Предупредувањата дека светот ќе доживее големи турбуленции како резултат на нелогичните потези на западните земји, очекувано, предизвика бурни реакции во
политичките кругови, но стана и предмет на опсежна медиумска опсервација. Во продолжение пренесуваме дел од највпечатливите изјави поврзани со глобалните енергетски случувања

Во европската јавност силно одекна пораката на Кремљ за укинување на санкциите кон Русија како услов за испорака
на гас за Европа

Меѓународната јавност со големо внимание ги следи сите потези на официјалните руски претставници, особено по започнувањето на воениот конфликт во Украина. Во тие рамки, изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека светот ќе доживее големи турбуленции како резултат на нелогичните потези на западните земји, очекувано, предизвика бурни реакции во политичките кругови, но стана и предмет на опсежна медиумска опсервација.
Најверојатно почнува огромна глобална бура. На многу начини, постојат објективни причини за тоа, но има и субјективни причини за оваа бура што почнува, кои се поврзани со апсолутно нелогични и често апсурдни одлуки и постапки на властите во САД, Европа, ЕУ и одделни европски земји – предупреди Песков во интервју за Тасс.

Вртење кон Исток?

Ваквата негова изјава дојде како реакција на санкциите наметнати од САД, ЕУ и некои други нации кон Русија, поради нејзината специјална воена операција во Украина, што предизвикаа скок на цените на енергијата и рекордна инфлација на Западот.
Во оваа ситуација, Русија сè уште успева да ја одржи макроекономската стабилност. За да се постигне тоа, се спроведува мошне интензивна, промислена и доследна работа. Како што вештачки се воведуваат рестрикции на Запад, така трговските и економските односи (на Русија) разбирливо почнуваат да се фокусираат повеќе на Исток – истакна Песков.
Во продолжение, прес-секретарот на Кремљ, кој зборуваше на почетокот на Источниот економски форум во Владивосток, прецизира дека „е целосно неправедно да се каже дека токму сега се свртевме кон Истокот… Азиско-Пацифичкиот Регион отсекогаш бил многу важна компонента за трговските и економските односи и енергетскиот дијалог и други области“.

„Нема гас додека не ги повлечете санкциите“

Медиумите што внимателно ги следат потезите на Москва, а кои најдиректно се одразуваат на енергетскиот и финансискиот пазар на западните земји, со посебен интерес ги пренесуваат изјавите на Песков. Така, „Фајненшл тајмс“ пред два дена објави дека Русија се заканила оти испораките на руски гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1 нема да продолжат во целост додека „колективниот Запад“ не ги укине санкциите кон Москва. Притоа, весникот го цитира токму Песков, кој укажал дека санкциите од ЕУ, Велика Британија и Канада се директен виновник за неуспехот на Русија да испорача гас преку клучниот гасовод, кој испорачува гас од Санкт Петербург до Германија, преку Балтичко Море.
Проблемите со пумпањето гас настанаа поради санкциите што западните земји ги воведоа против нашата земја и неколку компании. Нема други причини што би можеле да го предизвикаат овој проблем со пумпањето – рече Песков, цитиран од новинската агенција Интерфакс.
Според „Фајненшел тајмс“, токму овие коментари на Песков се најострото барање досега од страна на Кремљ, ЕУ да ги повлече своите санкции во замена Русија да продолжи со испораките на гас на континентот.


Ердоган: Санкциите кон Русија се виновни за енергетската криза во ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган обвини дека енергетската криза во Европа се должи на санкциите што европските земји ги воведоа кон Русија поради инвазијата на Украина – теза идентична на онаа што со недели ја изнесува официјална Москва. Тој додаде дека европските земји „го жнеат она што го посеале“ со воведувањето на економските ограничувања на Русија, пренесува „Франс прес“.
Односот на Европа кон господинот Путин и санкциите што ги воведе го доведоа Путин, намерно или не, до точка каде што рече: „Ако го направите ова, јас ќе го направам ова“. Тој користи сè што има на располагање, вклучувајќи го, за жал, и природниот гас – рече Ердоган.
Изјавата на Ердоган доаѓа непосредно по изјавата на портпаролот на Кремљ, Песков, кој изјави дека „санкциите наметнати на Русија“ се виновни за прекинот на испораката на гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1.


Кина против ограничувањето на цената на руската нафта

Кина деновиве јасно порача дека е против ограничувањето на цената на руската нафта, откако министрите за финансии на групата седум најразвиени економии во светот Г7 одлучија да воведат ценовен лимит за да ги намалат руските приходи, што, според нив, би ја спречило Москва да ја води војната со Украина.
Според иницијативата што ја поведоа САД и нивните сојузници Велика Британија, Јапонија и Канада, целта е да се постави цената на нивото што ги покрива руските маргинални трошоци на производство, за Москва да биде поттикната да продолжи да ја извезува нафтата за да нема недостиг на меѓународните пазари, затоа што руските барели не можат да бидат заменети без поголеми потреси на пазарите. Меѓутоа, според планот на Вашингтон, цената не би требало да овозможи добивки за Русија.
Кина, и покрај многубројните повици и инсистирање на САД, одби да ја осуди руската инвазија во Украина и малку беше веројатно дека ќе го поддржи ограничувањето на цената на руската нафта, бидејќи Пекинг настојува да ја обезбеди сопствената енергетска безбедност, која особено последната половина година засилено ја осигурува со увоз на нафта и гас од Русија.
Нафтата спаѓа меѓу глобалните суровини и клучно е да се гарантира безбедност на глобалното снабдување со енергија. Се надеваме дека релевантните земји ќе вложат конструктивни напори да ја олеснат ситуацијата со дијалог и консултации, а не да работат спротивно на тоа – изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовниот брифинг со новинарите.
Кина стана еден од најголемите купувачи на руска нафта, која ја купува за повластени цени, со долгорочни договори, а кои се пониски од оние што владеат на меѓународните пазари, пред да настапи селективното ембарго на Европската Унија на увозот на руската нафта. Во првите седум месеци од годинава, Кина увезла 48,45 милиони тони руска нафта, односно за 4,4 отсто повеќе отколку во истиот период една година претходно. Русија во вториот квартал годинава станала најголемиот доставувач на нафта во Кина, благодарение најмногу на независните кинески рафинерии што нафтата од земјите како Ангола и Бразил ја заменија со руските барели.
Уште во април, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ѝ порача на Европската Унија дека сегашните и идните санкции против Русија може да создадат еден од најголемите шокови на пазарите на нафта, како и дека картелот не може да ги замени руските количества и дека нема да го зголеми своето производство. Би можело да дојде до губење од 7 милиони барели руска нафта и други енергенти на дневно ниво, поради моменталните и идните санкции и други акции.
Цените на руските фосилни горива за извоз се во просек за 60 отсто повисоки од минатата година, а некои земји, како Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати, го зголемиле увозот на фосилни горива од Русија.
Аналитичарите, пак, сметаат дека Индија и Кина би можеле да го попречат спроведувањето на идејата на земјите од групата Г7 за ограничување на цената на руската нафта со ангажирање на своите бродови за нејзиниот извоз. Според аналитичарите, тоа на Русија би ѝ овозможило да ги заобиколи мерките на земјите од Г7 и Европската Унија, бидејќи овие две земји, односно нивните бродови и компаниите во кои се регистрирани, на увозниците би им дале услуги на осигурување и транспорт.