По најавите од Русија за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија, од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) велат дека цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за земјава, со што техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава има.
-РКЕ во континуитет ја следи состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот.
Според достапните информации со кои располагаме „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас – вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Од комисијата упатуваат на нашата легислатива според која согласно членот 13, став (7) од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.
-Што значи дека сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво – додава Бисломоски.