Во последниот извештај, Светската банка ги објавува и податоците за џини-коефициентот за сите земји што се опфатени во анализата, при што и податоците за Македонија. Џини-коефициентот во економијата се користи како индикатор за нееднаквост во дистрибуцијата на доходот, а емпириските факти велат дека тој се движи во интервалот од 24 до 63. Какви се бројките за Македонија и за регионот и што отсликуваат тие?
Има забавување на економскиот раст под влијание на економските последици од војната во Украина и придружните санкции, а инфлаторните притисоци (особено цените на храната и енергијата) ќе ги зголемат трошоците за живот и ќе им наштетат на сиромашните и покрај поддршката. Ова се некои од заклучоците на Светската банка за Македонија изнесени во последниот „Економскиот извештај за Европа и за Централна Азија“. Аналитичарите на Светската банка укажаа оти ако војната во Украина се пролонгира, дополнително ќе ја намали надворешната побарувачка на земјава и ќе се зголемат цените на клучните стоки и на енергијата, што ќе ја попречи мобилноста и ќе резултира со одложување на инвестициите. Од Светската банка укажуваат дека земјата треба да ги врати јавните финансии на одржлив пат и да го насочи својот фокус кон решавање на структурните предизвици, вклучувајќи низок и опаѓачки човечки капитал, слаби регулаторни рамки, лоша политика за конкуренција и независност на судството, опаѓање на продуктивноста и миграција.
Во последниот извештај, Светска банка исто така ги објавува и податоците за џини-коефициентот за сите земји што се опфатени во анализата, при што податоците за Македонија говорат дека истиот спаднал на 33 проценти. Џини-коефициентот во економијата се користи како индикатор за нееднаквост во дистрибуцијата на доходот и истиот тој во 2010 година за Македонија изнесувал 43,2 отсто. Земјите во соседството имаат сличен коефициент, при што во Турција е забележан еден од повисоките, 41,9 процент, додека Словенија со 24,4 отсто има најнизок џини-коефициент, кој е најмал и меѓу земјите-членки на Европската Унија.
– Индикатор за согледување на дистрибуцијата на доход меѓу граѓаните на едно општество, со тоа и степенот на доходна нееднаквост е џини-коефициент/индекс/однос. Емпириските факти велат дека џини-коефициентот се движи во интервалот од 24 до 63. Последните податоци од статистиката на Обединетите нации соопштуваат дека Словенија е предводник на долниот праг, група од десет држави во светот со најнизок џини-коефициент, односно најниско ниво на нееднаквост. Боцвана е претставникот на горниот праг, предводејќи ја групата со највисоки џини-коефициенти. Познати се негативните ефекти од т.н. „егалитаријански политики“ во распределбата на доходот во екссоцијалистичките држави. Но сè повидливи се и последиците од неприфатливите разлики во располагањето со доходот во посткомунистичката ера, со либералните и особено неолибералните концепти, кои проповедаат дека пазарот е „непогрешниот“ арбитар во економскиот натпревар, со тоа и за распределбата на доходот и богатството. Нееднаквоста во располагањето со доходот е речиси насекаде висока, со помала непристојност во земји како Чешка, Австрија, Холандија, Словенија, Норвешка, Словачка, Исланд… Може да кажеме дека со исклучок на Словенија, во другите пет држави од групата поранешни југословенски земји демонстрираат мошне голема економска нееднаквост меѓу граѓаните. Населението на петте држави од поранешните југословенски земји имаат двојна несреќа: ниски износи на просечен доход на еден жител и мошне висока нееднаквост во неговата дистрибуција – посочува поранешниот гувернер Петар Гошев.
Економските аналитичари исто така укажуваат оти со развојот на земјите се намалува нееднаквоста во распределбата на доходот и посочуваат оти и во Македонија во последниве години имаме намалување на џини-коефициентот.
– Во последниве години, односот меѓу распределбата на доходот и развојот на земјата добива сѐ поголемо внимание. Голем дел од научната фела се фокусира на хипотезата првично изнесена од Сајмон Кузнец, дека нееднаквоста има форма на превртена буквата У (U), при што нееднаквоста прво се зголемува, а потоа се намалува со развојот на една земја. Земјите каде што се намалува нееднаквоста проследена со економскиот раст имаат повисоки социјални бенефиции и повисоки даноци од земјите каде што нееднаквоста се зголемува. Тие, исто така, имаат подобра контрола на пазарната моќ и повисока регулација на пазарот на трудот. Поверојатно е БДП да има негативна корелација со џини-коефициентот (колку е поблизок коефициентот до 0 толку е помала нееднаквоста во распределба на приходите) во земјите со повисока регулатива на трудот, поефикасна контрола на пазарната моќ, повисоки даноци и повисоки социјални бенефиции. Во согласност со последните објавени податоци за Македонија во базата на Светската банка, џини-коефициентот изнесува 33 отсто во 2018 година и бележи намалување во однос на 2017 година, кога изнесува 34,2 проценти, односно се намалила нееднаквоста во распределба на приходите помеѓу граѓаните на Македонија – велат од здружението за истражување и анализи ЗМАИ.
Универзитетскиот професор Здравко Савески посочува оти во 2022 година, среде забрзувачката климатска криза, мора да почнеме да предизвикуваме многу догми на неолибералната економија, вклучувајќи ја и таа дека економскиот раст значи повисока благосостојба за граѓаните, но и дека поголемата потрошувачка на граѓаните им носи повисока благосостојба.
– Индексот џини, што е мерило за класните разлики во една земја, е важен елемент за благосостојбата на луѓето во тоа општество. Ако распределбата на приходите е нерамноправна, тогаш оние што се долу ќе имаат помалку материјални предуслови за квалитетен живот одошто во случајот кога во општеството има поголема еднаквост.
Дополнително, поизразените класни разлики, во услови кога помалку имотните луѓе сепак имаат релативно висок животен стандард, го поттикнува консумеризмот, односно раѓа незадоволство со тоа што се има, па, парадоксално, опаѓа задоволството од животот. Повеќе емпириски истражувања имаат покажано дека луѓето подобро живеат во општества каде што класните разлики се помали, а и дека самото општество е поинтегрирано. Оттука, пожелно е индексот џини да се движи во вредности помеѓу 15 и 25, при што треба да се има предвид дека вредностите под 10 и над 60 се практично малку можни и дека вредностите на индексот над 40 индицираат силно нагласени класни разлики. Значи, јас би рекол дека нас ни е потребно намалување на класните разлики првенствено заради тоа средствата добиени од прераспределбата на општественото богатство да се искористат за јавни инвестиции и квалитетна заедничка потрошувачка, а не заради фетиширање на економскиот раст и индивидуалната потрошувачка како поттик на економскиот раст и како цел сама за себе. Растот и развојот не секогаш одат рака под рака и тоа, во 2022 г., конечно треба да почнеме да го разбираме – потенцира Савески.