Фото: Игор Бансколиев

Оние што се истрошени во трудоинтензивните дејности, за нив може да се направи мерка да одат порано во пензија од предвидениот рок. Има луѓе што се чувствуваат подготвено и способно за работа, особено кога би можеле дополнително, покрај пензијата, која ја имаат како стекнато право, да добиваат приходи и да го полнат буџетот со сите социјални придонеси и персонален данок

Се зголемува старосната граница за пензионирање во ЕУ

Зголемувањето на старосната граница и заминувањето во пензија неколку години подоцна стануваат реалност во повеќето европски земји. Возраста за пензионирање не е иста во сите европски земји, но евидентно е дека во сите се зголемува старосната граница и се изедначува бројот на годините за пензионирање кај жените и мажите. Најчесто старосната граница е најмалку 65 години или се приближува, но во Германија границата за пензионирање веќе е 65 години и 10 месеци, а до 2031 година границата ќе се движи на 67 години.

Примери од Европската Унија

Во Австрија мажите се пензионираат на 65 години, жените на 60 години, а до 2033 година таа разлика ќе се изедначи.
Натаму, на пример, во Белгија се пензионира на 65 години, од 2025 година ќе биде 66, а од 2030 година ќе се пензионира на 67 години.
Возраста за пензионирање за сите во Ирска и Велика Британија е 66, Данска – 67, а до 2035 година дури 69. Во Исланд и во Италија сите се пензионираат на 67 години, во Португалија целосна пензија се заработува на 66 години и 7 месеци, во Холандија од јануари 2024 сите што ќе наполнат 67 години ќе одат во пензија.
Според процените од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), нормалната старосна граница за пензионирање ќе се зголемува во иднина. Се проценува дека до 2060 година Данска ќе има највисока старосна граница за пензионирање од 74 години. Потоа ќе следуваат Италија и Естонија, со 71 година за двата пола. А се проценува дека Луксембург и Словенија ќе ја имаат најниската старосна граница за пензионирање од 62 години за двата пола до 2060 година.

Какви се размислувањата на повеќе засегнати страни во Македонија за ова прашање

Работниците во Македонија велат дека во ниеден случај не би прифатиле зголемување на старосната граница за пензионирање и дека нема да има никаков ефект. Според нив, треба да се вработуваат младите, со оглед на тоа што има одлив на млад кадар.
Според Сојузот на синдикатите на Македонија, несериозно е дури да се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање и, наместо зголемување на границата, тие укажуваат дека треба да се воведат повеќе модели за поволни услови за пензионирање.
– Нашите конкретни предлози се доставени уште од 2020 година, а се однесуваа на следните предлози: воведување на пензионирањето врз основа на стажот, без оглед на нивната старосна возраст, можност да се докупи стажот при предвремено пензионирање и воведување бенефициран стаж за одредени категории граѓани – велат од ССМ.
Според нив, работната сила во земјава треба да се обнови, треба да се задржат младите работници, додавајќи дека не треба да се испраќаат во странство да градат туѓи бизниси.
– На начинот на кој ќе ги ослободиме работните места, без разлика дали станува збор за приватниот или јавниот сектор, преку воведување на новите модели за пензионирање, ќе овозможиме овие млади работници побрзо да се вработат и поефикасно да ги извршуваат своите работни задачи, да добиеме поефикасен јавен и приватен сектор, што ќе придонесе за целосно заздравување на економијата во државата – појаснуваат од ССМ..

Што значи „флексибилност на пазарот на трудот“?

Како што истакнува Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на работодавци, потребно е да се направи флексибилност на пазарот на трудот, да се регулира како што е во одредени сектори и дејности во нашата земја, да се направи да биде слободен избор на работникот, кој се чувствува дека може да работи и да придонесува.
– Но оние што се истрошени во трудоинтензивните дејности, за нив може да се направи мерка да одат порано во пензија од предвидениот рок. Има луѓе што се чувствуваат подготвено и способно за работа, особено кога би можеле дополнително, покрај пензијата што ја имаат како стекнато право, да добиваат приходи и да го полнат буџетот со сите социјални придонеси и персонален данок – вели Бошков.
Тој додава дека и во развиениот свет многу луѓе што го исполнуваат правото на пензија дополнително работат и многу пензионери примаат дополнителни приходи на кои им се плаќа само персонален данок, а не плаќаат придонеси. Уште подобро е, според него, што на работникот и понатаму ќе му тече стаж и ќе се плаќаат придонесите и помал ќе биде товарот врз пензискиот фонд.
Инаку, старосната пензија во земјава се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година. За определување на пензиската основица, покрај месечниот просек на плати, се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.
Продолжувањето на старосната граница е само една од мерките на ригорозно штедење на државните трошоци. Во настојувањето да се изборат со дефицитите во буџетите, членките на Европската Унија ги намалуваат платите или воведуваат нови даноци за полесно да се справат со глобалната економска криза.