Купувачите тешко се снаоѓаат во ценовниот галиматијас, кој е уште поизразен и при различни попусти, акции или при продавање на производите по системот три во едно, кога тешко може да се направи споредба на цените
На внимание на трговците, со внимание кон потрошувачите
Порастот на инфлацијата и секојдневното покачување на цените ги принудија купувачите да бидат повнимателни при изборот на производите во маалските дуќанчиња и трговските продавници. Поради многубројните етикети со „стари“ и нови цени граѓаните при набавката на дневните потреби поминуваа подолго време во пронаоѓањето на најевтиниот производ од рафтовите, кои се пренатрупани од производи со различна грамажа и различни производители. Дополнителен проблем им претставува и мноштвото цени што се излепени на полиците, со што купувањето се претвора во долготрајни споредувања на вистинската вредност на производот. Но и по подолгите математички пресметки за купувачите следува и изненадувањето на касата кога ќе ја дознаат вистинската малопродажна цена, која е повисока од таа што е декларирана на полиците.
Гледајте го екранот на касата кога се отчукува цената
Периодот кога цените на производите секојдневно се менуваат, посебно на храната, остава доволно простор за манипулација на трговците, кои се обидуваат да привлечат повеќе купувачи преку огласување пониски цени на рафтовите. Оваа појава е присутна кај млечните и месните преработки, но е поизразена кај средствата за хигиена и козметика, за кои постои и поголема разлика меѓу јавно декларираната цена и таа што ќе се наплати на каса.
– Често пазарам во маалските дуќани и внимавам кој производ ќе го ставам во кошничката. Разликите во цените се најчести кај замрзнатите производи, за рибата, зеленчукот или пилешкото месо. Се случува на фрижидерите да е истакната една цена, а на каса да ми наплатат по друга. Кај касиерката добивам различни одговори. Некогаш тоа е поради тоа што немале време да ги сменат цените. Оправдувањата се дека замрзнатото месо било од нова пратка или дека се однесува за риба од друг производител. Откако ќе ја добијам сметката и кога ќе ја забележам разликата единствено што ми останува е да го вратам производот. Но тогаш треба да чекам да помине наплатата на друг купувач или да дојде некој од шефовите. Тоа прави да се чувствувам непријатно и да влезам во бесмислена дебата со продавачите – ни изјави наша сограѓанка.
Ценовниот галиматијас е уште поизразен и при различни попусти, акции или при продавање на производите по системот три во едно, кога тешко може да се направи споредба на цените.
– Ми се случило за производ што е пред истекот на рокот да истакнат пониска цена, но кога ќе дојдам на каса да наплатат по регуларна цена за тој производ. Ова го има при продажба на чоколади, грисини или супи. Кога ќе реагирам кај касиерката, оправдувањето е дека ги помешала цените или дека колешката заборавила да го тргне ливчето за попустот за производите. Тоа ми се случи и за млеко што беше на „акциска“ продажба. Ми наплатија по пониска цена откако реагирав. Разликата беше околу десет денари за едно литро млеко. Многупати не сум реагирал за разликата во цените, само за да ги избегнам зачудените погледи на другите купувачи и коментарите дека ја задржувам касиерката за неколку денари – вели Димитар Пандилов од Скопје.
Нема потреба ниту од срам ниту од кавга, потрошувачите треба
отворено и јасно да обрнат внимание за недоследностите
Некои од купувачите што се соочиле со трговските „ценовни слаломи“ околу различните цени се обратиле до Организацијата за заштита на потрошувачите во Македонија, од каде што велат дека има реакции од потрошувачите поради различни цени на рафт и на каса. Откако почнаа кризата и покачувањето на цените, постојано има поплаки од потрошувачите, кои се жалат со претставки за „манипулација и нечесна трговска пракса“ од страна на трговците, кои ставаат една цена на рафтот, најчесто пониска, за на каса да им наплатат повисока. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека во Законот за заштита на потрошувачите стои дека потрошувачот пред да донесе одлука за купување на некој производ треба да биде правилно информиран за цената по која го купува. Оттаму велат дека во ваков случај потрошувачите треба да ја платат цената што е на рафтот, а не онаа што е во компјутер. Доколку имаат проблем околу тоа треба да го пријават случајот во Пазарната инспекција.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека и до нив стигнуваат пријави за вакви неправилности, по што тие излегуваат на терен и го проверуваат извештајот на каса во посочената продавница. Доколку се утврди дека нема усогласеност во цените, тогаш се преземаат санкции и се изрекуваат глоби за прекршителите. Но за да ги избегнат непријатностите, најдобро е купувачите добро да ја проверат цената пред да одлучат да ја купат. Државниот пазарен инспекторат во периодот од 16 до 22 јануари има извршено вкупно 709 инспекциски надзори на целата територија на Македонија. Во наведениот период од страна на Државниот пазарен инспекторат се донесени 122 решенија, од кои само три се однесуваат по Законот за заштита на потрошувачи. Дополнително, во овој временски период се издадени вкупно 105 прекршочни платни налози со вкупна вредност од 3.571.265 денари, од кои две прекршочни решенија по Законот за заштита на потрошувачи
Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и на мало во делот на почитување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, односно за ограничување на маржата. Секое отстапување од највисоко утврдената маржа од пет и 10 отсто во трговијата на мало и во трговијата на големо се санкционира во согласност со Законот за трговија. М.Ј.