Како дел од деветтиот пакет антикризни мерки кој Владата го усогласи на денешната седница, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека ќе се субвенционира приватниот сектор, со можност за зголемување на платите од 3.000 до 10.000 денари.
За разлика од претходното законско решение, со кое имаше можност за зголемување на платите во приватниот сектор од 600 до 6.000 денари, Битиќи вели дека новата мерка има неколку ограничувања, но со можност за зголемување на платите од 3.000 до 10.000 денари, а за зголемениот износ на платата работодавачот ќе плаќа само данок на личен доход, а ќе биде ослободен од плаќање придонеси.
Битиќи смета дека оваа мерка директно ќе влијае на намалувањето на неформалната економија и како што рече, дел е од активностите од стратегијата на неформална економија.
-Ограничувањето е дека оваа мерка можат да ја користат сите вработеникои имаат плата до една и пол просечна плата исплатена последните три месеци. Тоа значи дека доколку во декември, ноември и октомври, просечната исплатена плата на вработен не е поголема од една и пол просечна плата, можат да ја искористат мерката во наредните 12 месеци за зголемување во износ од 3.000 до 10.000 денари, кој ќе се договорат со работодавачот. Притоа ослободувањето го добиваат истиот нареден период – рече Битиќи на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во одговор на новинарско прашање посочи дека како поддршка на ученичкиот стандард, Владата ќе субвенционира 105.000 ученици од основно и средно училиште. Министерот појаснува дека со по 1.200 денари ќе се субвенционираат учениците од основно училиште, доколку пак учениците од средно училиште со 1800 денари.
Бесими вели финансиската поддршка се однесува за учениците од ранливите категории на семејства, особено за оние кои се од семејства со ниски примања до две минимални плати, односно 50.000 денари вкупен износ на месечни приходи.
-Со ова се дава дополнителна поддршка во овие услови на криза и мерката ќе се примени во текот на оваа година, од декември и во текот на наредната година, пет месеци. Тоа значи мерката ќе трае од декември до мај – рече Бесими.
Слична мерка е наменета за транспортот на студентите, додава Бесими, и таа се однесува во периодот до јуни месец, затоа што како што рече, студентите имаат обврски и во текот на јуни.
Со деветтиот пакет антикризни мерки, исто така ќе бидат опфатени 105.000 ученици, кои ќе бидат субвенционирани.