На тендерот за набавка на природен гас, АД ЕСМ доби официјална понуда само од „Макпетрол“, која е со висока цена, поради што се размислува дали да се набави гас за топланите за ноември од оваа компанија или да се сочекаат и другите понуди кои во моментов се испратени како некомплетни, информираа од АД ЕСМ за МИА.
Претходно, посочија дека за ноември за топланите ќе набават количини од „Макпетрол“.
По евалуацијата на некомплетните понуди, како што посочуваат, заклучиле дека цената која ја понудил „Макпетрол“ за природен гас за ноември е повисока од другите поради што се размислува дали да се набави гас од таа компанија или да се сочека да се докомплетираат понудите и од другите понудувачи на тендерот.
-За гасот имаме официјална понуда од „Макпетрол“. Втората понуда од странската компанија е информативна, треба да ја комплетираат со сите податоци и да ја испратат во официјална форма. По разгледувањето на новите понуди утврдено е дека цената на понудата од „Макпетрол“ е висока, така што во АД ЕСМ се размислува дали да се набави гас за ноември за топланите од „Макпетрол“ или да се сочекаат и другите понуди кои во моментов се испратени како некомплетни – прецизираат од АД ЕСМ за МИА.
Рокот за доставување на понудите н тендерот на АД ЕСМ за набавка на природен гас за потребите на топалните во Скопје и евентуално за работа на ТЕ-ТО заврши во петокот, но од компанијата оставија време до денеска за евентуално да не пристигне некоја понуда по пошта. Од ЕСМ планираа да набават природен гас за следните шест месеци, односно за целата грејна сезона за топланите, но и за когенеративната електрана ТЕ-ТО доколку имаше понуда со прифатлива цена на природниот гас.