Тоа што е особено важно за Македонија е како глобалните светски текови ќе се одразат на економиите на Германија и на Велика Британија, кои се и наши најголеми трговски партнери…

ММФ излезе со малку пооптимистички прогнози за глобалниот економски раст

Големите светски економии покажуваат подобри резултати во однос на претходните макроекономски прогнози, што дава надеж дека во 2023 година глобалниот раст ќе биде повисок од очекуваното ниво, а наводно дека ќе биде „зауздена“ и високата инфлација, Смирувањето на цените на енергентите и на суровините влијае на подобрување на деловната клима, но и на корекцијата на проекциите за економскиот раст годинава. Меѓународниот монетарен фонд малку ги зголеми изгледите за глобален раст во 2023 година поради подобрата побарувачка во Соединетите Американски Држави и во Европа, пониските трошоци за енергија и повторното отворање на кинеската економија, откако Пекинг ги олесни строгите ограничувања за ковид-19. Глобалниот раст, сепак, ќе падне на 2,9 отсто во 2023 година од 3,4 отсто во 2022 година, но најновите прогнози на ММФ покажуваат подобрување на октомвриската прогноза за раст од 2,7 отсто оваа година, со предупредувања дека „светот лесно може да западне во рецесија“.
За 2024 година, ММФ објави дека глобалниот раст малку ќе се забрза до 3,1 отсто, но тоа е под неговата октомвриска прогноза, бидејќи целосниот ефект од поострите зголемувања на каматните стапки на централната банка ја забавува побарувачката.
Во своите прогнози за БДП за 2023 година, ММФ очекува БДП на САД да порасне за 1,4 отсто, што е повеќе од прогнозата од 1 отсто во октомври и по раст од 2,0 отсто во 2022 година, силен пазар на труд и силни биланси на потрошувачи. Растот за Европа во 2023 година сега се предвидува на 0,7 отсто, што е зголемување од 0,5 отсто во октомвриската перспектива, по растот од 3,5 отсто во 2022 година. Ова значи дека Европа се приспособила побрзо на повисоките трошоци за енергија отколку очекувано, а пониските цени на енергијата му помогнаа на регионот.

Тежок удар за Македонија е што најголемите трговски партнери се соочуваат со сериозни проблеми

Тоа што е особено важно за Македонија е како глобалните светски текови ќе се одразат на економиите на Германија и на Велика Британија, кои се и наши најголеми трговски партнери. Прогнозите за овие две западноевропски земји сѐ уште се неповолни, односно Велика Британија беше единствената голема напредна економија за која ММФ предвиде дека ќе биде во рецесија оваа година, со пад на БДП за 0,6 отсто. Таму домаќинствата се борат со зголемените животни трошоци, вклучувајќи енергија и хипотеки. Ризикот од рецесија во Германија се зголеми по ненадејната стагнација на производството во четвртиот квартал. Падот на производството од 0,2 отсто значи дека намалувањето во периодот до март би предизвикало рецесија во најголемата економија во еврозоната. Економистот Саломон Фидлер вели дека во Германија се очекува скромен пад на реалниот БДП, како одраз на помалата потрошувачка, но исто така верува дека по благата зимска рецесија, економијата најверојатно ќе се стабилизира напролет и повторно ќе почне значително да расте во средината на 2023 година. Растот во другите земји од ЕУ е скромен и изнесува 0,1 отсто во Белгија и во Франција, БДП неочекувано се зголеми за 0,1 отсто во последниот квартал од 2022 година!
– Македонија не е во стагфлација, но е блиску до таква ситуација, а клучното прашање е како во ваков тип криза да дејствуваат фискалната и монетарната политика и како да се координираат. Со големи фискални стимули и со лабава монетaрна политика дотурате бензин на огнот што гори. Инфлацијата ќе оди нагоре. Затоа, мора да се обмисли нов начин на координација на двете политики – предупредува академикот Таки Фити.
Тој изрази загриженост за предвидувањата во светски рамки и за тоа како таквите состојби ќе се одразат врз државата.
– Ме загрижува што лошо оди светската економија и може да се случи со ниски стапки на раст од 1,8 отсто да се намалат приливите во буџетот и да не се реализираат средствата, па значајните предвидени програми да бидат ставени под знак прашалник. Најлошо за Македонија е што ЕУ како наше релевантно надворешнотрговско подрачје и особено Германија како наш најголем трговски партнер се соочуваат со сериозни проблеми. Растот во еврозоната ќе биде само 0,5 отсто на годишно ниво во 2023-та, а во Германија се очекува негативна стaпка од -0,3 што има силeн импакт врз нашата економија. Затоа и кај нас се намалени прогнозите – вели Фити, дополнуваjќи дека според предвидувањата на ММФ, можно е растот во светски рамки да падне и под два процента.

Дали е решение рестриктивната монетарна политика

Европската централна банка е решена да се бори против растечките цени со рестриктивна монетарна политика и треба да ги зголеми каматните стапки за уште 50 базични поени оваа недела, што е најагресивната кампања за затегнување во нејзината историја. Гувернерката на Народна банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, минатата недела излезе со прогнози за стабилизирање на цените на примарните производи, што со натамошното намалување на застојот во снабдувањето, но и на затегнатите меѓународни финансиски услови што ќе ја намалуваат побарувачката, ќе влијае на стабилизирање на стапките на инфлација годинава.
– Со оглед на проекциите на меѓународните финансиски институции за стабилизација на цените на примарните производи на светските берзи и очекувањата за водење претпазливи макроекономски политики, се проектира забавување на инфлацијата со што оваа година таа би се свела на 8-9 отсто, а на среден рок, инфлацијата и натаму ќе се намалува, сведувајќи се на нивото од 2,4 отсто и 2 отсто во 2024 и 2025 година – посочува Ангеловска-Бежоска. М.Ј.