На меѓународниот пазар цените со надолни трендови, на домашниот пазар – „статус кво“
Малопродажните цени на основните производи, храната и други есенцијални производи во Македонија остануваат „отпорни на промени“ што би требало да одат ценовно надолу. Ако во минатата година производителите и трговците високите цени ги пресметуваа поради високите влезни трошоци во работењето, во изминатите месеци, со малиот пад на цените на енергентите (на влезната страна од производството), можеше барем да се направи каква-таква корекција надолу на цените на клучните производи за граѓаните. Но изгледа тоа не е така. Како што стојат работите, годинава граѓаните повторно не може да забележат „осетен ценовен тренд надолу“ на малопродажните цени за зелените пазари и маркетите.
Забележливи оптимистички надолни ценовни трендови во светот
Цените на основните прехранбени производи кај нас остануваат на високо ниво, иако на меѓународниот пазар се забележуваат некои оптимистички надолни ценовни трендови. Така, опаѓањето на цената на пченката е уште поизразено – во САД падот достигна 17 долари на 252 долари за тон, во Франција од 7,75 евра до 219,25 евра за тон, а во Русија за три долари, до 250 долари за тон. Цената на нерафинираното сончогледово масло на берзата во Ротердам падна за 60 долари и сега се продава за 920 долари за тон. Цената на јачменот не се промени во Русија и остана на 244 долари за тон, а во Франција цената падна за четири евра, на 220 евра за тон. Семето од репка на берзата „Еуронекст“ падна за 38,50 евра, на 403,50 евра за тон. Цената на нерафинираното сончогледово масло на берзата во Ротердам падна за 60 долари и сега се продава за 920 долари за тон. Со многу пониска цена од минатогодишната е и електричната енергија. Вчера, во согласност со податоците за движењето на цените на берзата Хупекс во Унгарија, за 22 мај просечната часовна цена на електрична енергија изнесува 97,67 евра за мегават-час, додека на Македонската берза за електрична енергија цената е 79,88 евра. Просечната цена на електричната енергија во текот на мај досега изнесува 93,39 евра за мегават-час, додека просечната цена за мај на берзата МЕМО, која почна со работа на 10 мај, изнесува 86,36 евра за мегават-час.
Минимален пад на стапката на инфлација во Македонија, бизнисите колабираат
Доколку се погледне месечниот тренд на стапката на инфлација во Македонија, тој покажува минимални намалувања, од еден до два отсто од почетокот на годината. Според проекциите на Народната банка на Македонија, до крајот на годината нѐ очекува едноцифрена инфлација од осум или девет отсто. Ова значи дека македонските граѓани сѐ уште ќе се соочуваат со високи трошоци на живот. За издвојување е и опсервацијата на некои соговорници економисти „да се има предвид досегашното однесување на домашните трговци и производители на храна“, кои се покажаа доста „крути“ кога станува збор за намалување на цените на производите.
– Искрено, не очекувам да се намалуваат и цените на храната. Таа може повторно да расте, по летниот период, кога растат и цените на струјата и нафтата. Статистиката можеби покажува намалување на малопродажните цени, но погледнете ги цените на зелените пазари. Реално, граѓаните не чувствуваат некое поголемо олеснување од минималното намалување на инфлацијата. Не верувам дека цените ќе се вратат на старото ниво, како што и се случи со огревното дрво, кое ги задржа минатогодишните цени за просторен метар, кога беше постигната највисоката инфлација од 19 отсто – ни изјави еден наш сограѓанин пензионер, професор по економија.
Ваквата состојба при формирањето на цените во Македонија, според мислењата на економистите, ќе продолжи и во наредните месеци, од причина што намалувањето на цените е секогаш подолготраен процес, отколку при зголемувањето, како што беше и во минатата година. Како дополнителен фактор се споменува и можното „монополско“ договарање меѓу домашните компании при формирањето на цената на основните прехранбени производи, како што беше случај со цената на лебот. Движењето на цените на производите што се продаваат на зелените пазари,ќе зависи и од домашното земјоделско производство во претстојната сезона.
– Состојбата со високите цени може да се ублажи ако имате дома доволно домашни суровини што се со пониски трошоци, вклучувајќи и поевтина „домашна струја“ и на тој начин цените во земјата би биле пониски. Затоа и некои од нашите соседи имаат поблаг удар од инфлацијата, оти располагаат со доволно домашни ресурси или домашно производство на тие основни суровини, кои спречуваат поголем шок. Ние имаме една ситуација што е лоша, да немате или пак да имате многу мал раст на бруто-домашниот производ, да создавате помалку од тоа што сте создавале минатата година, и во ваква ситуација кога имате намалена стопанска активност, вие имате повисоки цени, а самиот квалитет на живот е многу намален – вели Шенај Хаџимустафа, професорка по економија.
Заради смирување на цените, од Министерството за економија ќе прават анализа за цените на овошјето и зеленчукот и врз основа на тоа ќе донесат одлука дали ќе ја продолжат мерката со замрзнување, која влијаеше на минимално намалување на цените на храната. Исто така, и од Народната банка најавуваат продолжување на досегашната монетарна политика со зголемување на основната каматна стапка, заради нивниот став на тој начин да дојде до „зауздување на инфлацијата“ до крајот на годината. Економистите отворено поставуваат прашање дали воопшто некој направил сериозна анализа како таквите политики на централната банка ќе се одразат на домашното стопанство, односно реалната национална економија во целост. М.Ј.