Mораме да продолжиме да работиме за нашето едно општество во чија основа е токму тоа, искрена намера да го запознаеме и цениме другиот и да создадеме безбеден простор да е свој и да добие шанса каква што посакуваме и за себе – истакна денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на отворањето на 11-тата Научна меѓународна конференција на тема „Предизвици на идентитетот, културното наследство, одржливиот развој и туризмот, поврзани со новите кризи“, што се одржува во Охрид.
– Кон крајот на минатиот век, светот почна да зборува за нов феномен, оној на глобализацијата. Глобализацијата е третирана од различни перспективи и секој што зборува на оваа тема ја дефинира според сопствената перспектива и на тој начин дава идеи за можните предизвици кои ја придружуваат во културата, економијата, и идентитетот. Но, она што јас го гледам во глобализацијата не е закана од искоренување на јасното ЈАС, туку шанса за соработка меѓу народите, запознавање, толеранција и промоција на исклучителната единственост на секој еден, шанса да се запознаеме, а со тоа и да се почитуваме. Само така вистински ќе го кокреираме нашето едно општество за сите. Да живееме, работиме, развиваме – блиску, едни покрај други – рече Битиќи.
Тој потенцираше дека денешните модерни општества се соочуваат со многу комплексни предизвици кои бараат брза прилагодливост, но и повеќесекторско или интердисциплинарно делување. Битиќи посочи дека одржливиот економскиот развој, заштитата на животната средина, грижата за човековите права и многу други сегменти не можат успешно да се адресираат само од една страна и еден актер, било да е тоа Владата, граѓанскиот сектор или бизнисите, туку бара здружено заедничко делување и партнерски однос.
– Но, историјата е добра основа за подобра сегашност и иднина. Историјата која не ја чуваме под стаклено ѕвоно и однадвор ја набљудуваме, туку се обидеме да ја разбереме, ни помага да ги увидиме грешките кои сме ги направиле и да ги запознаеме дури и најтемните ќошиња на човечкиот дух и таму да запалиме светло. Да, ова понекогаш може да биде непријатно и често и да не сакаме да го изговориме гласно, но точно во оваа нелагодност учиме и растеме, точно во оваа нелагодност можеме да ја најдеме колективната моќ за заедничката иднина – рече тој.
Битиќи потенцираше дека покрај предизвиците да гледаме во можност, покрај минатото да се бориме за иднината, покрај различностите да градиме мозаик на заедништво.