Фото: Игор Бансколиев

Негативните последици од руско-украинскиот конфликт ниту ќе бидат привремени ниту ќе нѐ избегнат, а нашата економска „муниција“ за да се справиме со стагфлација од поголеми и подолготрајни размери е значајно ограничена. Според економистите, клинчот за економските политики може да станува само потежок за менаџирање, па неопходни се мудри и разумни потези од сите страни

Непосредно по руската инвазија врз Украина, Владата презеде редица мерки за помош на граѓаните во контекст на ценовниот шок, со цел да се стабилизира животниот стандард, намалувајќи ги даночните и царинските давачки кај производите најизложени на ценовните промени. Но колку овие мерки го дадоа очекуваниот ефект, дали беа добра политика за одбрана од стагфлациски шок, какви разумни потези се потребни, бидејќи допрва последиците уште повеќе ќе ги почувствуваме, на овие прашања, како и за состојбата со која се соочуваме свои експертски видувања дадоа економистите.
– И тогаш и сега сметам дека фискален стимул од овој тип и обем е погрешна политика за одбрана од стагфлациски шок, иако изразив и разбирање дека дизајн на таргетирани мерки ќе бараше повеќе време. Секако, тој стимул ќе влијае во насока на намалување на негативните ефекти од шокот врз доходот на граѓаните, но ризикува да го зголеми инфлацискиот притисок, од две причини. Првата е поради линеарноста на мерките, па помош при купување производи преку намалување на ДДВ добиваат и граѓаните за кои и мала промена во цената може силно да го еродира животниот стандард, но и оние што и со тоа и без тоа можат без проблем да си ја финансираат сопствената потрошувачка. Втората причина е поради фактот што Владата се соочува со притисоци од разни општествени сегменти за пораст на платите, откако тие видоа дека платата на еден ранлив општествен сегмент, примателите на минимална плата, триумфално порасна за 18,4 проценти – нагласува универзитетскиот професор Марјан Петрески за „Нова Македонија“.

Тој додава дека негативните последици од руско-украинскиот конфликт ниту ќе бидат привремени ниту ќе нѐ избегнат, напротив, нашата економска „муниција“ за да се справиме со стагфлација од поголеми и подолготрајни размери е значајно ограничена. Според него, клинчот за економските политики може да станува само потежок за менаџирање, па неопходни се мудри и разумни потези од сите страни.
– Негативните последици се, секако, најголеми за руската економија, поради наметнатите санкции, и за украинската економија, поради военото разорување. Но на удар е економијата на Европската Унија, која сѐ уште е високозависна од трговијата со Русија и од рускиот гас. Тоа е особено случај со Германија, економската локомотива на ЕУ. Макроефектот е негативен и за САД, иако тие во последните години станаа нето-извозник на енергија. Неодамна, кривата на принос во САД стана инверзна, што упатува дека ризикот од стагфлација многу веројатно ќе се материјализира и ќе кулминира во временски распон од 20 до 24 месеци, односно дека последиците од случувањата денес ние ќе ги почувствуваме особено следната 2023 година и потоа – посочува Петрески.
Според Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, априлската инфлација од 10,5 отсто дефинитивно загрижува и тоа е највисоката стапка на инфлација од 1995 година, односно, од хиперинфлацијата од раните 1990-ти.

– Уште повеќе загрижува фактот што инфлацијата забрзува последните два месеца, наместо да забави. Трошоците за живот во април се повисоки од февруарските за 4 отсто, што пренесено на годишно ниво е еднакво на инфлација од 24 отсто. Освен овие краткорочни мерки, Владата мора да преземе и мерки за надминување на увозната зависност кај храната и енергијата. Македонија има потенцијал и за едното и за другото, па Владата мора да почне да инвестира во производство на обновлива енергија и да преземе мерки за поголемо домашно производство на дефицитарните прехранбени производи – смета Јовановиќ
Како што вели тој, паралелно со мерките за стабилизирање на цените, Владата мора да преземе мерки и за зголемување на примањата на граѓаните.
– Мора да се зголемат платите и пензиите, без тоа луѓето дополнително ќе осиромашат, а и економската активност ќе забави – додава Јовановиќ.