународни плаќања ЦИПС, кој е алтернатива на меѓународниот СВИФТ-систем, пренесоа светските медиуми. Не е непознато дека по заострување на меѓународните односи меѓу Западот и Русија, Кина значителен дел од трговијата со Русија ја извршува преку јуани.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, најави дека има постепено напуштање на употребата на американскиот долар, но додаде дека во блиска иднина не гледа алтернатива на американската валута. Според податоците на ММФ, американскиот долар сѐ уште е најкористена резервна валута, со удел од околу 60 отсто во вкупните резерви на централните банки во светот. Но од 1999 година има намалување на неговото учество, кога изнесуваше 71 отсто во светските резерви. Причината за тоа се политиките на централните банки за диверсификација на сопствените валутни резерви. Во 2021 година еврото е на второ место со 20,6 отсто, а потоа следуваат јапонскиот јен, британската фунта со околу пет отсто и кинескиот јуан со 2,8 отсто. Околу половина од меѓународните кредити се искажани во долари, една третина во евра, а остатокот е во другите валути. Во меѓународните плаќања 40 отсто од трансакциите се извршуваат во долари.
Зголемувањето на каматните стапки во САД и геополитичките конфликти ја зголемија вредноста на американската валута и сите стоки што се ценети во неа, на штета на повеќето пазари во развој. Тоа ги поттикна повиците за алтернативи за користење на зелената банкнота како глобална трговска валута. По санкциите кон Русија и кризата во банкарскиот сектор во САД, со „буџетската“ криза што ја зафати оваа земја, со обидите да се надминат пречекорувањата на јавниот долг, довербата во доларот во меѓународните плаќања е разнишана. Многу земји се обидуваат да ја намалат неговата употреба во различни видови плаќања. Русија тргна на патот на напуштање на употребата на американската валута во меѓународните порамнувања
Групата на нации БРИКС ќе разговара за можноста за воведување заедничка валута. Валутата БРИКС ќе се дискутира на претстојниот самит на лидери, чиј домаќин ќе биде Јужна Африка, на 22 август во Јоханесбург. Jужноафриканскиот министер за меѓународни односи и соработка Наледи Пандор во интервју за „Блумберг“ нагласи дека тоа е прашање за кое мора да се разговара на вистинскиот начин.
Земјите од БРИКС, кои ги сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, ги засилуваат своите напори за дедоларизација, а заедничката валута БРИКС се очекува да им помогне на земјите-членки да се оддалечат од потпирањето на американскиот долар. Руски функционер неодамна изјави дека очекува договор за валутата БРИКС оваа година. Деветнаесет земји или поднесоа барање за приклучување кон економскиот блок БРИКС или изразија интерес да се приклучат, вклучувајќи ги и Саудиска Арабија и Иран.
Некои политичари и економски експерти очекуваат заедничката валута БРИКС да ја намали доминацијата на американскиот долар. Поранешен економист од Белата куќа рече дека ако земјите на БРИКС ја користат само нивната заедничка валута за меѓународна трговија, „тие ќе ја отстранат пречката што сега ги попречува нивните напори да избегаат од хегемонијата на доларот“. Трговијата меѓу Кина и Русија лани ја отвори вратата за плаќања во јуани, а денес Кина речиси исклучиво му плаќа на својот сосед за нафта, јаглен и некои метали со својата валута наместо во долари, тврдат трговците.
Во март, јуанот стана највообичаената валута за прекугранични трансакции во Кина, престигнувајќи го доларот за првпат, покажаа официјалните податоци. Според некои економисти, кинескиот јуан може да биде алтернатива на американскиот долар, поради големината на кинеската економија и нејзиното учество во светската трговија. Но има повеќе изгледи за нова светска валута што би била пласирана од земјите од БРИКС, која би промовирала меѓународна валута што нема да се заснова на една национална валута. Доларот уште долг период би бил главна резервна валута во еден дел од светот, но затоа ќе расте интересот на другите земји во „штедење“ во други валути, со што би се продолжил процесот на „дедоларизација“ во меѓународните плаќања и кредитирања. М.Ј.