На што се должат новите поскапувања
Поради малиот волумен на националниот пазар, нашата пазарна економија е фрагилна и лесно се нарушува т.н. пазарна рамнотежа. Во вакви случаи, државата може да реагира. Но, според соговорниците со кои се консултиравме, „тоа мора да биде ограничено само на одредени производи што се од големо значење за исхраната и да трае до стабилизирањето на цените“… На кој начин?
Дали новите поскапувања на цените на прехранбените производи се под влијание на растот на цените во светот или, пак, тоа се должи на домашни фактори? Или, пак, е комбинација на овие два предуслова?!
Имено, драстичното зголемување на цените во малопродажбата е веќе ноторен факт.
Во еден таков контекст, потребата од привремена регулација на цените на прехранбените производи отвори широка граѓанска и експертска дискусија околу тоа колку инфлацијата е резултат на трансмисија на меѓународните цени врз цените на домашните производи и услуги, а колку може да се должи на однесувањето на домашните производители и трговците со цел „максимизација на нивните амбиции за профит“?!
„Фајненс тинк“: Со раст на цените на светско ниво растат и цените на нашиот пазар, но падот на цените во светот не го следи нашиот пазар
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, наглиот пораст на цените на прехранбените производи и енергентите во 2022 година претставуваше голем товар за граѓаните и фирмите.
– Во февруари 2023, Владата воведе мерка за замрзнување на цените на белиот и полубелиот леб, млечните производи, тестенините, овошјето и зеленчукот. Оваа мерка траеше до 30 јуни, заедно со продолжената мерка за ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи. По врвот достигнат во март 2022 година, цените на храната на глобалната сцена, изразени преку ФАО-индексот, забележаа пад од 0,8 отсто во април 2022, и тоа најмногу кај растителните масла и житата, пад што продолжи во остатокот од годината. Од друга страна, во домашната економија, цените за храната и пијалаците продолжија да растат до ноември 2022, со први знаци на стабилизација дури во декември 2022 – велат од „Фајненс тинк“.
Од анализите што тие ги изработиле добиле потврда дека со раст на цените на светско ниво растат и цените на нашиот пазар. Но исто така утврдиле дека со намалување на цените во светот оваа тенденција не се пренесува во иста мера и во Македонија.
– Пресметки укажуваат на застапена трансмисија на глобалните цени на храната во македонската економија. Анализата на трансмисијата од месец на месец укажа дека кога глобалните цени растеа, тие се пренесуваа и од производителите и од трговците, но со многу позасилен интензитет од трговците. Кога глобалните цени опаѓаа, преносот врз македонските цени беше главно оневозможен и од производителите и од трговците, со тоа што повторно улогата на трговците во отпорот цените да се намалуваат беше значајно поголема – укажуваат од институтот.
Оттаму дополнуваат дека импулсните одговори на шоковите во меѓународните и производствените цени на храната процениле дека веднаш, а најдолго во рок од седум месеци, импулсниот одговор како резултат на шокови во ценовниот синџир е поголем кај цените на финалните производи (0,47 п.п.) отколку кај цените на производителите на храна (0,25 п.п.).
– Резултатите потврдуваат дека при трансмисијата на меѓународните цени на храна врз финалните цени во ваков поголем рок, поголема улога повторно играат трговците!
Срамота е да увезуваме кромид, домати и други производи по многу високи цени кога можеме да го произведеме тоа дома
Антикризните мерки што беа воведени во 2022 година помогнаа да се ублажат притисоците врз цените на храната, а преку директни трансфери се понуди и доходна поддршка. Линеарните мерки, како што се намалување на повластената стапка на ДДВ, замрзнување на цените и трговските маржи, како и ослободување од царински давачки, можат да влијаат врз намалување на ефектот на трансмисија на цените на храната. Според ММФ, потребно е да се овозможи соодветна сигнализација на потрошувачите и производителите, со оглед на тоа што ограничената трансмисија може да нанесе поголем притисок врз помалку развиените економии со ограничени фискални капацитети. Во таа насока, фискалната политика треба постепено да ја намали поддршката за линеарни мерки и подобро да ги насочи сите преостанати мерки со цел да дозволи домашните цени да ги одразуваат ценовните сигнали – се посочува во анализата на „Фајненс тинк“.
И според претседателот на Собранието на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, растот на цените е резултат на повеќе фактори, како надворешни така и внатрешни, а од надворешните фактори најзастапени се растот на цените на енергенсите и увезената инфлација од земјите-извознички, но се разбира дека има и домашни фактори.
– Во прв ред растот на платите, кој очигледно е поголем од растот на продуктивноста во земјата, а е резултат на растот на минималната плата и недостигот од работници.
Исто така мораме да бидеме реални и покрај значајните субвенции во земјоделството ние имаме пад на производството на храна и поголем увоз на прехранбени производи. Ако на увезената инфлација не можевме многу да сториме, тогаш на падот на производството на храна мораме да признаеме дека можевме многу повеќе да сториме – посочува Димитров.
Тој додава дека субвенциите што се темелат на засадена површина имаат чисто социјален карактер и воопшто не придонесуваат за зголемено производство. И, за жал, мал е обемот на субвенции на произведени и предадени земјоделски производи.
– Македонија има добри услови за производство на земјоделски производи. Срамота е да увезуваме кромид, домати и други производи по многу високи цени кога можеме да го произведеме тоа дома. Во целата оваа приказна има и една епизода врзана со производителите, прекупците и трговците. Очигледно е дека во овој синџир најмалку заработуваат производителите, а трговците ја користат состојбата на пазарот и ги зголемуваат маржите. И овде може државата да се вмеша, прво може да изгради државни откупни центри и да ги стабилизира цените, а од друга страна да ги ограничи трговските маржи по видови производи – смета Димитров.
Иако сме пазарна економија, вели тој, поради малиот пазар, кај нас лесно доаѓа до нарушување на пазарната рамнотежа и во вакви случаи државата може да реагира, но тоа мора да биде ограничено, само на одредени производи што се од големо значење за исхраната и да трае до стабилизирањето на цените. По истекот на тој период ќе треба да се препушти на пазарните законитости, кои на долг рок претставуваат единствен „правичен“ механизам за регулирање на понудата и побарувачката.