Вицепремиерот за економски прашања денеска од редовната седница на на Комисијата за јавно-приватен дијалог порача граѓаните да не се грижат зашто, како што рече, електрична и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима.
Битиќи пред членовите на Комисијата се осврна на планот за производство на АД ЕСМ, потенцирајќи дека е со зголемување од 25 отсто во споредба со мината година.
– Со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција и поради тоа ги уверувам граѓаните дека не треба да се грижат, електрична енергија како и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима – истакна Битиќи.
Тој зборуваше и за новиот правилник за поставување соларни панели, со поедноставена процедура и зголемен опсег на производство од четири на шест киловати за приватни произведувачи или од 40 на 60 киловати за индустриските објекти.
Комисијата за јавно-приватен дијалог ќе стане кризно тело преку кое Владата и бизнис секторот заеднички ќе делуваат во насока на справување со енергетската криза.