По критиките за неефикасната јавна администрација, кои доаѓаат во континуитет од бизнис-заедницата и од Европската Унија, власта се обидува да одговори со нови чекори, форми и методи за реорганизирање на државниот апарат. Стручната јавност е „на два ума“, со јавно искажана дилема – дали со префрлање на инспекторите или со спојување различни но компатибилни институции на државната администрација ќе се постигне мултиефектност: поквалитетни услуги за граѓаните и бизнисот, намалување на бројот на вработени во администрацијата, намалување на буџетските трошоци итн.
Еден нов обид за зголемување на ефикасноста на јавната администрација
Постоењето на партизирана, трома и неефикасна јавна администрација е една од клучните причини за недоволната динамика на економскиот развој на Македонија. Со формирањето на секоја власт, иако овој проблем беше дијагностициран и се правеа обиди „феноменот на неефикасна и прекубројна администрација“ да се надмине, во практика не се направи тоа. Факт е дека со доаѓањето на секоја нова власт се ветуваа брзи и сеопфатни реформи во државниот апарат, но досега, навистина за жал, сите обиди за реформирање на јавните служби завршуваа со неуспех. По критиките за неефикасната јавна администрација, кои доаѓаат во континуитет од бизнис-заедницата и од Европската Унија, власта се обидува да одговори со нови чекори за реорганизирање и реструктурирање на државниот апарат.
Фузии како нов приод, но ќе има ли и намалување на бројот на административците
Министерството за економија почна да го спроведува Планот за негова реорганизација, кој предвидува спојување на Државниот пазарен инспекторат со Државниот инспекторат за техничка инспекција и формирање единствена институција од типот на инспекциски надзор. Новото има на „реорганизираното“ тело ќе биде – Државен пазарен и технички инспекторат. Според овој пример, предвидени се спојувања и на Фондот за иновации и технолошки развој со Агенцијата за поддршка на претприемаштвото, на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот со Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и на Агенцијата за енергетика со Агенцијата за задолжителни нафтени резерви. Планот што ќе го спроведува Министерството за економија е во согласност со заклучокот на Владата од март минатата година, кога заедно со Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа задолжени да започнат со спроведување на првиот пилот-проект на министерскиот систем, во согласност со препораките од Интегрираниот извештај за државна реорганизација.
Спојување на одредени државни агенции и институции најави и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити уште во ноември минатата година. Основната нишка на овие организациски промени е што вработените ќе бидат трансферирани во новоименуваните институции. Од Владата неколкупати беше нагласувано дека со реорганизација нема ниту еден вработен да биде отпуштен од работа, бидејќи, според процените, „во централната власт имаме дефицит од вработени“. Како дел од реформите во јавната администрација се предвидува во Министерството за информатичко општество и администрација да се формира нова институција, Дигитална агенција, во која ќе бидат префрлени вработените од министерството што се оперативен дел на дигитализацијата. Сето ова се прави за администрацијата да биде поефикасна, поотчетна, потранспарентна!
Само уште една „реорганизација“ во низата…
Професорот по управно право Борче Давитковски не гледа благонаклоно на начинот на кој Владата повторно го почнува процесот на реорганизација на јавната администрација.
– Според моето мислење, одлуката на Министерството за економија е лоша работа и нема да придонесе за воспоставување ефикасна администрација. Повторно се оди со парцијални решенија, без да се види големата слика. Треба да се отвори целосно законската регулатива што се однесува на државната организација и да се види што недостига за да добиваме од администрацијата ефикасни и квалитетни услуги за граѓаните. Вака, со префрлање двајца инспектори од една во друга организација, нема да нѐ одведе во вистински реформи на јавната администрација. Малку е несериозно тоа што се почнува сега од едно министерство, па потоа да се прават некакви реорганизации во друго. Нема системски приод. Ова се парицијални решенија и се само оправдување за да се каже дека нешто се работи во реформите во јавната администрација. Единствена смисла на ваквите парицијални реформи е да се оправдаат некои европски пари. Досега многупати се најавувани реформи во јавната администрација и се враќаме повторно на почетокот. Доколку не постои политичка волја да се спроведат промените, ќе имаме само иницијативи што ќе нѐ носат кон палијативни решенија – ни изјави Борче Давитковски.
Македонија како перманентно да потфрла во делот на реформата на јавната администрација, а умерената оцена на Европската комисија во неодамнешниот извештај за напредокот на земјата е повеќе како знак за „охрабрување“ побрзо да влеземе во реформирањето на државниот апарат. Од Брисел уште минатата година побараа итно спроведување на неколку мерки важни за реформа на администрацијата, земјава го одложи усвојувањето на законските решенија за организација и за работа на органите на државната управа, носењето нов закон за висока раководна служба, како и на новата правна рамка за управување со човечки ресурси, што требаше да се направи преку измени на законите за административни службеници и за вработените во јавните служби. Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија, завчера ја повтори оцената дека „ефикасни државни институции се од клучна важност за развојот на секоја земја и особено за испораката на услуги на граѓаните“. Како што рече, тие исто така ќе бидат од суштинска важност за напредокот на оваа земја на својот пат кон ЕУ.
– На земјава ѝ е неопходна стручна, независна и професионална јавна администрација. Без тоа, нема раст и развој. Не може да се каже дека нема резултати во однос на реорганизацијата, но системот има и слабости, кои се секако нотирани, а евидентно е и премногу силно партиско влијание во одредени делови од администрацијата. Она што сакаме да го видиме е зајакнување на администрацијата, да се осигуриме дека има експертиза, независност и професионалност. – порача евроамбасадорот Гир.
Забелешките на економските експерти се дека од 20 до 30 отсто од буџетот се даваат за плати, со што се занемарува развојната компонента, па затоа се предлага и постигнување општ консензус за натамошно намалување на јавната администрација, а притоа да се реформира енергетскиот, здравствениот и образовниот систем. Со сегашната поставеност има поклопување на една иста работа и надлежност на повеќе институции и министерства. За реформи во јавната администрација предупредуваат и од бизнис-заедницата, кои се незадоволни од брзината со која се добиваат некои урбанистички дозволи, лиценци или разни други дозволи. М.Ј.