Фото: Архива

Енергетските експерти укажуваат дека државата мора да прави долгорочни планови за стабилно снабдување на домашните потрошувачи со енергија. Во таа насока се предлага итна инвестициска активност во изградба на домашни термоенергетски и хидроенергетски капацитети, но и мали нуклеарни централи со кои трајно ќе се реши проблемот со недостигот и високите цени на електричната енергија

ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА И ЦЕНОВНИТЕ ШОКОВИ КАКО ПОУКА

Недостигот од енергенти, како и растот на цената за истите тие им создава сериозни главоболки на компаниите, но и на домаќинствата. Владата се обврза дека ќе обезбеди доволно електрична енергија за граѓаните по регулирана цена, која порасна за речиси десетина проценти оваа година, а притоа е укината и дневната евтина тарифа. Бизнис-заедницата постојано апелира да се изнајдат модели како и стопанството да добива електрична енергија по пониска цена.
Енергетските експерти укажуваат дека Македонија, како и поголем дел од земјите во регионот и во светот, оваа есен се соочи со голема побарувачка и драстично зголемени цени на електричната енергија. Како резултат на растот на цената на електричната енергија, а сега веќе на сите енергенти по избивањето на конфликтот во Украина, многу од земјите воведоа разни модели за поддршка на граѓаните или, пак, пристапија кон замрзнување на цените на енергентите.
– Кризата во енергетскиот сектор во регионот и пошироко, секако, се рефлектира и во Македонија. Цените на енергентите растат што, секако, повлекува и пораст на цената на електричната енергија. Македонија во делот со снабдување со електрична енергија се покрива со домашно производство од околу 60 отсто, а другото е увоз од пазарот на електрична енергија. Една од причините за затекнатата состојба во енергетскиот сектор што се рефлектира и кај нас е, секако, силната увозна зависност. Енергетскиот сектор во последните 10-15 години се потпираше на постојните домашни капацитети и врз увозот на електрична енергија, што беше прифатливо и за потрошувачите во резиденцијалните сектор и за стопанските субјекти. Меѓутоа, со вакви зголемени цени на пазарот мора да се размислува за развојот на енергетскиот сектор. Краткорочно во зимскиот период помогна Владата со набавка на јаглен, мазут и природен гас за постојните производни капацитети кај нас. Меѓутоа, долгорочно мора да се реагира со обезбедување јаглен на постојните термоцентрали во Битола и во Осломеј и со градба на нови стратегиски производни капацитети, претежно во искористување на домашниот хидропотенцијал и изградба на гасни постројки. Градбата на технологии од обновливи извори е приватна иницијатива и ќе продолжи со зголемен интензитет во наредниот период – објаснува професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Соседите со нуклеарни централи постабилно ја дочекаа кризата

Но Македонија не е единствената што се соочи и се соочува со недостиг од електрична енергија, напротив повеќето од земјите во регионот и во Европа имаат динамичен раст на цените на електричната енeргија, а притоа само неколку успеаја да ги задржат истите цени, меѓу кои соседна Србија.
– Околните земји во регионот и пошироко во новонастанатата енергетска ситуација се снаоѓаа во зависност од сопствената енергетска инфраструктура. Бугарија има два блока на нуклеарни централи што, секако, во енергетската криза одигрува значајна улога во намалување на последиците. Другите околни земји се во помал или поголем процент зависни од увоз, само оние што имаат нуклеарна енергија како Романија и Словенија имаат можност да ги ублажат последиците – потенцира професорот Чаушевски.
Неговиот колега Горан Рафајловски, исто така професор на ФЕИТ, посочува дека растот на цените на енергентите е глобален проблем што се рефлектира во Македонија, а причините за поскапување се и економски и политички.
– Причини за раст на цените на енергија има повеќе меѓу кои најново е војната во Украина, поради што се очекува цените на енергентите уште повеќе да пораснат. Европската Унија, која е 50 проценти зависна енергетски од Русија, со санкциите ќе бара нови извори и можности за енергија. Веќе преговараат со Норвешка за зголемување на увозот на течен гас, но тоа не може да се случи прекуноќ, потребно е време, а дотогаш цените ќе раснат. Што се однесува до нашите соседи, оние што имаат поповолна состојба од Македонија имаат значително повеќе капацитети, односно поголема инсталирана моќност по жител. Речиси сите околни земји ги задоволуваат своите потреби од сопствено производство, додека ние сме насочени кон увозот на енергија. Позитивна страна е што сме добро енергетски поврзани пред сѐ со високонапонски далеководни линии. Нашата стратегија треба да оди во два правца, прво зголемување на енергетската ефикасност, или штедење енергија, и градење нови капацитети. Тука состојбите се комплицирани бидејќи немаме доволно ресурси. Можеби треба да се мисли регионално и со Косово, како голем енергетски потенцијал да се градат заеднички проекти. Инвестирањето во фотоволтаични централи и други хибридни извори на енергија базирани на биогас, ветер и отпад особено во големите градови како Скопје, Тетово, Куманово, Битола… би можело да претставува добар креативен проект. Во суштина, Македонија енергетски стои слабо и нашиот човечки или интелектуален потенцијал би требало да се користи за успешен економски раст, пред сѐ мислам на фокусирање на нашата младина кон ИТ-технологии, е-мобилитет, банкарство и планински туризам – потенцира Рафајловски.
Професорот Чаушевски, пак, потенцира дека со затоплувањето потребите за енергија се намалуваат, поради што и притисокот ќе се намали, сепак, потенцира дека токму овие месеци нашите надлежни институции треба да ги искористат за подготовки за следната сезона.
– Со пролетните и летните месеци се очекува намалување на потребите од електрична енергија и зголемен удел на хидроенергијата и технологиите од обновливи извори. Во меѓувреме е потребно континуирано да се обезбедат потребните количества јаглен за ТЕЦ „Битола“ и „Осломеј“ за да бидат подготвени следната зимска сезона. Секако, треба да се започне инвестициска активност во изградба на домашни термоенергетски и хидроенергетски капацитети – потенцира Чаушевски.

Нуклеарните централи обезбедуваат стабилна енергија на долг рок

Професорот Константин Димитров појаснува дека овој период само Бугарија и Србија имале доволно домашно производство за задоволување на домашните потреби од електрична енергија, а Македонија како земја зависна од увоз на струја неминовно го почувствува ударот од поскапувањата.
– Ние имаме инсталации што не произведуваат оти за нив не се копа јаглен, притоа не е инвестирано во нови постројки четириесетина години. Најбрз начин за домашно производство е да се копа јаглен од рудникот „Живојно“ за да работат блоковите во Битола и да се носи во Осломеј, наместо да се увезува од Косово. Исто така, неопходно е веднаш да започне градбата на Чебрен, како акомулациона хидроцентрала за да имаме стабилност на енергетскиот систем. Исто така во иднина, и тоа скорешна, треба да се инвестира во термоцентрали, од типот на ТЕ-ТО, но да се државни централи, не приватни инвестиции, бидејќи во тој случај профитираат нивните сопственици, а цените ќе бидат пазарни, или далеку повисоки од нашите. Паралелно треба да продолжат инвестициите во обновливи извори, како и да се овозможи секое домаќинство да може да инсталира сончеви панели на покривите и да произведува струја, која ЕВН ќе има обврска да ја купува по иста цена како и таа од ЕСМ – вели Димитров и додава дека и понатаму се потребни инвестиции како ветерниот парк „Богданци“, но истите тие да ги прави државата за да имаме домашно производство, не приватни бидејќи тие ќе продаваат по берзански цени.
Професорот исто така посочува дека Македонија во иднина треба и може да инвестира и во нуклеарни централи, од типот на новите мали нуклеарки, кои, според него, добиваат на популарност во светот и се опција за кај нас како мала земја, но сепак додава дека и за нивно инсталирање ќе биде неопходна изградбата на хидроцентралата „Чебрен“.
– Иако зборуваме за мали нуклеарки, сепак, треба да ни е јасно дека тие не се воопшто евтина инвестиција, но тие се исплатат како инвестиција бидејќи се обезбедува базна енергија и работат нонстоп, не загадуваат како термоцентралите и нема експлозии на нуклеарни централи како „Чернобил“, напротив во соседството и во многу други земји во светот имаат нуклеарки што функционираат долги години. Сепак, за да се изгради нуклеарна централа прво ни треба „Чебрен“ со чија изградба ќе се формира езеро, а тоа ќе служи за ладење на нуклеарната централа. Локацијата што порано беше планирана за таква инвестиција е Мариово, бидејќи тој регион во Македонија е најмалку погоден и подложен на земјотреси. Со денешните мали нуклеарни централи, државата може да започне прво со помала инвестиција, а потоа тие да се надградуваат во согласност со потребите – потенцира Димитров.