Секоја надеж дека услужниот сектор би можел да ја спаси германската економија испари. Наместо тоа, услужниот сектор ќе му се приклучи на производството, кое веќе е погодено од рецесијата
Германија овој месец го претрпе најголемиот пад на деловната активност во последните три години, предизвикувајќи стравувања дека најголемата европска економија повторно паѓа во рецесија, покажуваат најновите економски истражувања.
Првичното читање на индексот на менаџери за набавка (ПМИ), кој ја следи активноста во производствениот и услужниот сектор, покажа пад на 44,7 во август од 48,5 во јули.
Тоа е најниското отчитување од мај 2020 година, кога Германија почна постепено да ги укинува строгите ограничувања поради пандемијата на коронавирусот.
Истражувањето укажува на продлабочување на падот на производството, кое опаѓа веќе четврти месец по ред. Покрај производството, пад бележат и услугите, кои првпат забележаа пад во последните осум месеци.
– Секоја надеж дека услужниот сектор би можел да ја спаси германската економија испари. Наместо тоа, услужниот сектор ќе ѝ се приклучи на производствената рецесија – рече Сајрус де ла Рубио, главен економист во комерцијалната банка во Хамбург.
Бројките се доказ дека германската економија повторно паѓа по излегувањето од зимската рецесија во вториот квартал со најтесни маргини.
– Притисокот врз економијата на еврозоната во август главно доаѓа од германскиот услужен сектор – рече Рубио.
Податоците објавени во текот на месецов открија поостар пад на индустриското производство во јуни од очекуваното. Застоите во огромниот автомобилски сектор во земјата се наведуваат како главна причина.
Економската слабост на Германија се прелева и во преостанатите 19 земји што го користат еврото, при што поширокиот регион исто така е изложен на ризик да западне во рецесија откако забележа раст во вториот квартал.
Почетното читање на ПМИ за еврозоната падна на 47 во август, што е најниско од ноември 2020 година, според одделното истражување објавено од Хамбуршката комерцијална банка и „Ес енд пи глобал“ во средата.