Фото: Игор Бансколиев

Усогласувањата на пензиите со трошоците на животот, како и адхок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на животот и, оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“

АНАЛИЗА НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЕКОНОМСКИ АНАЛИЗИ „ФАЈНАНС ТИНК“ ВО ВРСКА СО БАРАЊАТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ

Институтот за економски анализа „Фајнанс тинк“ направи подлабока експертска анализа во врска со „барањата на пензионерите за зголемување на пензиите заради усогласување со порастот на трошоците“, а сето тоа доведено во корелација со т.н. „макростабилност на пензиските финансии“.

„Фајнанс тинк“: Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување

Во анализата се наведува дека „зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на животот и просечната плата, е неопходно да се гледаат од призма на макростабилноста на пензиските финансии. Порастот на пензиите зависи од тоа дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите сега и во иднина. Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“.
Исто така во анализата на „Фајнанс тинк“ се констатира дека „во услови на зголемени трошоци за живот, од особена важност е да се задржи животниот стандард на граѓаните. Во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци и пензиите, клучно е нивното усогласување со порастот на трошоците на живот. Усогласувањата на пензиите со трошоците на животот, како и адхок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на животот и, оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите“.

Дефицит на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, особено кога тие беа големи и особено во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурурвање. Дефицитот во пензискиот фонд не може да се покрие од изворни приходи – придонеси на плати, поради што дополнување прави централниот буџет. Во уделот на буџетските „дотации“, во вкупните приходи на ФПИОСМ се забележа драматичен раст, кој достигна кулминација во 2017 година и изнесуваше 43,6 отсто. Тоа означува дека речиси половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата, односно се на товар на општото оданочување, што имплицира дека голем дел од расходите за пензии покриваат плаќачите на даноци, од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на пензискиот фонд, затоа што не се во осигурен работен однос. Со реформата на пензискиот систем од 2019 година, која меѓу другото подразбираше и мало зголемување на стапката на пензиските придонеси во две последователни години, неодржливата патека на ФПИОСМ запре и уделот на буџетските во вкупните приходи почна да се намалува и моментално се движи околу една третина.
Оттука, за стабилноста на пензиските финансии и за добросостојбата на сегашните и идните генерации, вклучувајќи и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи патеката на стабилизација на Фондот за пензиско осигурување.
– Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени – посочуваат од „Фајнанс тинк“.
Авторите на оваа анализа забележуваат дека интензивирањето на барањата од страна на разни општествени групи за пораст на примањата (плати, пензии и сл.) е во еден дел наедно од порастот на трошоците на животот, што е легитимно барање, но во друг значаен дел од поттикнувањето реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста.
– Треба да бидеме свесни дека во друг значаен дел барањата за значајно повисоки пензии и воопшто плати на разни општествени сегменти и институции произлегоа од постојаното поттикнување реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста. Да се навратиме на предизборните ветувања, во кои високи минимална и просечна плата беа централни на сегашната владејачка партија и со тоа се создава илузија дека платата може да расте без поголем труд, залагања, вложувања, вредност, што како тема е многу приемлива во нашето поднебје. Но економската теорија е кристално јасна: повисока плата што не е придружена со повисока додадена вредност ќе донесе само повисоки цени и ништо друго.
За споменување е втората причина за овој наплив на барања за повисоки примања, а тоа е секако одлуката на Уставниот суд – и последователниот молк од страна на Владата – со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78 отсто – вели Благица Петрески, извршната директорка на „Фајнанс тинк“.
Според Државниот завод за статистика, вкупната стапка на сиромаштија е 21,8 отсто. Кај пензионерите стапката на сиромаштија е седум отсто, кај децата 30,3 отсто, самохраните родители (41,6 отсто) и многудетните семејства (45,6 отсто). Кај лицата над 65 години што живеат како самци има стапка на сиромаштија од 4,1 отсто. М.Ј.