Потребна е постепена фискална консолидација, а поголемо внимание на структурните реформи, кои треба да ја намалат ранливоста на економијата и да ги зголемат нејзината отпорност и потенцијалот за раст
Обезбедување фискална поддршка во годинашниот буџет за надминување на ефектите од кризата, внимателно следење на ценовните движења и зачувување на ценовната стабилност на среден рок преку водење соодветна монетарна политика, продолжување со реформите во управувањето со јавните финансии преку постепена фискална консолидација на среден рок, усвојување на новиот закон за буџет, спроведување на Даночната стратегија и дигитална трансформација на Управата за јавни приходи, донесување нов закон за јавно приватно партнерство, како и подобрување на деловното окружување преку продолжување со дигитализацијата на јавните услуги, рационализација на парафискалните давачки и усвојување нова стратегија за формализација на економијата се само некои од препораките што произлегоа од Економско-финансискиот дијалог на земјава со ЕУ, кои ги соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Фискалната консолидација е дел од нашата фискална стратегија. Се оди кон максимално рационализирање на расходите, со истовремено зголемување на развојната компонента на буџетот. Истовремено, се преземаат повеќе системски активности за зголемување на приходната страна – како мерките и активностите во борбата против сивата економија и подобрувањето на капацитетите на институциите за наплата на давачките – вели министерот за финансии.
Според гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, монетарната политика треба да се насочи кон одржување на ценовната и на макроекономската стабилност.
На среден рок, потребна е постепена фискална консолидација, а поголемо внимание на структурните реформи што треба да ја намалат ранливоста на економијата и да ги зголемат нејзината отпорност и потенцијалот за раст.
– Општо е познато дека макроекономските политики, а особено монетарната политика не можат да бидат замена за темелни структурни реформи. Само со структурни реформи може да се откријат точките на ранливост на економиите, да се унапредат основите и да се зголеми потенцијалот за раст, а со тоа и заштитата од идни можни шокови – посочи гувернерката.
Според академикот Таки Фити, треба да се стави акцент на јакнење на финансиската политика, што ќе донесе заздравување на економијата.
– Во фокусот треба да се постави управувањето со јавниот долг, за што се потребни мерки за негово добро менаџирање и негова стабилност. Фискалната и монетарната политика треба да се вратат во стабилна позиција, а за тоа е потребна фискална консолидација заради намалување на јавниот долг и на буџетскиот дефицит. Тука треба да се концентрираме. Ова е комплексно прашање и ќе значи тежок процес со многу ризици – истакна Фити.
Како што вели тој, фискалната консолидација нема да тече едноставно и брзо и ќе носи ризици, па затоа треба да се избере најдобриот пристап, дали би било преку намалување на непродуктивните трошоци, зголемувањето на некои даноци или нивна комбинација итн. Е.Р.