Владините препораки за намалување на расходите на буџетарите, но и низата различни информации, па потоа објаснувања, предизвикаа бурни реакции во јавноста. Синдикатите реагираат дека се кратат работничките права и дека не смее да се суспендираат колективните договори, додека од Владата уверуваат дека нема да има кратење на платите и на работничките права. Колку ќе успееме да заштедиме со кратење плати и расходи во администрацијата и можно ли е да имаат друга позадина овие мерки прашавме неколку аналитичари.

Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи во изјава за медиумите рече дека се разгледува можноста администрацијата да работи од дома за пониски плати од 10 до 30 отсто, преку систем на ротации, на што остро реагираа синдикатите. Потоа појасни дека мерките и препораките не се насочени кон никого лично и во нив се дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва. Практично со план за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, се задолжуваат сите буџетски корисници, а им се препорачува на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски изјави дека консолидацијата на расходите во државните институции не значи намалување на платите, туку дека се работи за план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните.

– Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза – рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата.

Тој напомена дека ќе се ревидираат менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем ќе биде задолжена да ја дефинира новата форма. Според Ковачевски, треба да се делува во насока на усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат претседателот на државата или министрите.

Најавите за намалување на платите ја соочија Владата со синдикатите

Обид товарот за кризата да се префрли врз работниците

Здравко Савески, активист за социјална правда, смета дека планот за намалување на платите на функционери и менаџери во јавната администрација, кој што е најавен, има за цел да ја маскира штетата што ќе се нанесе врз работниците во јавната администрација, предвидена со другата мерка.

– Функционерите имаат многу основи по кои си ги прошируваат примањата, бенефиции кои одат со функцијата. Од друга страна, без разлика на тоа што власта се обидува да негира, најверојатно позадината за работа од дома е обид да се намалат платите во администрацијата – вели Савески.

Здравко Савески / Фото: Архива

Доколку дел од администрацијата работи од дома, а зема 100 проценти плата, може да се јави незадоволство кај вработените во приватниот сектор, како што се случи во пандемијата.

– Ова незадоволство потоа може да се искористи за да се намалат примањата на вработените во администрацијата. Ако целта на овие мерки е заштеда на енергија, тогаш тоа ќе биде минимално. Ќе се заштеди само кога станува збор за работа во посебни канцеларии, но оние кои ќе работат од дома, и таму ќе трошат енергија. Ако навистина мотивот е заштеда на енергија, тогаш треба да се укине ноќното осветлување на сите институции, т.е. оваа мерка да се применува доследно, билбордите не треба да светат ноќе, а има и други мерки. На пример крстот на Водно непотребно троши енергија. Во крајна линија, не е христијански да се троши енергија за да свети, а во исто време да се крати од примања на работници. Она што сакам да кажам, ако е целта да се намали и рационализира енергијата, има други мерки. Ова изгледа како обид товарот на економската криза да се префрли на работниците – вели Савески.

Не се проблем платите, туку скромните јавни услуги за јавните пари

Борче Треновски, професор на Економски факултет – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ вели дека кратењето на платите и надоместоците на вработените во јавниот сектор се мерки за штедење кои се спомнуваат секогаш кога притисокот врз буџетот се зголемува.

– Слично беше и за време на големата економска криза 2008 година. Се спомнуваа слични мерки за време на ковид-19 пандемијата, а деновиве исто така слушаме за превентивни мерки во таа насока – вели тој.

Според него, предизвикот во тековната состојба е спецификата на денешната криза – која на една страна значајно влијае на стандардот на граѓаните и нивните трошоци за живот (како на вработените на јавниот сектор, така и на сите граѓани), а на друга прави притисок за рационализација на расходите во чии рамки дел преставуваат трошоците за вработените во јавниот сектор.

Фото: Приватна архива

– Оттука директни мерки поврзани со намалување на плати, работа од дома, ротација значајно ќе влијаат на чувствителноста на граѓаните/вработените во јавниот сектор во услови кога нивните семејни буџети се значајно нагризени, а исто така можат дополнително да влијаат и на така скромниот квалитет на услуги кои ги испорачува јавниот сектор. Проблем не преставува висината на платите во јавниот сектор, туку проблем преставува тоа што се добиваат јавни услуги кои се поскромни и од скромните плати што се исплаќаат во јавниот сектор – објаснува проф. Треновски.

Решенијата во ваквите кризни состојби, според него, треба да се бараат во посуштински, пошироки структурни приспособувања на буџетите на јавните институции – намалување на износите на договорни услуги, намалување на привремените вработувања, преструктурирање/намалување на администрацијата.

– Постои значајна потреба од генерална рационализација и спојување на цели институции, агенции, регулаторни тела, што само по себе ќе доведе во значајни заштеди и преклопување на работни места и функции. Ваквата состојба може да биде основа јасно да се постават стандарди за испорачаните јавни услуги и оптималните ресурси (човечки и финансиски), кои треба да се користат, да се постават соодветна стимулација или санкционирање на јавните институции кои нема да го исполнат планираното – анализира тој.

Системот „вредност за пари“ кој се применува за оценка на проектите/капиталните инвестиции , проф. Треновски вели дека треба да се применува и за јавниот сектор – колку определена институција придонесува за јавните пари кои ги добива.

-Не треба да имаме илузија дека ова може да се направи брзо (најавите траат повеќе од една декада), меѓутоа добра почетна позиција е сега, во услови на енергетска, безбедносна, економска криза да се постави, објави среднорочната рамка (календар за промени) за постепени промени (затегање) во периодот кој доаѓа, да знаеме каде се движиме, колку ќе заштедиме и што ќе добиеме – заклучува професорот.

Политичка одлука

Професор Ванчо Узунов/Фото: Архива

– За проценка на мерките потребно е да се знаат конкретните бројки. Колкави се платите и колку вработени би биле опфатени со нив, за да се види какви би биле ефектите. Затоа е потребно Владата прво да ги соопшти мерките кои ги разгледува. Извесно е дека би дошло до одредена заштеда, но ова претставува и своевидна политичка одлука со која Владата покажува дека тргнува од себе и од функционерите при штедењето, со воведувањето на рационализација – смета универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

С.Н.М.