Во услови кога сѐ уште важи констатацијата на многу енергетичари дека „не е помината опасноста од повторена енергетска криза“, од бизнис-заедницата се актуализира ставот дека големите компании со здружени средства може да се организираат и да набават електрична енергија по прифатливи цени, самостојно за свои потреби

Не е помината опасноста од повторена енергетска криза

Повисокото домашно производство на електрична енергија, кое е остварено минатата година, сепак не е на нивото да ја покрие домашната побарувачка од компаниите, кои се принудени и годинава да се снабдуваат на слободниот пазар на енергија. По континуираниот децениски пад на производството на струја од македонските енергетски капацитети, минатата година за првпат имавме почеток на нагорна линија на производството на електрична енергија.

Изводи од годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика

Според годишниот извештај што го објави Регулаторната комисија за енергетика во Македонија во 2022 година, во електропреносниот и електродистрибутивниот систем се влезени вкупно 9.421 гигават-час, од кои 5.639 гигават-часа енергија е произведена од домашните производители, што е за 6,60 отсто повеќе отколку во 2021 година. Во 2022 година се произведени 349 гигават-часа електрична енергија повеќе во споредба со претходната година.
Од Стопанската комора на Македонија во изминатите повеќе од една и пол година неколкупати преку конкретни предлози апелираа на проблемите со кои се соочуваат компаниите што беа оставени сами да се справуваат на отворениот пазар. Поради отсуството на поддршка од државата за големите компании што се носители на индустрискиот, односно економскиот раст, во услови кога не е помината „опасноста“ од повторен недостиг од електрична енергија, се актуализира ставот дека големите компании со здружени средства може да се организираат и да набават електрична енергија по прифатливи цени, самостојно за свои потреби.
Иако има извесно стабилизирање на цените на меѓународните пазари на струја, неизвесноста за снабдување со домашна енергија сѐ е уште присутна, ако се погледне последниот десетгодишен енергетски биланс на земјата. Од 2010 година, кога вкупното домашно производство изнесувало 6.744 гигават-часа, има намалување на 5.634 гигават-часа во 2022 година, со најмало производство на електрична енергија во 2020 година, кога истото тоа изнесувало 5.128 гигават-часа. Најголемо влијание врз ова намалување има производството на ЕСМ „Скопје“, кое во 2022 година изнесува 3.755 гигават-часа и е за 2.722 гигават-часа помало од 2010 година кога изнесуваше 6.476 гигават-часа.
Во производството на електрична енергија во 2022 година најголемо учество имаат термоцентралите со 53,85 отсто, па хидроцентралите со 24,80 отсто, комбинираните постројки 17,17 отсто, па сите други со 4,18 отсто. Причините за намалување на производството во термоцентралите се многубројните дефекти и зголемениот број прекини во работата на РЕК „Битола“, намалување на ископаните количества квалитетен јаглен, приближување кон крајот на животниот век на термоцентралите и несоодветните инвестиции, намалување на ефикасноста во работењето. ТЕЦ „Осломеј“ во последните години има многу мало производство на енергија, пред сè поради тоа што целокупните резерви на јаглен во РЕК „Осломеј“ се веќе искористени. Зголемувањето на производството во 2021 година и 2022 година се должи на набавка на јаглен од надворешни испорачатели – се наведува во извештајот на РКЕ.
Намалување на производството има и кај хидроцентралите, кое зависи од хидролошките услови, и во изминатиот тринаесетгодишен период варира од максималните 2.185 гигават-часа во 2010 година, па сè до минималните 816 гигават-часа во 2017 година.

И енергетската ефикасност треба да биде мерка на компаниите

Кочо Анѓушев, претседателот на Македонската енергетска асоцијација, која работи во рамките на Стопанската комора, пред неколку дена излезе со неколку предлози за избегнување нова енергетска криза. Меѓу повеќето мерки е применувањето на оптималната економска политика за ефикасно вклучување на домашните енергетски капацитети. Во истиот контекст, тој го издвои предлогот да се инвестира повеќе во биогасни централи и повторно да се актуализира инвестицијата во мали хидроцентрали. Исто така, компаниите треба да ја прифатат новата состојба со варијациите на цените во текот на денот и кон набавката на електричната енергија да пристапат во согласност со нивниот технолошки процес, односно набавка по фиксна цена за фиксен процес или менаџирање со потрошувачката во согласност со берзанските цени во текот на денот, што може да води и до заштеди, изјави Анѓушев.
За директорот за развој и стратегија во ЕДС, Златко Черепналкоски, енергетската ефикасност треба да биде една од мерките што компаниите треба да ги преземат во иднина за да обезбедат поголема отпорност кон идни неповолни случувања на енергетскиот пазар,
– Никој не може да каже какви кризи што ги засегаат економските оператори во Македонија можат да се случат во иднина. Доколку, хипотетички, следната енергетска криза би била одново со карактер на доволно ликвиден енергетски пазар, но со нагло зголемени цени на енергентите, тогаш прва мерка што треба да се имплементира и во период без криза е енергетската ефикасност. Следна мерка би била обезбедување сопствени извори на енергија. Најлесен начин, досега искористен од многу индустриски и компании од комерцијалниот сектор, е инсталација на фотоволтаични системи, кои истовремено се релативно евтини за инвестиција. Проектираната 10-годишна просечна цена за произведен мегават-час од фотоволтаичен систем во Македонија би бил во околината на 60 евра/мегават-час. Оваа цена е добар начин да се менаџира индустриското производство во кризни времиња – вели Черепналкоски.
Двете инвестиции (фотоволтаици и батериски системи) можат, но само во ограничена мера, да им помогнат на компаниите доколку се случи другиот тип енергетска криза – со недостиг од енергија на пазарот. Во таков несакан развој проблемот ќе се манифестира не само со недостиг од енергија туку и со многу повисоки цени на енергијата што спорадично ќе може да се набави на пазарот. Вакво сценарио, како што смета Златко Черепналкоски, би било превенирано од самите држави и регулатори со мерки за солидарно споделување на расположивото и солидарно трпење на недостигот – тоа би бил европскиот начин на справување со таков тип криза за каква што на европскиот континент нема голема веројатност да се случи. М.Ј.


За граѓаните има можности од јули да се врати евтината тарифа

Поради падот на цената на струјата на светската берза, вниманието на Регулаторната комисија е повеќе насочена кон враќање на евтината тарифа на струјата преку ден, која беше укината во јануари лани поради енергетската криза. Граѓаните и понатаму користат евтина струја само во текот на ноќта, од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден. Како што вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, досегашните анализи што ги направиле покажуваат дека има можности од јули да се врати евтината тарифа. Бислимоски вели дека цените сега овозможуваат ЕСМ и „ЕВН хоум“ да набавуваат струја на слободниот пазар, со цел да се чуваат ресурсите односно јагленот и водата за зимскиот период, кога не се знае какви ќе бидат цените на струјата.