Жално е што некои македонски медиуми објавија лажна информација дека имало лажни македонски вина. Тоа штети на македонската винска индустрија. Кај нас лабораториски се проверува секоја транша, секое вино кое се полни, вели Младеновска-Јеленковиќ
Седум фалсификувани вина разводнети со шеќер и со вода на хрватскиот пазар, открила анализата што ја направила земјоделската инспекција на Државниот инспекторат на Хрватска. Четири од разводнетите вина се од Косово, две се од Хрватска, а едно од Босна и Херцеговина, објавува хрватски РТЛ. Хрватските инспектори проверувале и три македонски вина, а проверката го потврдила квалитетот.
Ние можеме да се пофалиме со висококвалитетни вина, кои редовно се анализираат во акредитирани лаборатории, вели Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на Асоцијацијата „Вина од Македонија“.
– Хрватска, на пример, редовно прави контроли за да си го заштити и виното и пазарот и секогаш се покажува дека нашите вина се на високо ниво. Жално е што некои македонски медиуми објавија лажна информација дека имало лажни македонски вина. Тоа штети на македонската винска индустрија и апелираме до медиумите да не шират лажни информации кои може да наштетат на нашиот углед. Кај нас лабораториски се проверува секоја транша, секое вино кое се полни, во акредитирана лабораторија. Се разбира дека доколку се случи пропуст ќе треба да се преземат поригорозни мерки, но тоа досега не се случило, се покажува дека системот функционира – вели Младеновска-Јеленковиќ.
Таа објасни дел од процесот на проверка на безбедноста и на квалитетот на виното. Така, винарниците мора да пратат мостри во акредитирани лаборатории на испитување, кои се услов за да добијат решение со кое може да пуштат во промет одредено вино. Дополнително, анализи прават и инспекциските тела на Агенцијата за храна и ветеринарство и од Државниот инспекторат за земјоделие.
– Ова се однесува на сите регистрирани винарии. За жал има и нерегистрирани производители, тоа е проблем, но тие секако не извезуваат – објаснува Младеновска-Јеленковиќ.
При извоз на вино, се прават лабораториски анализи за сите видови вина од секој камион кој ги пренесува договорените количества.
– Овие мостри се чуваат во лабораториите за евентуални дополнителни контроли, за да не се случи нарушување на угледот на македонското вино во странство. Среќни сме и горди што се покажа дека македонските вина имаат квалитет и го развиваат имиџот во светот – додава Младеновска-Јеленковиќ.
Инаку, според резултатите од анализите од хрватската лабораторија, што пристигнале минатата недела, вината кои биле фалсификувани имале додадени вода и шеќер.
– Има четири вина од Косово, едно вино од Босна и Херцеговина и две вина од Хрватска. Од пет вина од трети земји, каде што анализата на официјалниот примерок покажа дека се работи за фалсификувани вина, четири беа означени со името на сортата грозје, а две од нив беа означени како „Рајнски Ризлинг“, едно како „Грашевина“ и едно како „Вранец“ – даваат детали од хрватскиот инспекторат.
Во рамки на инспекцијата биле земени мостри од вкупно 84 вина.
– Досега се извршени 84 инспекции при кои се земени мостри на 84 вина со потекло од Хрватска, други земји-членки на ЕУ и трети земји, од кои 14 официјални примероци на вино се подложени на стабилни изотопски анализи. Станува збор за четири вина со потекло од Хрватска, едно со потекло од ЕУ (Италија) и девет со потекло од трети земји, поточно пет од Косово, три од Македонија и едно од Босна и Херцеговина – велат од Државниот инспекторат на Хрватска за контролата спроведена годинава.
Оттаму додаваат дека во претходните контроли досега не констатирал фалсификување на вино, што би значело дека првпат се наоѓаат „фалсификати“ меѓу вината. Н.Б.З. – М.Ж.