Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како суровините, енергијата, транспортот, трговските маржи… ќе ја дообликуваат цената на производот

Резултати од вчерашната сондажа при обиколка на четири поголеми трговски синџири во Скопје и по проверката на цените: во маркетите по први јули цените се непроменети, а однесувањето на трговците и производителите на храна, според познавачите на состојбите во трговијата со храна, може да се протолкува како претпазливост на производителите и на доставувачите со храна, за тоа како би реагирале потрошувачите на евентуалното покачување на нивните производи…

Производителите на храна и трговските компании во првата недела од јули не ја искористија можноста за зголемување на малопродажните цени на основните прехранбени производи. И покрај одмрзнувањето на трговските маржи, но и поради очекуваниот раст на цените поради повисоката цена на електричната енергија, која од овој месец е повисока во просек за 4,5 отсто, цените на поголемиот дел од основните производи останаа непроменети. Производите што до 1 јули беа ставени под режим на замрзнати маржи се продаваа по старите цени, кои важеа и со намалените маржи.
Како што е познато, Владата на крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни. Со одлуката, највисоката трговска маржа за бел леб (сечен на парчиња или цел), бел шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврди во висина до 5 проценти во трговијата на големо и на мало. Највисоката трговска маржа, пак, за брашно од пченица тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, се утврди во висина до 10 проценти во трговијата на големо и мало.

При вчерашната обиколка на четири поголеми трговски синџири во Скопје и по проверката на цените не можеше да се забележат нови повисоки цени за белиот и полубелиот леб, шеќерот, сончогледовото масло, брашното од пченица тип 400 и тип 500, макароните и шпагетите, оризот, трајното кравјо млеко, јајцата, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот. Ваквото однесување на трговците и производителите на храна, според познавачите на состојбите во трговијата со храна, може да се протолкува како претпазливост на производителите и на доставувачите со храна од тоа како би реагирале потрошувачите на евентуалното покачување на нивните производи.
– Цените се непроменети, а немаме и најави за тоа дали ќе се зголемат во наредните денови. Денеска дури имаме и поевтинување на еден вид сирење. Дневните испораки на производите се по истите цени. Некои од трговците, кои имаат и повисоки цени во однос на конкуренцијата, спроведуваат и летни попусти или акции – ни изјави една продавачка во позната фирма, која поседува повеќе маркети во Скопје.

Од споредбата на цените што ја направивме кај поголемите трговски компании во Скопје може да се забележи „усогласеност“ на цените за основните прехранбени производи. Разликите во цените за некои производи се исти како и пред први јули, а главно се однесуваат на производителот, количеството по кое се продава и квалитетот, односно масленоста на одредени млечни производи. Споредбите на цените што ги направивме се однесуваат на продавниците „Стокомак“, „Тинекс“, „Кипер“ и „Кам“. Цените се однесуваат за одреден вид производ, но не и за ист производител, затоа што трговските компании набавуваат производ од различни производители. Така, литар млеко од увоз во „Стокомак“ се продава по цена од 54 денари, јогуртот се продава од 53 до 63 денари, оризот во пакување од 900 грама чини 89 денари, гравот во пакување од 400 грама е 87 денари. Кај истиот трговец, шеќерот се продава за 50 денари, маслото за јадење од различни производители се движи од 63 до 78 денари, брашното тип 400 се продава од 33 денари нагоре. Табла јајца од 30 парчиња се продава за 188 денари, кравјото сирење е од 329 до 380 денари, кашкавалот е над 400 денари, а едно пакување урда се продава за 110 денари.

Во продавница на „Тинекс“, млеко од домашен производител се продава за 65 денари за литар, но на други производители се продава од 58 до 75 денари. Јогуртот чини 74 денари, шеќерот 52 денари за пакување, маслото за јадење чини 76 денари од домашен производител и 68 денари увозно масло за јадење. Брашното тип 400 се продава по 55 денари за килограм, јајцата се продаваат во пакување од десет парчиња по цена од 113 денари. Кравјото сирење од различни производители се движи од 346 до 465 денари, а кашкавалот од 508 до 550 денари.

Во продавница на „Кипер“, литар млеко се продава од 55 до 69 денари, јогуртот за 61 денар. Пакување ориз од прва класа чини 84 денари, гравот во пакување од 900 грама се продава за 179 денари., шеќерот за 52 денари, литар масло за јадење 78 денари, килограм брашно од 31 до 50 денари, пакување од десет јајца за 69 денари. Килограм кравјо сирење е 362 денари, а најниската цена на кашкавалот е 431 денар, пакување урда чини 134 денари.

Литар млеко од увозен производител во „Кам“ се продава за 57 денари, а јогуртот за 60 денари. Килограм ориз се продава од 91 до 95 денари во зависност од квалитетот, шеќерот за 52 денари, маслото за јадење за 78 денари, брашното за 54 денари, табла јајца од 30 парчиња се продава за 178 денари. Килограм кравјо сирење од домашен производител се продава по 415 денари, а кашкавал по 519 денари. Пакување урда чини 157 денари.
– Во продавниците владее шаренило од цени и реално не можам да направам разлика дали некој производ се продава со зголемена маржа. Цените се различни од продавница до продавница, но сето тоа зависи од каков квалитет е производот.

Поголеми разлики има кај цените за млечните и месните преработки и не може да се направи споредба кој е поевтин. За да се набавува поевтино, потребно е да прошетам низ повеќе продавници, но сето тоа одзема време. Затоа, пазарам во поголеми количества за една недела. Избирам производи за кои мислам дека се поквалитетни, цените и така се високи за наш стандард – вели наша сограѓанка.

Од Министерството за економија очекуваат цените на овие основни производи да се утврдуваат според пазарните услови.
– Стабилизирањето на домашните цени е резултат на стабилизирањето на берзанските цени на суровинските компоненти од увоз и цените на електричната енергија – велат од Министерството. М.Ј.