Фото: Маја Јаневска-Илиева

Реформите како генерална интегрална постапка содржат една логична низа плански активности, односно голем број мерки и зафати. Најважните се добро владеење, намалување на митото и корупцијата, борба со сивата економија, потоа доследна примена на донесените закони на целата територија од земјата, промена на стопанската структура и замена на нискоакумулативните дејности со дејности што имаат поголема дополнителна вредност…

Македонија последна во регионот со раст на БДП

Македонија, според проекциите на Светската банка, има најнизок економски раст во регионот, 1,8 отсто за 2023 година. Највисок економски раст во 2023 година има Црна Гора од 4,8 отсто, потоа Албанија – 3,6, Косово – 3,2, Хрватска 2,7 отсто, Босна и Херцеговина 2,2 отсто и Србија 2 отсто. И следната година не се очекува да имаме висок раст, околу 2,5 отсто, и повторно ќе бидеме на дното во регионот. На што се должат ваквите проекции, како да го забрзаме растот од наредната година? Кои фактори се важни за да имаме раст на економијата? Какви структурни реформски политики ни се потребни за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението, разговаравме со неколку економски експерти.

Димитров: Да создадеме услови за добро инвестициско опкружување

Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, во економијата е познато дека стандардот на граѓаните во една држава зависи од оствареното производство по жител т.е. од продуктивноста.
– Продуктивноста, пак, зависи од нивото на вложениот капитал, и тоа не само денес туку и во изминатите години. Оттука јасно произлегува дека за зголемување на стандардот на граѓаните ни е потребен подолг период во кој стапките на раст би биле двоцифрени (или барем околу 4 или 5 отсто). Главното прашање е како во едно пазарно стопанство да се обезбедат повисоки инвестиции. А инвестициите може да бидат јавни (во инфраструктура, патишта, брани, енергетски објекти и слично), приватни (кои ги прават граѓаните) и инвестиции на претпријатијата – укажува Димитров.
Тој додава дека поради зголемената задолженост, можноста за поттикнување на развојот преку јавни инвестиции е сѐ помала и затоа е многу е поважно како да ги зголемите приватните инвестиции и инвестициите на компаниите.
– Со една реченица кажано, одговорот би бил – да создадеме услови за добро инвестициско опкружување. Но токму тоа содржи една логична низа плански активности, односно голем број мерки и реформи. Најважни се добро владеење, намалување на митото и корупцијата, борба со сивата економија, потоа доследна примена на донесените закони на целата територија од земјата, промена на стопанската структура и замена на нискоакумулативните дејности со дејности што имаат поголема дополнителна вредност. Наедно, од големо значење се поттикнување и развој на претприемаштвото и либерализација на увозот на работници, за да се намалат негативните ефекти од стареењето на населението и заминувањето на младите од земјата – потенцира Димитров.

Растот на економијата и на стандардот е тесно поврзан со образованието

Коренити реформи во образованието, според него, се една многу битна реформа, со која ќе се понудат адекватни стручни кадри со повисок квалитет на знаење, како и реформи на институциите и неефикасната бирократија, владеење на правото и ефикасно решавање на судските спорови. Тој го споменува и развојот на земјоделството и производството на храна, преку промена на политиката на субвенционирање на земјоделството, како една од клучните алатки.
– Сакам да истакнам дека зголемувањето на инвестициите едновремено бара помал раст на потрошувачката. Од друга страна, свесни сме за партизацијата на општеството и фактот дека секоја политичка партија настојува да ги зголемува социјалните трансфери и да го одржува социјалниот мир. Затоа, се плашам дека некоја партија е подготвена да направи непопуларни реформи, кои во овој момент нема да им се допаднат на граѓаните, но на долг рок ќе овозможат економски раст и раст на животниот стандард на граѓаните – појаснува Димитров.