Обновливи извори – да, ама сѐ уште се неопходни домашните енергетски капацитети

Влијанието на емисиите на стакленички гасови од Македонија гледано во европски, а особено во светски рамки е толку минорно што одвај може да се изрази во бројки. Македонските енергетичари велат дека, пред сѐ, треба да се одржуваат домашните енергетски објекти и да се создаваат услови за нивна работа барем за уште неколку години, а никако да се избрзува со нивно затворање

Една од темите за која многу се зборува во последно време и која создава чувство на несигурност и неизвесност помеѓу населението, но и во бизнис-заедницата, е состојбата со снабдувањето и со цената на гасот. Наедно, ставот на Европа е дека гасот лошо влијае на климата и дека треба да се исфрли од употреба и да се насочиме кон обновливи извори на енергија, што за крајниот корисник би значело поевтина енергија. Со оглед на тоа, се наметнува прашањето дали е возможно Македонија брзо и целосно да се насочи кон обновливи извори на енергија. Дали со изградбата на капацитети за ваков вид енергија, кризата со цените на енергентите би се ставила под контрола? Би имале ли стабилно снабдување со струја, како и дали би го намалиле влијанието на гасот врз климата?

Иво Милатиќ, државен секретар во Министерството за економија и одржлив развој во Хрватска, вели дека гасот лошо влијае на климата и време е да се исфрли од употреба.
– Европа апсолутно се движи кон обновливи извори на енергија и што се однесува до струјата, можеме да бидеме сигурни дека до 2030 година ќе имаме вкупна потрошувачка на денешното ниво од обновливи извори, а за крајниот корисник, тоа по цена ќе значи поевтина енергија. Колку е поголемо вашето сопствено производство на енергија во вашата земја, толку е поевтина вашата енергија. Од суштинско значење е да се стимулираат граѓаните да ставаат панели на своите куќи, да имаат батерии во подрумите за да ја складираат таа електрична енергија, да работат енергетски заедници и да користат агрегација – сето тоа се нови делови што ни се важни за да добиеме побезбедна и подостапна енергија – смета Милатиќ.

Прифаќаме сѐ што ќе ни се наметне однадвор, без да мислиме на последиците

Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, вели дека влијанието на емисиите на стакленички гасови од Македонија гледано во европски, а особено во светски рамки е толку минорно што одвај може да се изрази во бројки.
– Јас многу повеќе би се грижел за изворите на локално и регионално загадување, а прашањето за влијанието на човекот врз климата би им го препуштил на големите играчи. Значи, што и да направиме ние во насока на намалување на емисиите на стакленички гасови, тоа нема да промени ништо во светскиот биланс. Патем, ставот дека за евидентното покачување на просечната температура на атмосферата и на големите водни басени во последните децении клучно е влијанието на зголемената емисија на стакленички гасови и не е дефинитивно етаблирана научна вистина, туку само преовладувачка научна мисла. Тука би нагласил дека нашите одговорни лица често некритички или поради недоволна информираност прифаќаат сѐ што ќе им биде наметнато или предложено од институциите на ЕУ, од Енергетската заедница и слично без да водат сметка за последиците врз енергетскиот сектор, населението, индустријата итн. Честопати, прифаќање обврски предвреме и без соодветна подготовка знае да биде меч со две сечила и да има многу негативни ефекти -објаснува Филкоски.

Според него, многу е поважно каква ќе биде цената на гасот во иднина и дали превисоката цена ќе биде причина за негова намалена употреба, додавајќи дека речиси е сигурно дека времето на евтина енергија е минато и ќе биде неопходно постепено да се навикнеме и да се приспособуваме кон таквата реалност – дека сметките за енергија ќе ни бидат повисоки. А тоа значи дека и во цените на производите и услугите ќе мора да се вградат поголеми трошоци за енергија.
– Тука би додал дека не е само греењето во прашање кога станува збор за снабдувањето со природен гас или со други енергенти. Многу индустриски и други компании се директно зависни во своето работење од квалитетното снабдување со природен гас. Во принцип, производството на електрична енергија во домашни електроенергетски објекти треба да има приоритет пред увозот, се разбира, имајќи ја предвид и финансиско-економската страна. Важна поука од актуелната ситуација е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти и да се создаваат услови за нивна работа барем за уште неколку години, а не да се избрзува со нивно затворање – укажува Филкоски.

Професорот истакнува дека Европа се обидува забрзано да се движи кон обновливи извори на енергија, некои земји со побрзо, а некои со побавно темпо. А колку е тоа успешно, тој вели дека имавме можност да се увериме во последниве година-две, кога една од главните причини за енергетската криза беше значително намаленото производство на електрична енергија од фотонапонски и ветерни централи во западноевропските земји, при (предвреме) затворени класични термоцентрали.

Нема лесно да се решат проблемите

– Тогаш кога при првите знаци за повлекување на ковид-кризата започнаа да се интензивираат економските активности низ светот, а производството на енергија стагнираше, дојде до сериозен недостиг во снабдувањето и до драстичен пораст на цените на енергентите – појаснува Филкоски.

Како што споменува тој, секако дека во Македонија може да се произведува повеќе електрична енергија од обновливи извори, пред сѐ од фотонапонски централи, но тоа нема автоматски да значи решавање на проблемите во енергетскиот сектор.
– Електричната енергија е најудобна форма на енергија што ја познава човештвото, затоа што таа може да се користи директно за различни намени или лесно да се трансформира во која и да било друга форма на енергија. Меѓутоа, електричната енергија има една важна карактеристика – мора да се употреби тогаш кога ќе се произведе. Барем засега, работите се такви што складирањето енергија е многу сериозен научен и инженерски проблем, кој не е решен на задоволително ниво за средни и големи капацитети, па дури и за помали капацитети има големи ограничувања. Складирањето енергија реално е можно и се прави со градба на одредени специфични хидроенергетски објекти, пумпно-акумулациски хидроцентрали.

Друга насока е складирањето во форма на хемиска енергија, преку акумулатори и батерии, но тоа засега е изводливо само за релативно мали капацитети. Третата опција е базирана врз идејата големите вишоци на електрична енергија, кои би се добивале со фотонапонски постројки во одредени периоди од денот, да се користат за производство на водород. Тој претставува квалитетна и чиста горивна материја, која би се користела во комбинација со природен гас или одвоено. Постапките за добивање водород се добро познати од поодамна, но за нивна реализација е потребно навистина големо количество енергија, така што и тука има голем број отворени научни и инженерски прашања – појаснува професорот.
Не смееме да ги отпишеме класичните енергетски
објекти

Според него, заклучокот е дека (евентуално) зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори барем засега и во наредниве години не ја елиминира неопходноста од постоење на класичните енергетски објекти.
– Напротив, тие се и ќе бидат потребни и понатаму. Дури и да имаме во моментов инсталирани 10.000 мегавати од обновливи енергетски извори, кои теоретски би требало да бидат доволни за покривање на потребите на земјата, во ден како што е денешниот (претежно облачен, без или со многу малку ветер), реалното производство ќе биде мало. Освен тоа, фотонапонските системи ноќе не произведуваат ништо. За разлика од тоа, РЕК „Битола“ или ТЕ-ТО се во состојба да произведуваат електрична енергија 24 часа. Просто, постои огромна разлика во т.н. фактор на искористување на капацитетот – посочува Филкоски.

Во делот на енергетскиот сектор кај нас, тој додава дека треба сериозно да се поработи на неколку клучни прашања за кои и не моравме да чекаме да настапат вакви кризни ситуации: подобро одржување на базните објекти за генерирање електрична енергија и подобрување на условите за нивна работа, работа на изградба на нови (термо- и хидро-) енергетски објекти, вложување за подобрување на енергетската ефикасност во сите сектори, мудро поголемо вклучување обновливи извори на енергија во системот, преку методи со кои ефектите би ги почувствувал најголем дел од населението, подобрување на преносната и дистрибутивната мрежа, подобро поврзување со соседните електроенергетски системи и редица други работи.

На прашањето дали воопшто нашиот енергетски систем дозволува или овозможува брза енергетска транзиција, Филкоски нагласи дека прво, мора да се обезбедат такви услови за енергетската транзиција во Македонија да се одвива праведно и поволно за најголем дел од населението, а не само во интерес на повластени поединци.
– Доколку брзо ги затвориме термоцентралите, единствено што ќе постигнеме се услови за побрз раст на цената на електричната енергија, врз кој ќе ја изгубиме и таа мала можност за контрола преку домашното производство. Потоа, недостигот од домашно производство ќе се почувствува и на други начини, па дури може да дојдеме и до неопходност од рестрикции. За земји како Македонија, со таков енергетски систем, со таква преносна и дистрибутивна мрежа, со таква финансиско-економска состојба, со таква состојба на населението како што ја знаеме тешко е да се замисли брза енергетска транзиција кон т.н. зелена енергија. Впрочем, за таква енергетска транзиција се неопходни и многу големи финансиски средства. Тука би требало да се покаже Владата на РМ, со сериозни кратења на непродуктивните трошоци и со пренасочување во енергетскиот сектор, во мерки за поддршка на енергетската ефикасност – укажува професорот.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, пред извесен период оствари средба со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, каде што беа дискутирани неколку теми поврзани со актуелната енергетска криза. Притоа Битиќи го информира гостинот дека Владата го усвои Планот за енергија и клима на Република Македонија и дополнително Министерството за економија ќе ги достави измените на Законот за енергетика на усвојување на седница на Владата, за потоа тие да бидат ставени во собраниска процедура.

Директорот на Енергетската заедница сподели информација дека Европската комисија тековно работи на поставување цели за обновливи извори, енергетска ефикасност и намалување на стакленичките гасови за 2030 година за земјите-членки на Енергетската заедница, во согласност со Планот за декарбонизација усвоен од Министерскиот совет на Енергетската заедница во 2021 година.
– Како што одминува времето и земајќи ги предвид случувањата во последните две години, станува сѐ појасно дека постигнувањето на целите зададени со Парискиот договор, за транзиција од употреба на фосилни горива кон обновливи извори, е предизвик за сите земји и дека, секако, дел од нив ќе мора да претрпат одредени временски поместувања, но дека нашата земја останува посветена на оваа агенда – вели Битиќи.