Што е тоа што државата и институциите треба да го направат за да живне стопанството и да им се помогне на граѓаните во услови на криза? Сите држави водат сметка за креирањето на своите економски политики и настојуваат тие мерки и економски политики да бидат еластични и приспособливи токму на потребите на стопанството и граѓаните. Па така, Федералните резерви на САД (ФЕД) се одлучија за пораст на референтната каматна стапка, други земји преземаат други мерки. Но какви се состојбите во Македонија и што се прави кај нас на тој план?

Продолжената економска криза сѐ повеќе ги загрижува компаниите и бизнис-заедницата поради непредвидливоста, но и растот на цените на енергентите и на репроматеријалите. Колку тековните економски случувања, како што е инфлацијата, но и неизвесноста дополнително зголемена со војната во Украина што предизвикува уште поголем пораст на цените може да предизвикаат и раст на каматните стапки на кредитите?
Економиите во светот имаат различен пристап кон затегнување на монетарната политика, односно кон раст на камaтите на кредитите, па така, Федералните резерви на САД (ФЕД) се одлучија за пораст на референтната каматна стапка. Во Македонија, Народната банка неодамна посочи дека каматната стапка засега останува иста, на нивото од 1,25 отсто, со што тековната монетарна поставеност го поддржува кредитирањето на компаниите и граѓаните, односно обезбедува поддршка за натамошно закрепнување на економијата. Се наметнува прашањето дали во следниот период може да се промени монетарната политика, но и дали е можно да се очекува намалување на кредитната активност или позитивните резултати на домашните банки се сигнал дека нема потреба од затегнување на монетарната политика.
Универзитетскиот професор Маријан Петрески објаснува дека засега банките во нашата земја сѐ уште имаат висока ликвидност, но дополнува дека ризиците се зголемени и не ја исклучува можноста во иднина да има потреба од промена во каматната политика.
– Во моментов, каматните стапки на кредитите сѐ уште се водени од високата ликвидност и солвентност на банкарскиот систем, што условуваше нивен постепен пад во последнава деценија. Меѓутоа, ризиците се на сцената, а тоа се главно ризиците сврзани со ефектите од руско-украинскиот конфликт по нашата економија. Оттука, перцепцијата за зголемени ризици од страна на банките кон нивните клиенти, секако дека може да влијае врз цената по која тие обезбедуваат финансирање за нивните клиенти, но не очекувам нагло ефектуирање на тие ризици врз каматните стапки. Вториот аспект е, секако, поставеноста на монетарната политика, која во моментов сѐ уште е олабавена, односно го поддржува постпандемиското закрепнување, кое сега е загрозено од ослабувањето на растот на европскиот континент, нашиот најголем трговски партнер. Според тоа, отсуството на значајни притисоци на страната на побарувачката ќе овозможува и понатаму монетарната политика да биде релативно лабава, што значи дека каматите на кредитите не би растеле по таа основа. Меѓутоа, оперираме во многу неизвесно окружување и не може да се исклучи дека овие околности нема да се сменат или дека нема да настанат нови околности, кои ќе детерминираат поинакво поставување на чинителите во однос на каматната политика – објаснува Петрески.

Од Народната банка на Република Северна Македонија, поточно од Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, неодaмна по разгледување на движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика посочија оти засега остануваат со непроменета каматна стапка.
– На седницата на комитетот беше заклучено дека последните случувања во Украина значително го менуваат глобалниот економски контекст и дејствуваат врз домашната економија. Тие во основа значат нагорен ризик за инфлацијата, а надолен ризик за економскиот раст. Од една страна, видливи се ефектите врз инфлацијата, а од друга страна, веќе се извесни ризиците за забавување на побарувачката поради зголемена неизвесност, воздржаност на домашните субјекти и намалена побарувачка од нашите трговски партнери. Во околности кога инфлацијата претежно е предизвикана од надворешни фактори на понудата, а ризиците за економскиот раст (побарувачката) се надолни, беше одлучено основната каматна стапка засега да остане иста, на нивото од 1,25 отсто. Тековната монетарна поставеност го поддржува кредитирањето на компаниите и граѓаните, односно обезбедува поддршка за натамошно закрепнување на економијата – посочуваат од НБ.
Упатени во монетарната политика, за „Нова Македонија“ потенцираат дека засега нема потреба од промена на монетарната политика во нашата земја, со нагласок дека има други инструменти што може државата да ги примени за справување со кризата.
– Референтната каматна стапка е сигнал за комерцијалните банки дали да даваат повеќе или помалку кредити на населението и на стопанството. Но засега таа останува непроменета, за разлика од САД каде што се зголемија каматните стапки на централната банка, но и таму имаме за и против оваа одлука. Кај нас, Народната банка нема потреба да брза со носење одлука за промена на монетарната политика – вели нашиот соговорник, кој инсистираше на анонимност.

Од Народната банка посочуваат дека ќе продолжат со реоценување на поставеноста на монетарната политика, имајќи ги предвид најновите информации за конфликтот, како и фискалните мерки и последиците од нив врз домашната економија.
– Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, во согласност со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии. Народната банка внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и ако се забележат поизразени притисоци од побарувачката и позначително влијание врз инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со сите инструменти со кои располага. Во однос на движењата во реалната економија, во четвртиот квартал од 2021 година реалниот БДП бележи раст од 2,3 отсто на годишна основа, кој е поумерен во однос на очекувањата. Со овие остварувања продолжи растот на домашната економија, но побавно, во услови на ширење на петтиот бран од пандемијата, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и појавата на првите ефекти од нарушувањата на пазарот на енергија. Гледано за целата 2021 година, економијата бележи реален раст од 4 проценти. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2022 година се делумни и недоволни за согледување на состојбите во целина, а оцената е дополнително отежната и поради кризата во Украина. Податоците за јануари покажуваат натамошен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и мал раст на индустриското производство на годишна основа, по падот во претходниот квартал. Имајќи ги предвид најновите геополитички случувања, ризиците околу проекцијата на растот и економските изгледи за оваа година се во надолна насока.

Солидните движења во монетарниот сектор продолжија и во февруари. Според првичните податоци, во февруари 2022 година, кредитите и депозитите бележат солидни стапки на годишен раст. Растот на кредитирањето на корпоративниот сектор забрзува, при што и понатаму е поизразен во однос на кредитирањето на населението – наведуваат од НБРСМ.
Наедно, Народната банка информира дека дополнителната девизна ликвидност од 400 милиони евра ќе ѝ биде на располагање на Народната банка преку репо-линијата на Европската централна банка (ЕЦБ) уште речиси една година.
– ЕЦБ донесе одлука со која се продолжува можноста за Народната банка за користење на репо-линијата до 15 јануари 2023 година. Репо-линијата е само уште еден заштитен слој, имајќи ги предвид високото ниво на девизни резерви и високата ликвидност на банките, коишто ги гарантираат стабилноста на денарот и макрофинансиската стабилност. Досега, и покрај кризниот период изминатите две години, Народната банка немала потреба да ја користи репо-линијата – посочуваат од НБ.