Историски гледано, најголемите даноци се воведувале за време или по секоја голема криза, по големите војни или за време на големата депресија. Кој пат да се избере сега? Очигледно на државата, но и на стопанството и на граѓаните очајно им требаат пари, кои сѐ помалку ги има. Бизнис-заедницата, економистите и даночните експерти се поделени во ставовите за тоа колку новите даночни мерки ќе значат воспоставување праведен даночен систем и дали во услови на криза ова би значело нов товар за оние што веќе плаќаат даноци
Реакција на бизнис-заедницата и економските аналитичари за најавените реформи
Деновиве се отвори јавна дебата за реформа во даночниот систем. Со најавата за голема фискална реформа, или СМАРТ-систем на јавни финансии, државата најавува заздравување на економијата од кризата со која се соочуваме изминатите две години. Со што, како што велат од Владата, тој ќе продуцира повисоки и одржливи стапки на економски раст, преку стратегиско, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. Но што велат бизнис-заедницата, економистите и даночните експерти, колку ова ќе значи воспоставување праведен даночен систем, дали во услови на криза би значело нов товар за оние што веќе плаќаат даноци?!
Според Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања, државата нема доволно пари бидејќи се задолжувала за да се справи прво со пандемијата, а потоа и со енергетската криза.
– Кредитите стануваат сѐ поскапи, па затоа сега ќе бараат пари, односно даноци од граѓаните и фирмите, па во услови на криза ова ќе значи нов товар за оние што веќе плаќаат даноци. Најголемите даноци се воведувале за време или по секоја голема криза, како по големите војни или за време на големата депресија – истакна Јовановиќ, откако власта најави нови даноци за граѓаните и за фирмите од почетокот на 2023 г.
Тој додава дека не е спорно што Владата конечно сака да направи даночна реформа, проблемот е начинот на кој ја прави оваа даночна реформа.
– Најголемата грешка е што нема да се воведе прогресивниот данок, односно со тоа што нема да се даночат богатите, тоа значи дека ќе се даночат сиромашните, односно сите други. Наместо тие пари што ѝ требаат на државата да ги земат од богатите и големите фирми и од сите оние што имаат, тие ќе ги земаат парите повторно од обичните луѓе, од сиромашните и од малите фирми. Тоа е главниот проблем со оваа даночна реформа – вели Јовановиќ.
Прогресивниот данок беше еден од столбовите во предизборната програма на оваа влада пред да дојде на власт, но кратко по воведувањето на реформата кога дојде на власт, ја повлече.
Даночниот експерт Павле Гацов вели дека и со оваа даночна реформа, иако за него сепак тоа е пресилен збор за најавеното усогласување на даночните политики, се избира најлесниот начин да се зголеми даночниот товар врз оние што плаќаат данок, а не да ја намалат сивата економија.
– За жал, и овој пат не се прави обид да се зафати неформалната економија, која е најголем потенцијален извор на даночни приходи по кој државата не посегнува на системски начин. Работењето на црно со работници што добиваат некаква форма на државна помош, неиздавањето фискални сметки, плаќањето во готовина без оданочување се само некои од формите на неформална економија по која и овој пат државата не посега на системски начин – споменува Гацов.
Како што истакнува тој, ажурирањето на даночните политики со поголемо зафаќање од даночните обврзници во време на силен ценовен удар врз домашната економија, реален пад на платите и животниот стандард заради високата инфлација, како и високата економска неизвесност предизвикана од нестабилната политичка, енергетска и здравствена ситуација не оди во прилог на подигање на степенот на прифатливост на најавените даночни политики од страна на даночните обврзници.
Во однос на најавата за планираното даночење на каматите на штедните влогови, професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола предупредува дека ќе предизвика голем револт кај населението и ќе има негативни ефекти, односно би довело до повлекување на депозитите.
– Во македонските банки лежат 7,49 милијарди евра штедни влогови, со просечна каматна стапка на депозитите од 0,71 отсто. Годишната камата на сите депозити би изнесувала 7,49 милијарди евра по 61,8 ден/евро по 0,71 отсто еднакво на 3,29 милијарди денари. Прибраниот персонален данок, по стапка од 10 отсто на овој каматен износ, би изнесувал 329 милиони денари, односно одвај 5,3 милиони евра. За тие пари не може да се купи ниту еден германски тенк „леопард 2А6“ што чини 6,7 милиони евра. Оданочувањето на заштедите нема да помине без револт кај населението и повлекување на депозитите, особено при сегашните рекордно ниски номинални каматни стапки, односно негативни реални каматни стапки поради високата инфлација. Наедно на луѓето им е смачено од камата на депозитите под 1 отсто, а на кредитите над 4,35 отсто. Нека размислат два пати пред да ја направат и оваа „беља“ – пишува Трајковски на својот фејсбук-профил.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, идејата да се воведат данок на личен доход на капиталните добивки на каматите на штедните влогови и некои други лични приходи е во ред.
– За плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување на договорите за дело мора да се направи разлика помеѓу вработените и невработените. Најпроблематична е идејата за укинување на даночното ослободување на реинвестираната добивка. Од една страна државата преку разни проекти врши поврат на направените инвестиции во опрема, а од друга страна сака да ги оданочи средствата од добивката што ќе ги инвестираат компаниите. Ова е во чиста спротивност на едното со другото. За идејата за прогресивен данок на личен доход, па зашто да не и на данок на добивка, мора да се направи добра анализа кој ќе биде прагот на оданочување. Кај данокот на личен доход тој не треба да биде под 2.000 евра месечно, а за данок на добивка под еден милион евра, со цел да се оданочат најбогатите поединци и компании – нагласува Димитров.