Најновите анализи на холандската бизнис-заедница, со кои се констатира недостиг од стручни знаења и вештини кај македонските работници, ја наметнуваат потребата за барање соодветни решенија заради надминување на овој хроничен проблем. Според бизнис-заедницата и агенциите за посредување при вработување, проблемот со недостиг од квалификуван кадар во Македонија е во системските слабости во процесот на образование, но и во несоодветните политики на вреднување на трудот
НЕДОСТИГОТ ОД КВАЛИТЕТЕН КАДАР ХРОНИЧЕН ПРОБЛЕМ НА ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА
Истражувањето на холандската бизнис-заедница во Македонија покажува дека недоволното ниво на образование и немањето вештини на локално ангажираниот кадар е главен проблем при водењето бизнис. Несоодветниот и необучен кадар, заедно со високиот политички ризик и нестабилност, по што следуваат корупцијата и пристапот до финансии се меѓу позначајните фактори, кои би влијаеле на нивната одлука да го намалат нивното деловно присуство во земјата, во која деловната клима е оценета со 5,4 на скалата од еден до десет. Иселувањето на квалификуваните работници останува еден од најголемите предизвици на пазарот на трудот во Македонија, бидејќи тоа од компаниите беше посочено како исклучително важна причина за недостиг од вештини, се наведува во истражувањето што беше презентирано од холандскиот амбасадор.
Странските компании, но и домашните стопанственици последните години предупредуваат на исклучително неповолната слика на пазарот на трудот во Македонија. Со тешко наоѓање квалитетен кадар се соочуваат и компаниите од индустриските развојни зони, кои имаат отворени конкурси за прием на нови работници. Неодамна, и вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи, отворено предупреди дека над 90 отсто од невработените во земјава се функционално неписмени или нефункционално писмени, а 63 отсто од нив се без основно или со незавршено основно образование.
– Нашето образование не нуди кадар со поседување работни вештини што се бараат од македонските компании, на страната на понудата на пазарот на трудот за потребите на посовремените производни технологии, за кои се заинтересирани и странските компании. Реално ни домашниот образовниот систем и не може да продуцира соодветен кадар за потребите на високите технолошки процеси и тоа треба да се прави во соработка со заинтересираните компании и преку програмите за преквалификации од Агенцијата за вработување и Министерството за труд – вели Миле Бошков, претседател на конфедерацијата на работодавачите.
Во приватните агенции за посредување при вработување проблемот со недостиг од квалификуван кадар во Македонија го гледаат во системските слабости во процесот на образование, но и во несоодветните политики на наградување, со кои се форсира вработувањето во непродуктивните дејности во државниот и јавниот сектор, каде што платите се повисоки во однос на просекот во приватниот сектор.
– Оцената на холандските бизнисмени е дури и повисока од реалната состојба на пазарот на трудот во Македонија. Според моето досегашно искуство, јас би дал оценка „двојка“. Ние немаме доволно обучени работници и за домашните компании, а уште помалку за странските. Оваа состојба сѐ повеќе ќе се влошува. Главна причина за тоа е несоодветниот образовен систем. Со претходните образовни реформи во Македонија се запостави развојот на средните стручни училишта. Сега зборуваме за обновување на дуалното образование, што е недоволно застапено кај нас. Сѐ додека во средните стручни училишта наставната програма во 90 отсто не биде насочена на практична настава, нема да се подобри квалитетот на работната сила. Средношколците, односно идните стручни работници мораат да ги поминат сите процеси на обука низ секојдневна практична настава – ни изјави Раде Ненадиќ, раководител во агенцијата за посредување при работа „Партнер“.
Како што вели тој, младите невработени лица се незаинтересирани да посетуваат некои обуки или курсеви за преквалификација поради ниските плати што им се нудат од страна на фирмите, споредено со примањата во државните институции.
– Ни се случува еден парадокс на пазарот на трудот. Од една страна имаме работници што не поседуваат никакви работни вештини, а од друга страна бараат високи плати. Во исто време тие што поседуваат добри вештини од својата струка им се исплатуваат минимални плати. Тоа ги принудува добрите мајстори и занаетчии да заминуваат во странство на работа каде што се бараат луѓе со високи квалификации. Едноставно во странство компаниите немаат време да ги дообучуваат нашите работници. Тие сакаат добар работник, кој брзо би се вклопил во производните процеси – објаснува Ненадиќ.
Преку Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување во Македонија се спроведуваат повеќе програми за преквалификација и обуки за невработените лица, во согласност со потребите на стопанските субјекти. Така, за работодавачите што имаат потреба да обезбедат квалификувани работници преку обука можат да аплицираат за користење на поволностите од оваа мерка. Од буџетот на државата се обезбедени средства за покривање на трошоците за обуката, а работодавачот е должен да вработи најмалку 50 отсто од лицата од лицата што успешно ја завршиле обуката со полно работно време во времетраење од најмалку шест месеци. Во наредниот период од МТС ќе бидат насочени и кон нови форми на вработување, кои се условени од променливиот пазар на трудот. Од министерството посочуваат дека уредувањето на договорите за вработување е само еден од елементите и измените во новиот закон за работни односи, на кој подолго време се работи.
М.Ј.