Многу економски експерти и меѓународни финансиски организации ја советуваа Владата дека мерките за финансиска помош мора да бидат целни т.е. да бидат насочени кон конкретна група од најранливиот дел од населението. Се разбира дека овде треба да влезат и пензионерите што имаат најниски пензии. Ваквите „совети“ доаѓаа да ја освестат Владата дека нема таква финансиска можност да ги субвенционира сите граѓани и компании
Без целосни и длабоки реформи во економијата, само ќе тонеме во спиралата на рецесијата
Во услови на нестабилна економска состојба, инфлација и пад на стандардот на граѓаните, потребни се мерки од страна на Владата што ќе придонесат за ублажување на последиците од целокупните економски случувања. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна истакна дека ќе бидат креирани мерки да им помогнат на потребите на граѓаните, а најмногу ќе се однесуваат на најранливата категорија на луѓе за закрепнување од кризите, како и мерки насочени спрема пензионерите. Но прашањето е каков вид мерки се потребни? На што конкретно треба да бидат насочени? Со кои економски методи да се заштитат граѓаните на долгорочен план, а да не бидат мерки само за „гасење пожар“? Дали е потребна како мерка финансиска поддршка и колку државата е ликвидна за ваков тип мерка?
Фатмир Битиќи: Има уште да се направи за граѓаните да добиваат достоинствени плати
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, државата е многу подобра од тоа што била пред четири години, но има уште да се направи за граѓаните да добиваат достоинствени плати, независно дали се во јавниот или приватниот сектор.
– Ќе бидат креирани мерки да им помогнат на потребите на граѓаните, и со буџетот за следната година, а продолжува и субвенционирањето на струјата, за најранливите да немаат удар со зголемување на цената на електричната енергија. Една категорија на граѓани што секако ќе биде опфатена во мерките се пензионерите. Затоа што навистина сметам дека реформите што навистина ги започнавме кај пензискиот фонд и пензионерите со нова методологија за усогласување на пензиите даваат ефект, но никој не предвидуваше дека ќе имаме економска криза и секако дека најранливите, тоа се пензионерите, ќе бидат повеќе погодени – нагласи Битиќи.
Каков концепт за помош на граѓаните да развие државата: линеарен или целен?
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, поголем дел мерки треба да отидат кај пензионерите како целна група, но секако и кај другите најранливи – младите итн. Тој вели дека мерките мора да имаат сегмент на солидарност и да бидат правични.
– Многу економски експерти и меѓународни финансиски организации ја советуваа Владата дека мерките за финансиска помош мора да бидат целни т.е. да бидат насочени кон конкретна група од најранливиот дел од населението. Се разбира дека овде треба да влезат и пензионерите што имаат најниски пензии. Ваквите „совети“ доаѓаа да ја освестат Владата дека нема таква финансиска можност да ги субвенционира сите граѓани и компании. Факт е дека висината на буџетскиот дефицит и сѐ поголемата задолженост на државата, како дома така и во странство, ги намалуваат можностите на Владата широкоградо да им помага на сите – посочува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Според него, следната причина да се помага целно, а не линеарно, е што сѐ уште имаме висока инфлација и евентуалното линеарно субвенционирање за зголемените трошоци за храна и енергија ќе ги подгрева инфлациските очекувања во земјава и ќе ја одржува инфлацијата висока на подолг рок.
Ангел Димитров: Стимулирање поголемо домашно производство на прехранбени производи, како и на електрична енергија!
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, упатува интересен предлог до јавноста, а тоа е „стимулирање поголемо домашно производство на прехранбени производи, како и на електрична енергија“!
– Другата опција е паралелно да се влијае на понудата, а тоа значи да се стимулира поголемо домашно производство на прехранбени производи и електрична енергија. Храната во голем процент учествува во вкупните трошоци на домаќинствата и затоа нејзините повисоки цени многу ги погодуваат најсиромашните. Затоа е потребно да ги реформираме субвенциите во земјоделството и да го направиме занимавањето со производство на храна профитабилна дејност – вели Димитров.
Тој нагласува дека истовремено мора да внимаваме на големите јавни трошоци, особено од увоз, кои директно влијаат на задолженоста и на буџетскиот дефицит, и додава дека можеби е време да престанеме со големите инфраструктурни објекти што ќе ни бидат голем товар во буџетот во иднина, кога ќе се враќаат кредитите и ќе се плаќа каматата.
– На крајот, секако е неопходно подобро управување со јавните претпријатија, државните компании, особено „загубарите“ и сеопфатна реформа на институциите. Без тие реформи, тешко дека ќе успееме да оствариме реален раст на животниот стандард на база на зголемена продуктивност, производство и извоз. Без тие реформи само ќе префрламе од „шупливо во празно“ и ќе ги задолжуваме идните генерации – смета Димитров.
Економскиот експерт Здравко Савески додава дека за да може државата посериозно и долгорочно да ги адресира економските проблеми со кои се соочуваат посиромашните граѓани, таа треба да располага со фонд на финансиски средства од каде што ќе влече пари за тие мерки.
– Во услови кога во светски рамки растат каматните стапки, обезбедувањето пари преку задолжување е сѐ помалку прифатлива опција. Затоа, едно од решенијата е акумулирање финансиски средства од каде што ќе влече пари за тие мерки, но и создавање специјализирана државна агенција во која ќе се планираат, антиципираат и менаџираат активности и во финансиската, а пред сѐ во стопанската сфера и ќе се усогласуваат активностите помеѓу државниот и приватниот сектор, со акцент на реалната економија – вели Савески.