Падот на прометот на индустриското производство е многу негативен показател. Без поттик и развој на индустријата ќе имаме уште поголеми проблеми со економскиот раст и со БДП, со извозот, трговскиот дефицит, а понатаму и со буџетот и финансиската стабилност на земјата… Неопходни се интеграција на планирањето, соработка со државата, соработка со науката и истражувачките институти…

Пад на прометот на индустриското производство од 12,8 отсто за една година

Голем пад е забележан кај прометот во индустријата во текот на јануари 2024 година, споредено со истиот месец минатата година. Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, индексот на прометот во индустријата во јануари 2024 година изнесува 87,2, што всушност покажува дека индустријата има пад од високи 12,8 отсто.
Според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, бележи опаѓање кај интермедијарните производи, освен енергијата за 7 проценти и капиталните производи за 25,1 отсто. Додека пораст бележи кај трајните производи за широка потрошувачка за 1,9 процент и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 8 отсто, покажуваат податоците на ДЗС.

Информацијата на Државниот завод за статистика алармира

Според извештајот на Државниот завод, намален е прометот во индустријата, и на месечно ниво, и тоа за 14,5 отсто во јануари, во споредба со декември минатата година. Прометот во индустријата на домашниот пазар, во јануари 2024 година, во однос на декември 2023 има пад од 28,8 отсто.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, укажува дека падот на прометот на индустриското производство е многу негативен показател за земја како што е Македонија со степен на економски развој каде што индустријата, извозот и конкурентноста се основа за повисок економски раст и зголемување на стандардот на граѓаните.
– За разлика од нас, богатите држави, кои издвојуваат десет пати повеќе во истражување и развој можат растот да го темелат на способноста на иновации и производство на нови софистицирани производи и услуги со голема додадена вредност. Интересно е да се истакне дека ние како општество се наоѓаме во некоја фаза каде што сакаме да имаме плати и стандард како развиените држави, а нашата стопанска структура е многу поразлична од нивната – вели Димитров.
Затоа, додава тој, треба да сфатиме дека индустријата е многу важна и без нејзин развој ќе имаме уште поголеми проблеми со извозот, трговскиот дефицит, а понатаму и со буџетот и финансиската стабилност на земјата.

Партизираноста и политикантството – надвор од индустријата!

– Причините за падот на индустријата се многубројни и ќе набројам само неколку, кои сметам дека во овој момент се најважни. Ние сме многу политизирана земја каде што политиката влијае врз животот на граѓаните, но и на бизнисот. Нестабилноста на политиките, политичките кризи и нестабилноста влијаат на одлуките на бизнисмените за натамошниот развој на нивниот бизнис. Институциите не само што се огромни и многубројни и трошат голем дел од буџетот, тие се неефикасни, немотивирани и бирократските процедури ги прават уште посложени отколку што се во законите – посочува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Според него, и кризата во Европа, предизвикана од војната во Украина, и падот на побарувачката кај нив, директно се одразуваат на нашите извозни компании, кои не можат за краток рок да најдат нови пазари и купувачи.
– Исто така, зголемените каматни стапки, воведени со цел да се намали инфлацијата, директно влијаат на одлуките за инвестирање, а со тоа се спречува набавката на современа технологија и опрема што ќе ја зголемат продуктивноста и ќе ја зголеми нашата конкурентност на светските пазари. Не случајно многу економски експерти советуваа „благо приземјување“ затоа што премногу рестриктивната монетарна политика секако дека води до намалување на инвестициите и намалување на економскиот раст – истакнува Димитров.
Како што вели тој, Македонија се соочува веќе подолг период со недостиг од стручна работна сила. Пазарот на трудот е нефункционален, а образованието не произведува квалитетен кадар што му е потребен на нашето стопанство, административниот товар што го трпат нашите компании, споменува тој, е сѐ поголем и поголем, а при носењето на законите никој не води сметка за тоа.
– Правната несигурност и непочитувањето на законите се исто така една од причините за песимизмот кај бизнисмените да инвестираат и да го шират своето производство. Многу наши фамилијарни компании поради смената на генерациите го затвораат своето производство и компании, затоа што младите наследници не сакаат да го одат патот на своите родители – објаснува Димитров.
Тој смета дека нашите влади не треба да донесуваат разни стратегии и планови, кои се полни со желби, без конкретни мерки и промени што треба да ги решат сите овие прашања.

Планирање, соработка со државата, соработка со науката и истражувачите…

Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, повеќе состојби се испреплетуваат како причини за намалување на индустриското производство.
– Вообичаено кон крајот на календарската година индустријата се подготвува и планира освојување на пазарот со нови производи, кои содржат обновени содржини, квалитет, современ изглед и технологија, со нови потрошувачки и консуматорски трендови, кои претходно се комуницираат и адаптираат врз основа на истражување на пазарот потрошувачи. Оттука индустриското производство се намалува и се бара секоја маркетиншка и продажна можност да се продадат последните заостанати количества и резерви – објаснува Бошков.
Тој додава дека влијае и намалената потрошувачка моќ на потрошувачите и вообичаените потрошувачки калкулации кон крајот на годината, кои директно влијаат врз планирањето на производството. Дополнително големо директно и индиректно, но поврзано влијание има и снабдувањето со енергија и енергенти поврзани со производството.
– Конкретно во нашата земја, традиционално „изборната производствено-потрошувачка“ психологија (стил на работење базиран врз одредени потреби на релацијата јавен – приватен сектор) директно влијае врз економијата и индустриското производство. Како и континуирано зголемување на присуство на интермедијарни производи, кои се директна конкуренција на одредени готови производи на пазарот – нагласува Бошков.
Според него, еден од проблемите на кои поголем дел од управителите и сопствениците не се фокусираат е следењето на глобалните трендови поврзани со заштита на потрошувачите, навики, однос кон животната средина, однос кон вработените, етика и ред други стандарди што ја обезбедуваат долготрајната доверба кај трговските партнери и потрошувачите.
– Дополнително, ниското ниво на практикување на трудово право во работен однос и врз основа на тоа ниско ниво на продуктивност и исполнителност. Намалено ниво на инвестирање во нови технологии, кои би можеле да го намалат глобалниот трошок во индустриското производство (секако поврзано со пристап до финансии, зголемени каматни стапки за кредитирани инвестициски циклуси). Комплицирани процедури и достапност до евтини ресурси и материјали. Слабо присуство и презентација пред глобалниот пазар. Ниско постигнување на оптимално ниски трошоци за производство на производи и репроматеријали, се дел од проблемите со кои се соочува овој сектор – укажува Бошков.
Тој смета дека за да се крене индустријата „на нозе“, потребни се планирање, потоа соработка со домашни или интернационални партнери, поточно индустриско-производствени партнерства (типична бизнис-паметна стратегија и активност исклучиво зависна од капацитетот на индустрискиот производител), соработка со државата, соработка со науката и истражувачи на пазарот, истакнување на важноста на потрошувачот и партнерот. Потоа дигитализација на сите процеси (добивање намалени трошоци, безбедност, продуктивност, слободно време за креативно процесирање, ослободување од застарени процедури, контрола итн.).