Најновите анализи на ММФ предвидуваат дека иако омикрон-сојот на коронавирусот ќе влијае на активноста во првиот квартал на 2022 година, овој ефект се очекува да избледи, почнувајќи од вториот квартал. Случувањата на глобално ниво се многу важни и за македонската економија, бидејќи се пренесуваат директно и брзо, објаснуваат економистите, кои даваат и свои сугестии што треба да се преземe на домашен план за да се поттикне растот на економијата

ММФ ГИ РЕВИДИРА ПРОЕКЦИИТЕ ЗА РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА

Светската економија се соочува со повеќе предизвици што го кочат закрепнувањето. Растот е забавен бидејќи земјите се соочуваат со прекини во снабдувањето, раст на инфлацијата, постојана неизвесност и раст на задолжувањата, дополнето со новиот сој на коронавирусот, поради кој се чувствува недостиг од работен кадар. Ова се некои од причините што го закочуваат економското закрепнување, а на кои укажуваат претставниците на Меѓународниот монетарен фонд.
– Континуираното глобално закрепнување се соочува со повеќе предизвици, бидејќи пандемијата влегува во третата година. Брзото ширење на варијантата омикрон доведе до обновени ограничувања на мобилноста во многу земји и зголемен недостиг од работна сила. Нарушувањата на понудата сè уште влијаат на активноста и придонесуваат за повисока инфлација, додавајќи ги притисоците од силната побарувачка и зголемените цени на храната и енергијата. Покрај тоа, рекордниот долг и зголемената инфлација ја ограничуваат способноста на многу земји да се справат со обновените нарушувања. Некои предизвици, сепак, би можеле да траат пократко од другите. Се чини дека новата варијанта не предизвикува толку тешка клиничка слика како претходните соеви, а рекордниот пораст на инфекции се очекува да се намали набрзо. Според тоа, најновата светска економска перспектива на ММФ предвидува дека иако омикрон ќе влијае на активноста во првиот квартал на 2022 година, овој ефект ќе избледи, почнувајќи од вториот квартал – пишува Гита Гопинат, главна економистка на ММФ, во својата последна анализа.
Претставниците на ММФ посочија дека глобалните предизвици ќе имаат поголемо влијание врз економските резултати, поради што очекуваат растот на светската економија годинава да достигне 4,4 отсто, што е за 0,5 процентни поени пониско од претходните прогнози. Истакнуваат дека намалените проекции главно се должат на намалувањето на проекциите за раст на економиите на САД и на Кина, но потенцираат дека прекините во снабдувањето доведоа до опаѓање на економските изгледи и за други земји, како што е Германија. ММФ најавува дека светскиот раст ќе забави до 3,8 проценти во 2023 година.
Домашните економисти укажуваат дека намалувањето на проекциите за раст на светската економија било очекувано поради повеќе фактори, но исто така посочуваат што може да преземат домашните власти за да се ублажат влијанијата од светските предизвици.

– Ревидирањето на глобалниот раст на нешто пониско ниво од она што првично се очекуваше е последица на неколку фактори. Прво, тоа е тековниот бран од сојот омикрон, којшто има широка распространетост, иако поблаго дејствува врз заразените, но оневозможи претпазливоста во живеењето и работењето да се намали. Втор фактор се последиците од претходните бранови за економијата, кои видливо се манифестираат преку создавање тесни грла во синџирите на снабдување. Со порастот на потрошувачката, понудата во многу индустрии не можеше брзо да одговори, поради што се создаде нерамнотежа, која притисна врз цените. Овие притисоци во декември и во јануари благо попуштија, но сѐ уште се присутни на значаен начин. Третиот фактор се растечките цени на енергентите, кои не се директно поврзани со пандемијата, меѓутоа како важен инпут во производниот процес, тие може да го подјадат растот. Лошата дополнителна вест е што ценовните притисоци што доаѓаат од страната на енергентите ќе се задржат веројатно подолго од тоа што се очекуваше првично, а нивните преносни ефекти веќе нашироко ја отвораат дебатата дали, кога и колку треба да реагираат централните банки. Тоа значи дека е неопходна особена будност во тој поглед. Но да имаме предвид дека евентуален пораст на каматните стапки може дополнително неповолно да влијае врз закрепнувањето – укажува универзитетскиот професор Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Петрески потенцира дека сите овие случувања на глобално ниво се многу важни за нас, бидејќи се пренесуваат кај нас директно и брзо, како мала и отворена економија, која е зависна од глобалните и особено од европските трговски и финансиски текови.
– Некои од овие ризици се вкалкулирани во проектираната стапка на раст на нашата економија за 2022 година, која се движи околу 4 проценти, колку што изнесува и нашиот проценет потенцијален производ. Меѓутоа, интензивирањето на овие неповолни фактори и нивното продолжено траење, секако, може да притисне негативно врз БДП и да завршиме со пониска стапка на раст, што ќе може да го процениме во текот на годината, односно во моментот сѐ уште е многу рано – вели Петрески.
Професорот посочува дека домашните власти можат да влијаат преку инструментите на фискалната политика за да испорачаат повисок раст, потенцирајќи дека тоа се прави преку капиталните инвестиции, но и преку создавање амбиент за инвестиции на приватниот сектор.

– Првенствено, тоа се капиталните инвестиции во буџетот, кои се проектирани годинава на највисоко ниво, меѓутоа од искуство знаеме дека реализацијата редовно потфрла. Значи, потребна е работа за поголема реализација. Второ, државата мора да продолжи да создава амбиент во кој приватниот сектор ќе презема повеќе инвестициски иницијативи, вклучително искористувајќи го и поголемиот и поповолен плик од финансиски можности што му стојат на располагање, а за тој амбиент е потребно структурните реформи да се стават на брза патека и да не се ставаат исклучиво во врска со процесот на преговори со ЕУ, кој си има свои предизвици – појаснува Перески.
Во анализата на економистката од ММФ, Гопинат, меѓу другото се посочува дека во тековната 2022 година се очекува да продолжи зголемениот ценовен притисок и да трае подолго од претходните очекувања. Таа укажува дека „нерамнотежата на понудата и побарувачката ќе се намали во текот на 2022 година, врз основа на очекувањата на индустријата за подобрена понуда, бидејќи побарувачката постепено се ребалансира“. Но исто така се потенцира дека цените на енергијата и храната ќе растат со поумерени стапки, а инфлацијата да падне во 2023 година.
– Прогнозата е предмет на висока неизвесност и ризиците севкупно се надолни. Појавата на посмртоносните варијанти од коронавирусот може да ја продолжи кризата. Стратегијата на Кина за нулта заболени од ковид може да ги влоши нарушувањата на глобалното снабдување, а доколку финансискиот стрес во секторот на недвижностите во земјата се прошири на пошироката економија, последиците ќе се почувствуваат широко. Изненадувањата со повисока инфлација во САД би можеле да предизвикаат агресивно затегнување на монетарната политика од страна на Федералните резерви и нагло заострување на глобалните финансиски услови. Зголемените геополитички тензии и социјалните немири, исто така, претставуваат ризици за изгледите – потенцира Гопинат во својата анализа.
Таа додава дека за да се одговори на тешкотиите со кои се соочува светската економија, од витално значење е да се обезбедат широко распространета вакцинација, тестирање и пристап до терапевтски средства. Исто така посочува дека на национално ниво, политиките треба да останат приспособени на специфичните околности на земјата, вклучувајќи го степенот на закрепнување, инфлациските притисоци и расположливиот простор за политики. Гопинат потенцира дека фискалната и монетарната политика ќе треба да работат во тандем за да се постигнат економските цели.