Од Стопанската комора посочуваат наместо зголемување даноци и воведување нови секогаш кога недостигаат пари во буџетот, да се применат мерки со кои ќе се намали и формализира сивата економија, бидејќи таа негативно се одразува на финансиската кондиција на компаниите што работат во согласност со законите, ја нарушува пазарната (лојалната) конкуренција и го ограничува растот на економијата. Во услови на нефункционална правна држава и правосуден систем, нефункционален пазарен модел, единствено сврзувачко ткиво мора да биде економијата. И сето тоа упатува на фактот дека е повеќе од нужно сите чинители во општеството да бидат потписници на „Нов договор за дефинирање на економските приоритети на државата“!
Решавањето круцијални економски предизвици, како што е неформалната (сива) економија, се турка „под тепих“
Сузбивањето на сивата економија во нашата земја, која според последните процени на Светската банка изнесува 33,4 отсто од БДП, е најгорлив проблем десетици години. Таа е кочница не само за развојот на домашната економија туку и за привлекување странски инвеститори, а редовно е предмет на критика во сите извештаи на меѓународните институции. И покрај тоа, никако да се овозможи функционален механизам за справување со неформалната економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги урива основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем.
Бесими: Сивата економија годишно ја чини државата колку автопатските делници на коридорот 8 или, пак, на коридорот 10-д
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, сивата економија годишно ја чини државата колку автопатските делници на коридорот 8 или на коридорот 10-д, четири клинички центри или, пак, реизградба на сите училишни згради во земјава.
– Доколку целиот формален сектор се формализира, нема да има потреба од задолжување за финансирање на буџетот. Оттаму, Владата стратегиски пристапува кон решавањето на овој горлив проблем преку петгодишната стратегија за формализација на неформалната економија, изработена од страна на Министерството за финансии. Предвидено е едновремено јакнење на системот за сузбивање на сивата економија, како и подигнување на даночниот морал и свеста на граѓаните – посочува Бесими.
Тој вели дека иако е тешко да се измери, неформалната економија во согласност со одредени процени изнесува околу 30 отсто од бруто-домашниот производ на нашата земја. БДП за 2023 година е проценет на 14,4 милијарди евра, оттаму вредноста на неформалната економија би изнесувала околу 4,32 милијарди евра.
Како што истакнува професорот Абдулменаф Беџети од Универзитетот на Југоисточна Европа, овој економски феномен го намалува материјалниот раст на една национална економија.
– Реформите во оваа област треба да се насочуваат кај институциите и институционалниот капацитет за перманентен мониторинг и контрола. Прашањето е како да се справиме со овој структурален и ендоген феномен за да почне нејзиното редуцирање – истакнува Беџети.
Формите на сивата економија, како што упатува тој, се најразлични, од даночни евазии, непријавени вработени, злоупотреби на јавни ресурси, па до разни нерегистрирани активности што се случуваат пред институциите.
Азески: За бизнис-заедницата решавањето на проблемот со сивата економија е едно од круцијалните прашања
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, констатира дека за бизнис-заедницата решавањето на проблемот со сивата економија е едно од круцијалните прашања.
– Како комора што ги претставува компаниите што придонесуваат со половина од вкупниот приход создаден во приватниот сектор, близу 50 отсто од нето-добивката во приватниот сектор генерираат компаниите членки на комората и фактот дека секој трет вработен во приватниот сектор работи во фирма членка на СКСМ, нѐ обврзува како бизнис-асоцијација во кој правец да се движиме и дека сивата економија ќе биде едно од клучните прашања за кои ќе иницираме активности.
Нема инвестициска активност во држава со висок процент на сива економија. Ние се наоѓаме во маѓепсан круг веќе три децении и затоа како бизнис праќаме апел, покрај црната листа што ја објавува Управата за јавни приходи за деловни субјекти што не ги плаќаат редовно давачките, да постои и бела листа, за да се види кои се субјектите што се однесуваат одговорно во државата. Во услови на нефункционална правна држава и правосуден систем, нефункционален пазарен модел, единствено сврзувачко ткиво мора да биде економијата. И сето ова упатува на фактот дека е повеќе од нужно сите чинители во општеството да бидат потписници на нов договор за дефинирање на економските приоритети на државата – нагласува Азески.
Од Стопанската комора посочуваат наместо зголемување даноци и воведување нови секогаш кога недостигаат пари во буџетот, да се применат мерки со кои ќе се намали и формализира сивата економија, бидејќи таа негативно се одразува на финансиската кондиција на компаниите што работат во согласност со законите, ја нарушува пазарната (лојалната) конкуренција, го ограничува растот на економијата, ги оштетува јавните финансии, буџетот на државата и социјалните фондови.
– Последиците од постоењето на сивата економија се поткопување на владеењето на правото, опасност од преобликување на општеството, што укажува дека ова прашање не е само економско туку и длабоко општествено прашање. За да се добие појасна претстава за релативното значење на големината на сивата економија во македонскиот случај се направени две споредби, кај кои се компарира учеството на сивата економија во бруто-домашниот производ. Првата е споредба со земјите од регионот на Западен Балкан и просекот на земјите од ЕУ, а втората е споредба со земји со слично ниво на економски развој како македонскиот. Споредбата со други земји од Западен Балкан покажува дека економиите во регионот имаат слично ниво на удел на сивата економија во националниот бруто-домашен производ – потенцираат од комората.
Оттаму додаваат дека, сепак, уделот во македонската економија е највисок и дека проценетиот удел на сивата економија во бруто-домашниот производ на земјите од Западен Балкан е значително повисок од просекот на 27 земји од ЕУ.
– За намалување на процентот на сива економија се потребни политичка волја и бескомпромисен пристап. Постојат владини документи за борба против сивата економија, но нема информација за резултати од нив. Потребни се поголеми инспекциски активности, регулирање нерегистрирани е-трговци и доставувачи, елиминирање пропусти во работењето на менувачниците и практиката на неиздавање фискални сметки – укажуваат од СКСМ.