Фото: Архива

Претставници на стопанските комори, бизнис-заедницата и банкарскиот сектор за „Нова Македонија“ ги анализираат најголемите ризици и можни последици врз македонската економија како рефлексија на случувањата помеѓу Русија и Украина. Кои сектори и дејности ќе бидат најпогодени и како ќе се одрази тоа врз трговската размена, но и врз цените на одредени стратегиски продукти

ПОСЛЕДИЦИ ОД РУСКО-УКРАИНСКИОТ КОНФЛИКТ

Руско-украинската криза ќе има влијание врз европската, но, се разбира, и врз домашната економија, негативно ќе се одрази врз глобалниот економски раст, трговијата и цените на енергентите. Но колкаво ќе биде тоа влијание зависи од нејзиното времетраење и методите за нејзино решавање. Упатените велат дека претстои тежок период пред македонските компании и воопшто за економијата, која и онака е истоштена од актуелната здравствена криза.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, конфликтот во Украина ќе има негативно влијание врз македонската економија. Негативностите би биле од директната соработка со овие земји (Русија и Украина), но и индиректна, со намалување на нашиот извоз во Европската Унија, кој ќе биде предизвикан од падот на економијата во Европа.
– Ако кажеме дека нашата трговска размена со Русија е мала, сепак се работи за производи што се доста значајни, како што се гасот и некои суровини за компаниите во ТИРЗ-зоните. Така, покачувањето на цената на гасот ќе предизвика пораст на цената на електричната енергија што ја произведува ТЕ-ТО, со кое во моментот стопанисува државната ЕСМ. Ова ќе предизвика поголеми субвенции од буџетот за одржување ниска цена на струјата за домаќинствата – напоменува Димитров.
Тој вели дека индиректните негативности што ќе настанат поради проблемите во земјите од Европската Унија може значително неповолно да влијаат на нашиот извоз, затоа што Европа е нашиот најголем трговски партнер.

– Ова значи дека негативните последици најбрзо ќе се почувствуваат на компаниите од ТИРЗ-зоните што увезуваат суровини за производство од Русија, но исто така и извезуваат готови производи за автомобилската индустрија во Русија. И ако не се смири ситуацијата или ако ескалира, тогаш ќе има намалување речиси на сите наши извозни производи во европските земји и тоа многу негативно ќе се одрази на економската состојба во земјава – нагласува Димитров.
Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, за „Нова Македонија“ вели дека Руската Федерација е значаен трговски партнер на земјава и во минатата година таа беше дваесеттиот трговски партнер на нашата земја.
– Самото тоа зборува дека руско-украинската криза ќе има влијание врз домашната економија, а колкаво ќе биде тоа зависи од должината на нејзиното траење и начините и методите за нејзино решавање – смета Бешлиев.
Тој додава дека македонските и руските компании веќе подолго време остваруваат трговска размена, која се движи околу 200 милиони американски долари.
– Во изминатите години изостанаа повисоки форми на економска соработка, како што е формирање мешани компании, соработка на заедничко производство, поголеми странски директни инвестиции и слично, па ако се земе предвид сето тоа, тогаш директните штети врз домашната економија не може да ги квалификуваме како „силни“. Но ако се додадат индиректните штети, тогаш е сосема извесно дека претстои тежок период пред македонските компании и воопшто за економијата, која и онака е истоштена од актуелната здравствена криза – потенцира Бешлиев.
Тој очекува најновите настани да влијаат на трговската размена помеѓу двете земји, но во овој момент е тешко е да се предвиди какви и евентуално колкави последици ќе има врз трговската размена со Руската Федерација.

– Владата на Република Северна Македонија досега во рамките на своите можности и приоритети ги поддржуваше компаниите од земјава што сакаат да ги развиваат своите трговски односи со Русија. Најголемата помош, сепак, беше што земјава не воведе санкции за извоз на храна во Русија. Сега се најавува приклучување на земјава на санкциите што ги најавува меѓународната заедница. Апелите од бизнисмените што тргуваат со руските компании се од евентуалните санкции да биде исклучен извозот на прехранбени и фармацевтски производи во оваа земја – вели директорот на МАРУКО.
На краток рок можеби во земјава, како што додава тој, нема одеднаш да дојде до висок раст на цените и проблеми со снабдувањето со енергентите. Поголем дел од набавките е веќе договорен. Но на подолг рок притисокот од сѐ повисоките цени на енергентите ќе стане огромен проблем за земјава и работата на нејзините компании.
– Најавите од руска страна дека Европа ќе мора да плаќа дури 2.000 евра за 1.000 кубни метри природен гас, што е 12 пати повисока цена од пред десетина месеци, потоа растот на цените на нафтата, електричната енергија и на суровините, само сигнализираат какви економски проблеми се во најава. Затоа, и земјава треба темелно да се подготви за овие и многу други индиректни последици што ги генерираат руско-украинската криза и реакциите на светот на неа – појаснува Бешлиев.
Според него, во изминативе десетина години трендот на трговската размена со Русија е континуиран во обем од околу 200 милиони долари на годишно ниво, но важно е да се напомене дека освен лани, поради временските непогоди кај нас, секоја година извозната компонента беше во пораст.
– Трговската размена меѓу нашата земја и Руската Федерација минатата година застанала на бројката од 233,5 милиони американски долари. Добрата вест е што размената меѓу двете држави бележи пораст од 12,4 отсто и е повисока за 25,7 милиони американски долари отколку во 2020 година (207,7 милиони долари). Неповолната вест за земјава е што размената пораснала благодарение на зголемениот увоз, кој придонел за пораст на трговскиот дефицит на страна на нашата држава во размената со оваа земја – истакна Бешлиев.
Според податоците од Комората, македонските компании успеале да извезат стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони долари, а во 2020 година 60,3 милиони долари, што е пад од 5,4 отсто, или вредносно за 3,2 милиони американски долари помалку.

– Но напоменувам дека овој пад се должи на минатогодишното мрзнење на главните земјоделски извозни производи: праските, нектарините и кајсиите. Само како илустрација, извозот на овие производи е околу 15 милиони долари на годишно ниво. Притоа, увозот пораснал за 19,7 отсто. Од Русија е купена стока за 176,3 милиони долари лани, а во 2020 година 147,3 милиони долари – вели Бешлиев.
Тој додава дека на почетокот од овој месец деловни луѓе од шест македонски винарници биле присутни на Националниот штанд на Македонија на меѓународниот саем за храна, пијалаци и суровини за прехранбената индустрија „Продекспо 2022“ во Москва.
– Беа остварени огромен број контакти со руските деловни луѓе, што уште еднаш го потврди интересот за нашите производи на овој пазар. Голем дел компании ги продолжија договорите за испорака на вино во Русија и се пред склучување нови. Лани беа извезени два милиони шишиња вино, а за оваа година предвидувањата се за зголемување на количествата на извоз од 15-20 отсто, но во моментов сето тоа е обвиено со неизвесност, што е еден од клучните проблеми на бизнисот – смета директорот.
Тој напоменува дека традиционално најмногу се увезуваат енергенти од Руската Федерација, нафта и гас, кои всушност и го носат главниот товар на трговската размена. Од друга страна, Македонија речиси повеќе од третина од своите пазарните земјоделски вишоци ги пласира на рускиот пазар.
– Тоа сугерира дека тука може да биде и најголемиот „удар“ за трговската размена на земјава со Русија. Покрај земјоделските, тука се и прехранбената и винската индустрија и фармацевтските производи, кои се гранките што ја сочинуваат главнината на македонскиот извоз. И веќе сме сведоци во земјава на последиците од руско-украинската криза, која се претвора во светска криза, на која во овој момент не ѝ се гледа крајот. Растат цените на енергентите, на суровините, на прехранбените производи и инфлацијата почнува забрзано да расте. Од таквите трендови, земјава тешко ќе може да се спаси. Ќе споменам и еден пример. Русија и Украина се производители на 27 отсто од пченицата во светот. Русија е и најголемиот извозник на пченица. Може да се претпостави какви ќе бидат последиците на цените и производството на храна без овие количества – потенцира Бешлиев.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека геополитичките случувања, вклучувајќи ги и руско-украинските тензии, може неповолно да се одразат врз динамиката на заздравувањето на глобалната економија, како и на глобалните пазари на примарни производи.

– Директната изложеност на нашата кон руската и украинската економија е мала и, оттаму, не се очекуваат позначителни директни ефекти. Сепак, доколку дојде до забавување на глобалниот раст, а особено растот на ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер, тоа може да има одредено неповолно влијание и на динамиката на растот на домашната економија. Трговијата со Русија и Украина учествува со само 2 отсто во вкупната трговска размена на нашата земја. Финансиската изложеност е многу мала, додека странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5 отсто во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор. Само 0,1 отсто од дознаките доаѓаат од Русија и Украина. Сепак, можни се и индиректните ефекти. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито – посочи Ангеловска-Бежоска.