Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците во земјоделството се зголемени за 19,9 отсто за една година, а цените на земјоделските производи се зголемени за 10,3 отсто. Македонската влада преку низа мерки се обидува да влијае на „контролата“ на нивото на раст на цените за храната и на земјоделските производи, но барем засега се чини дека овие мерки не ги даваат посакуваните резултати

СТАТИСТИЧАРИТЕ ЕВИДЕНТИРАА ЗНАЧИТЕЛНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Порастот на цените на енергентите, суровините и репроматеријалите се одрази на производствените трошоци кај македонските земјоделци, сточари и земјоделски компании. Последните статистички податоци за трошоците на земјоделското производство даваат појасна слика и за причините за зголемување на цените на храната и на инфлацијата во Македонија, која во октомври достигна околу 20 отсто. За една година трошоците на земјоделците поскапеле за ист процент, што влијаело и земјоделците да ги зголемат цените на своите производи. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците во земјоделството се зголемени за 19,9 отсто за една година, а цените на земјоделските производи се зголемени за 10,3 отсто. Тоа е само уште еден показател за тоа во каква состојба се наоѓаат македонските земјоделски производители, кои со години се жалат на ниските откупни цени на производите, а кои сега, во услови на голема економска криза и при високи цени на храната, не можат да ги покријат вложените средства во тековното производство.
Во однос на трошоците, најголем пораст на цените има кај вештачките ѓубрива, кои за една година поскапеле за 58,1 отсто, енергијата, горивата и мазивата поскапеле за 27,4 отсто, а семенскиот материјал поскапел за 10,4 отсто. Во овој период поскапеле и добиточната храна за 16,1 отсто, ветеринарските услуги за 0,7 отсто, како и другите стоки и услуги што ги користат земјоделците за приближно 16 отсто.
Најголем пораст на цените во земјоделското производство има кај житата и оризот, од 43,1 отсто, и кај компирот, кој поскапел за 26,5 отсто. Поскапеле и виното, индустриските растенија и зеленчукот. Кај добиточното производство, пораст има кај цените на живинарското производство од 30,2 отсто, а пораснала и цената на добитокот за колење.

Според овие податоци, зголемување на цените има кај тековно потрошените средства за репроматеријали од 20,5 отсто и кај инвестициите, каде што зголемувањето е за 10,9 отсто. Во однос на цените на земјоделските производи, за една година растителното производство поскапело за 7 отсто, а добиточното за 20,5 отсто.
Во периодот кога цените на земјоделските производи се зголемени за десетина проценти, се забележува разликата во однос на порастот на цените на основните прехранбени производи. Државниот завод за статистика во октомври „измери“ раст на цените на мало за една година во просек од 15,4 отсто, но загрижувачки е што цените на основните прехранбени производи се повисоки за над 30 отсто! Најголемо поскапување има на лебот, 47,7 отсто, на млекото, сирењето и јајцата е 40,7 отсто. Маслото за јадење е поскапо за 40,3 отсто, месото за 28,6 проценти, зеленчукот поскапе за 22,4 отсто, а овошјето за само една година е поскапо за 15,5 отсто.
Македонската влада преку низа мерки се обидуваше да влијае на „контролата“ на нивото на раст на цените за храната и на земјоделските производи, но се чини дека тие се недоволни за да ги покријат и производствените трошоци на индивидуалните фармери и компании.

– Мерката за субвенционирана цена на струјата дава извесна предвидливост во калкулациите за цената на млечните производи. Но во формирањето на цената учествуваат и други трошоци што ги имаат млекопреработувачите капацитети. Суровините, односно откупеното млеко учествува со 45 отсто во цената на млечниот производ. Репроматеријалите и суровините во последната година се пораснати за 60 отсто. Во овој момент цената на млекото за преработка надмина 30 денари. Добро е што има најави за намалување на цената на струјата за млекопроизводителите, но рано е да се даваат процени колку би се намалиле цените на млекото и млечните производи. Преработувачите се соочуваат и со други трошоци во своето производство, кои исто така се во постојан пораст. На пример трошоците за амбалажата, која е поскапена. Тука треба да се има предвид и висината на трговската маржа. Погрешна е перцепцијата дека млекарите вадат екстра-профити во услови на економска криза. Погледнете ги информациите што се јавно достапни за секоја компанија и ќе видите како работат тие. Некои од нив се на границата на економски опстанок, а некои од млекарите беа и принудени да затворат во изминатиот период. Пазарот е тој што ја утврдува цената на еден производ – ни изјави Цветанка Стојановска Пешовска, извршна директорка во здружението за производство и преработка на млеко „Знак за квалитет“.
Високите трошоци за затоплување на оранжериите со мазут и струја се главен фактор во повисоките трошоци на раноградинарското производство, како што предупредува Бранко Балтовски, претседател на Групацијата за оранжериско и пластеничко производство на Стопанската комора.

– Мазутот и струјата достигнаа енормно високи цени. Најголем дел оранжерии се затоплуваат на мазут, а овие енергенти се користат и за испумпување на геотермалната вода. Тоа дополнително ги зголемува трошоците на компаниите што користат геотермална вода. Некои од оранжериите пресметуваат дали и натаму да произведуваат, бидејќи нивните трошоци ги надминуваат сите пресметки и она што ќе го добијат со пласманот на производите – вели Балтовски.
За тоа какво е нивото на цените на земјоделските производи и храната во Македонија може да се направи споредба со Србија, која е наш главен трговски партнер во областа на земјоделството, кога станува збор за увозот на пченица, млечни и месни преработки и на масло за јадење. Кај нашиот северен сосед инфлацијата во октомври изнесувала 15 отсто, а највисоки поскапувања имало кај групата на млечните производи (сирење, јогурт, павлака и јајца), за 39,6 отсто! Во споредба со лани, лебот и житата поскапеле за 23,5 отсто, а зеленчукот за една година поскапел за 22,3 отсто.
Заменик-генералниот директор на Секторот за економски истражувања и статистика во Народната банка на Србија, Милан Трајковиќ, изјави дека цените на храната се зголемени за 23 отсто, додека долготрајното млеко се продава поскапо за 42,8 отсто.

– Поскапувањето на трошоците на примарното земјоделско производство е поради големиот раст на цените на ѓубривата, пченицата, пченката и другата добиточна храна, потоа на високиот раст на трошоците на преработувачите, како што се хартиената и пластичната амбалажа, и на крајот од порастот на побарувачката, која ќе расте и во наредниот период – изјави Трајковиќ.
Во извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации се забележува дека во октомври светските цени на храната останаа главно стабилни, со тоа што зголемувањето на цените на житата е повеќе од компензирано со падот на другите основни производи. М.Ј.