Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за економија испрати предлог-одлука до Владата за укинување на мерката за субвенционирана електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија.

Според анализите на Министерството за економија, кај голем дел од компаниите кои што користеа субвенционирана електрична енергија од ЕСМ Продажба по цена од 80 евра за мегават час, нема намалување на цените на основните прехранбени производи.

Врз основа на податоците од Државниот пазарен инспекторат, предлогот на Министерството за економија до Владата е мерката да се укине за сите компании од прехранбениот сектор.

Мерката за субвенционирана електрична енергија од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи важеше од 1 декември 2022, а предвидено е да трае до 30 април годинава.

Мерката се однесуваше на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

Целта на оваа мерка беше компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат цените на основните прехранбени производи.