Засејувањето на оваа култура беше оставено на самите земјоделци, без да се има план за нејзин пласман или преработката во масло за јадење. Иако сончогледот во „социјалистичкиот“ период беше многу застапен и се засејуваше на површини од 46.000 хектари, тие се сведоа на минимум. Целосното исчезнување од нашите ниви, „привремено“ го одложија економската криза и високите цени на храната, кога вредноста на еден литар масло за јадење надмина и 2,5 евра. Месецов почнува сеидбата на сончоглед, па се очекува зголемен интерес…
Високите цени на храната ги открија погрешните политики и запоставувањето на домашното земјоделско производство
Одгледувањето на сончогледот на македонските полиња повторно се враќа во фокусот? Наводно, главната цел е зголемување на површините засадени со сончоглед, кои изминатите години стануваа сѐ помали, поради децениското запоставување на оваа маслодајна култура, погрешните политики во земјоделството, неорганизираниот откуп, но и поради зачувување на едностраните интереси на домашните преработувачи, кои своето производство го пренасочија кон преработката на увозно сурово масло.
Досега бесплански, отсега плански за сончогледот…
Засејувањето на сончогледовата култура беше оставено на самите земјоделци, без да се има план за нејзин пласман или преработка во масло за јадење. Иако сончогледот во „социјалистичкиот“ период беше многу застапен и се засејуваше на површини од 46.000 хектари, тие се сведоа на минимум. Целосното исчезнување од нашите ниви, „привремено“ го одложија економската криза и високите цени на храната, кога вредноста на еден литар масло за јадење надмина и 2,5 евра.
Континуираното намалување на површините произлегува и од начинот на одгледување на сончогледот, кој е поисплатлив ако се сее на поголеми површини, што не е случај и за македонските земјоделци, кои имаат мали поседи, сметаат експертите. Доколку би било реализирано за стартап зголемувањето на финансиската поддршка од Министерството за земјоделство, некои од индивидуалните одгледувачи планираат да се вратат на оваа култура. Тие очекуваат да се исполни ветувањето од фабриката за масло во Велес дека ќе им биде откупено целото годинашно производство. Велешката фабрика за масло за јадење го откупи целиот лански род од 11.000 тона, а земјоделците беа исплатени уште во јануари. Ланската откупна цена беше 33 денари за килограм. Очекувањата се дека годинава површините со сончоглед ќе се зголемат за 20 отсто во однос на претходната година.
– Ги слушнавме условите, тие се во ред за нас земјоделците. Лани имавме сигурност дека родот ќе биде откупен и навремено исплатен, покриени се трошоците за работа. Очекувам дека ќе има зголемен интерес за сеидбата, која почнува во средината на март – вели Никола Петковски, претседател на Здружението на производители на сончоглед.
Од пред три децении, производството на сончоглед на македонските ниви е намалено за десет пати. Поради немање квалитетно наводнување во текот на летните месеци, земјоделците се откажаа од негово одгледување и речиси целосно исчезна од нивите во Овчеполскиот Регион. Приносите по хектар бележеа големи осцилации и зависеа од количеството врнежи во одредена година. Минималниот принос е остварен во 1990 година, кога имало 470 килограми по хектар и во 2009 и 2010 година се постигнати максимални приноси од 1.800 и 1.900 килограми по хектар! Земјоделските стручњаци ги објаснуваат ниските приноси кај сончогледот и житните култури со фаворизирањето на погрешниот концепт во македонското земјоделство, кој се потпира на самостојно одгледување на ситни парцели. Поради ова, финансиско слабите индивидуални земјоделски стопанства не се во можност да применуваат современи форми на производство, механизација и не можат да применуваат агротехнички мерки за заштита на посевите со земјоделски култури.
Над половината од нашите земјоделски површини се расцепкани, а окрупнувањето може да биде една од приоритетните мерки
Состојбата во одгледувањето на сончогледот, според професорот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Љупчо Михајлов, може да се подобри, но со преземање одредени мерки, што претставуваат и најголем проблем во производството на сончоглед во сушни услови. Покрај ова, потребен е правилен избор на хибриди, правилен избор на рокови на сеидба.
– Земјоделците треба да се насочат кон порани рокови на сеидба на сончоглед, бидејќи, како што вели, ова растение издржува и пониски температури. Ние знаеме дека нашите површини над половината се расцепкани во индивидуалниот сектор, мали се и не се големи и тоа би можело да биде една од мерките, кои би придонеле кон подобрување на состојбата со зголеменото производство на сончоглед – вели Михајлов.
Ниската продуктивност во земјоделското производство го прави Овчеполскиот Регион неповолен за одгледување сончоглед и затоа предност треба да му се даде на Пелагонискиот Регион. Процените се дека пред зголемување на трошоците за сеидба и на репроматеријалите, рентабилното производство на сончоглед изнесувало 1.000 килограми по хектар, а сега со новите цени земјоделците мора да имаат над 1.300 килограми по хектар, за да си ги покријат трошоците. Во вакви околности, Македонија, која има поволни земјоделски услови, е увозно зависна од сончоглед или од увоз на сурово масло. Во зависност од годишниот принос ние можеме да задоволиме само од осум до девет проценти од сопствените потреби за сончогледово масло за преработка. Од нашите соседи Србија и Бугарија се меѓу поголемите производители на сончоглед, покрај најголемите светски извозници, Русија, Украина и Бразил. Србија годишно произведува околу 700.000 тона годишно. Таа е 16-та во светот по производство на сончоглед и деветта во Европа. Романија и Бугарија произведуваат четири пати повеќе од Србија, а Украина дури 20 пати.
Според податоците од Министерството за земјоделство, површините на кои се одгледува сончоглед во 2020 година се зголемени за 5 отсто во однос на 2019 година, додека производството е намалено за околу 10 отсто поради намалениот просечен принос по хектар, за што големо влијание имаат агротехничките услови и климатските промени. По однос на увозот, според обработените податоци од ДЗС во 2020 година увозот на семе од сончоглед изнесува околу 3.170 тона, најмногу од Бугарија и Србија, кое се употребува во пекарско-кондиторската индустрија.
Мерки за стимулација на одгледувањето на сончогледовата култура
Од минатата година, Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство презеде мерки за поддршка на домашното производство, преку поттикнување на договорното производство. На овој начин двојно се зголеми производството на сончоглед. Во 2022 година сончогледот достигна досега највисока откупна цена од 35 денари по килограм, што е за речиси 60 отсто поголема од откупната цена во 2021 година кога изнесувала 22 денара по килограм. Минатата година е откупен сончоглед со околу 13.000 тона од ожнеана површина од 8.000 хектари, што е за 7.900 тона повеќе од 2021 година, кога биле откупени 5.100 тона сончоглед. Во Платежната агенција се пријавиле 1.386 корисници за 2022 година, додека во 2021 година тој број бил 967 корисници. За повеќе од 106 отсто се зголемени и пријавените површини со сончоглед каде што за 2022 г. имаме пријавени 5.484 хектари, а во 2021 година бројката била 2.653 хектари. Исто така, намален е увоз на сончоглед во 2022 г. со само 1.000 тона, споредбено со 4.000 тона во 2021 година.
Преку Интервентната програма се исплатуваат 2.500 денари по хектар при набавка на вештачко ѓубриво за сончоглед. Со новиот модел сите земјоделци производители на сончоглед добиваат основна директна субвенција од 6.000 денари по хектар и дополнителна субвенција по принос од 6.000 денари. За оние производители што користат и сертифициран семенски материјал, обезбедена е поддршка од 4.500 денари.
Горан Лазов, директор на „Маслодајна“, најавува дека ќе го откупи целиот род, а целта е да се намали увозната зависност на земјата и да се надминат минатогодишните проблеми во снабдувањето со масло за јадење. Откупениот род минатата година беше по висока цена, која тогаш ја диктираше светската берза. Сега таа е драстично намалена, па се бара начин како да му се помогне на единствениот производител на масло за јадење од сончоглед во земјава. Цената на еден литар масло за јадење за една година падна од 170 денари на 90. М.Ј.