Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека ова се прави во интерес на граѓаните, дека не станува збор за ребаланс, туку за реалокација, зашто приходите и расходите во буџетот остануваат исти, но парите се префрлаат од едно место на друго. Така, капиталните инвестиции се претворија во феномен што наместо да вдахнува живот и динамика за македонската економија, поради кратењето, ја намалува и шансата на националната економија да фати приклучок со поразвиените европски економии…
Приходите и расходите во буџетот остануваат исти, но се кратат 300 милиони евра од капиталните расходи
Иако инвестициите во капитални проекти значат живот за македонската економија, сепак тие со децении не се реализираат според предвиденото, што стана како хроничен проблем. Оваа година во буџетот беа предвидени 790 милиони евра за капитални инвестиции, но со ребаланс на буџетот, Владата скрати 300 милиони евра од капиталните расходи. Иако на почетокот на 2023 година беше најавена агресивна политика за јавни инвестиции, сепак полугодишните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека има институции што имаат нула реализација, а најголем дел од министерствата не успеале да остварат ниту една третина од планираните капитални расходи во период од шест месеци.
Според Министерството за финансии, од ресорите што располагаат со милионски износи за капитални инвестиции, со најниско ниво на остварување се Министерството за одбрана, кое од расположливите речиси 102 милиони евра во првата половина од годината потрошило околу 22 отсто, Министерството за внатрешни работи од 14,5 милиони евра за капитални расходи реализирало 22,7 отсто, Министерството за земјоделство од 15,5 милиони евра за инвестиции потрошило 22,4 отсто, Министерството за надворешни работи од планираните 521.000 евра реализирало само 12,07 отсто. Министерството за финансии од речиси 10 милиони евра за шест месеци потрошило 20,7 отсто, Министерството за труд и социјална политика реализирало 32,2 отсто, а Министерството за образование од речиси 30 милиони евра за капитални расходи потрошило близу 27 отсто.
Не само оваа година, туку наназад петнаесетина години, капиталните проекти не се исполнуваат во согласност со плановите во буџетот на почетокот на годината и стана пракса секоја влада да ги крати средствата за капиталните инвестиции, увидувајќи дека немаме толкав капацитет за комплетна реализација со првичниот план.
Прашањето е како да се насочуваат средствата кон проектите со поголема реализација и да има функционален механизам.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, вели дека ова се прави во интерес на граѓаните, дека не станува збор за ребаланс, туку за реалокација, зашто приходите и расходите во буџетот остануваат исти, но парите се префрлаат од едно место на друго. Тој вели дека се кратат пари кај оние капитални проекти што побавно се реализираат.
– Капиталните инвестиции се еден од клучните приоритети во владината програма. Се менува структурата на расходите во буџетот со акцент на капиталните инвестиции. Во последните две години, буџетот се подготвува според златното правило, односно капиталните инвестиции се на повисоко ниво од буџетскиот дефицит. Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството – вели Бесими.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески на прашањето зошто се кратат капиталните инвестиции со првиот ребаланс вели дека тоа е вообичаена пракса со години и не е изненадување, бидејќи при првото креирање на буџетот се планираат високи капитални инвестиции за да се промовира развоен буџет, но потоа до ребаланс се врши кратење, бидејќи капацитетот за реализација се движи околу 450 милиони евра годишно и е определен од капацитетите за соодветно планирање, тендерирање и сл.
– Лично не гледам причина да се постапува така, да се надувуваат вештачки планираните капитални инвестиции, но таква е праксата во последниве 15 години. Тешко ни одеше да отвориме дебата за квалитетот и приоритизацијата на капиталните проекти на државата, наместо за нивниот наводен квантитет. Да имаме предвид дека годинава тие ќе бидат повисоки и поради почетокот на изградбата на Коридорите 8 и 10д, но ако го изземеме тоа, набљудувано по институции повторно ќе ја видиме истата слика, бидејќи нивниот капацитет за реализација во меѓувреме не се сменил драстично – посочува Петрески.
Според него, дополнителна работа што во сегашниов контекст треба да се има предвид е дека се наоѓаме во инфлаторно опкружување, во кое однесувањето на буџетот е многу важно.
– Невнимателни трошења за тековни потреби, и особено на товар на развојните потреби, може да оневозможат каматните стапки да се симнат во разумен период – смета Петрески.
Стопанска комора на С. Македонија истакнува дека кога се гледаат бројките можеби навидум стопанството и јавноста ќе речат во ред, има остварувања, меѓутоа, за нив, е многу битно да има целосна реализација, односно завршница на проектите.
– Има неколку проекти што сѐ уште се на хартија, за кои и европските институции и нашата државна ревизија имаат забелешки, дали од административна или од техничка природа или слично. Меѓутоа сметаме дека државата треба да изгради една заедничка стратегија за инфраструктурата каде што сите политички чинители и други фактори што се битни во овој круг ќе бидат инволвирани во процесот, сѐ со цел сите да бидат вклучени во целосната реализација на поставеното – појаснуваат од комората.
Оттаму додаваат дека треба да се преземат сите активности за максимизирање на реализацијата на капиталните инвестиции во земјава, со максимално вклучување на домашните компании.
– Треба да се форсираат јавните инфраструктурни трошења, кои ќе имаат ефект врз државата. Никому во државава не му е јасно зошто не се градат патиштата за кои има проекти, отпочнати се и за кои има кредити на располагање – велат од комората.
Бизнис-секторот бара од власта да покаже поголема храброст во реализацијата на капиталните проекти, а помалку да троши за работи што генерираат долгови, а не носат додадена вредност, да не страдаат капиталните проекти за сметка на социјалните и непродуктивни трошоци.