Фото: Игор Бансколиев

Наспроти релативно високите приноси и извозните потенцијали на овој познат македонски бренд, оризопроизводството во Македонија бележи намалување во споредба со златните времиња на кочанскиот ориз, кога тој се бараше на поранешните југословенски пазари

Македонија недоволно ги користи можностите за одгледување на македонското бело злато

Долгата традиција на одгледување на оризот на македонските полиња може да биде голема предност во однос на другите житарици во спроведувањето на националната програма за обезбедување домашна храна. Иако се одгледува на мали површини, главно по течението на реките Брегалница, Злетовска Река, Оризарска Река и Блатечка Река, кои учествуваат со околу три отсто од вкупните површини под житни култури, годишното производство е доволно за задоволување на потребите на македонското население, а наедно се остварува и вишок за извоз. Нашето бело злато претежно се извезува на пазарите во Србија, Албанија, Црна Гора и во другите земји од регионот. Наспроти релативно високите приноси и извозните потенцијали на овој познат македонски бренд, оризопроизводството во Македонија бележи намалување во споредба со златните времиња на кочанскиот ориз, кога тој се бараше на поранешните југословенски пазари.

Во изминатиот десетгодишен период производството на ориз се одржува на константно ниско ниво, поради сѐ помалата заинтересираност на земјоделците, кои традиционално ја одгледуваат оваа култура, но и недоволната поддршка за одгледување на оваа житна култура. Последните години засеаните површини во Македонија се движат од три до 3,5 илјади хектари, и тоа главно во Кочанскиот и Виничкиот Регион, кои се најпогодни за одгледување на оризот. Исто така, и приносот за оваа култура е на европско ниво и се движи меѓу 6.000 и 6.500 килограми по хектар сурова арпа. По обработката на арпата се добива белиот ориз, кој може да се консумира во исхраната на човекот.
– Количеството произведен ориз зависи од квалитетот на зрното во секоја година, поради различните климатски услови. Сепак, тоа што се произведува на македонските ниви ги задоволува нашите потреби. За разлика од азиските земји потрошувачката по жител изнесува околу 120 килограми. Жителите на Македонија имаат поинакви навики во исхраната и повеќе се користат компирот и пченичното брашно и така имаме годишна потрошувачка по жител од шест до седум килограми. Гледано од социоекономски аспект, оризот е евтина житарка во исхраната и со двесте-триста грама може да се приготви добар дневен оброк за едно семејство. Ова значи дека ако го промениме начинот на исхрана ќе се намали и потребата за увоз на пченица, која можеме и да ја произведуваме на нашите ниви – вели професорката Даница Андреевска од Земјоделскиот институт за ориз при УКИМ.

Иако постојат добри климатски услови за одгледување на оризот, Македонија не успева да оствари долгорочен и одржлив развој во производството на оваа житна култура, од која егзистираат меѓу пет и шест илјади семејства од источниот земјоделски регион, претежно од Кочани, Виница, Штип и Пробиштип. Поради отсуството на сеопфатна земјоделска политика, производството на ориз е препуштено на процените на индивидуалните земјоделци. Во нивното производство тие се изложени на постојаната неизвесност од снабдувањето со вода за наводнување, која во последните години претставува сериозен ризик за одгледување на оваа култура. Поради сушните периоди, водата во акумулацијата Калиманци е на ниско ниво. Дополнителен отежнувачки фактор се и високите трошоци на ѓубривата и средствата за заштита на посевите. Слабостите што се провлекуваат со години, а кои се однесуваат на ниската откупна цена од преработувачите, принудија многу млади лица да се откажат од земјоделството и да се вработуваат во други дејности. Сега оризот се одгледува претежно од земјоделци што се на возраст над 65 години и со намалување на нивната работна активност, постои опасност површините со ориз дополнително да се намалат во следните години. Со ова се остава просторот на пазарот да биде покриен со увозен азиски ориз, кој е со послаб квалитет.
Оризот во времето на поранешната југословенска заедница и во годините по нашето осамостојување се одгледувал на површини од 4,5 илјади хектари. Со користењето сортни семиња приносите се зголемувале и покрај намалувањето на засеаните површини. Но проблемот со ниските откупни цени е константно присутен. Тоа беше изразено и минатата година кога земјоделците од Кочанскиот и Штипскиот Регион протестираа против ниските откупни цени на арпата и високите трошоци за производство. Според калкулациите на земјоделците, производната цена на килограм арпа беше меѓу 35 и 38 денари, а таа беше откупувана по пониска цена, која не е доволна за покривање на трошоците за производство.

– Одгледувањето на оризот дава подобра иднина за земјоделците отколку другите видови производство, како што се градинарските производи, кои мора брзо да се потрошат или преработат. Цената на оризова арпа сега е околу 35-37 денари, но килограм ориз во трговските објекти е 70-80 денари. Во услови на криза, храната и натаму ќе поскапува, и тоа е можност за нашето земјоделство. Мораме да работиме на заштита и промоција на нашиот најпрепознатлив земјоделски бренд – кочанскиот ориз, по кој бевме препознатливи во Југославија. Треба да го искористиме нашиот квалитет, кој е многу подобар од азиските видови ориз. Порано нашиот ориз се продаваше во вреќи од по 50 килограми. Сега се намалени на 25 килограми, но за подобар девизен прилив, потребно е преработувачите да го продаваат нашиот ориз во мали пакувања, приспособен на потребите на купувачите. Потребни се мерки што ќе ги вратат младите луѓе на оризовите полиња. Сегашните одгледувачи на ориз се во постари години и нема кој да ги замени. Истото е и во научната сфера, не се поттикнува образованието на високообразовани кадри во овој сектор. Мерките за субвенционирање на оризопроизводството мора да се засилат и да се воспостави подобра контрола при увозот на храна, вели Даница Андреевска.
Од здруженијата на оризопроизводители, во минатогодишната криза на храната и високите цени за производство, побараа и оваа култура да се стави во мерките на Министерството за земјоделство за заштита на растенијата, како што се тутунот и грозјето. Во исто време се бара и Владата да учествува во откупот на вишоците на домашен ориз, како што се прави кај другите земјоделски култури, а кои се дел од стоковните резерви на државата. Во пресрет на заштита на оризопроизводителите од Владата беа одобрени дополнителни три денари по килограм финансиска поддршка за оризова арпа од реколтата од 2021 г. продадена во регистрирани капацитети за откуп.
Од Светската организација за храна ФАО излегоа со процени дека меѓународната трговија со ориз во 2023 година ќе изнесува 53 милиони тони, што е мала промена во однос на февруари и за 5,6 отсто послабо од врвот во 2022 година.

М.Ј.