За нас е приоритет да не се доведеме во ситуација да користиме алтернативно гориво за топланите Исток и за Запад, а ако Скопје Север работи со мазут или со дизел, тоа треба да биде согласно со процедурите за што има надлежни институции, порача денеска министерот за економија Крешник Бекшети.
Во одговор на новинарско прашање Бектеши рече дека сѐ уште немаат одговор од раководството на Скопје Север на понудите што ги достави државата и укажа дека за енергенсот што го користат надлежните институции треба да проверат дали е согласно со процедурите и законот.
– Скопје Север е во сопственост на Топлификација која е во приватна сопственост. Како Влада сме дале две понуди. Првата понуда е да се склучи договор за деловно технилчка сораотка, а втората е да се склучи договор за закуп на топланата како што сме направиле и за Скопје Исток и за Скопје Запад во овој случај со Адаора која е исто така приватен субјект. Немаме повратен одговор од раководството на Скопје Север, а во делот на тоа што користат како енергенс да произведува топлинска енергија има надлежни институции согласно нивните лиценци кои треба да ги проверат дали се прекршуваат одредбите предвидени во лиценцата, во дозолата која ја имаат за производство на топлинска енергија. Во делот на мазутот секако тоа е Инспекторатот за животна средина – рече Бектеши, на прес-конференцијата на која ги објави заштедите на електрична енергија на државните компании во октомври.
До крајот на месецов, потсети, се обезбедени потребните количини топланите Исток и Запад да работат само на природен гас.
– Во Законот е предвидено дека треба да има алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, а тоа може да биде мазут или дизел, но кога ќе се користи тоа секако дека треба да се запазат процедурите во државава и согласно со лиценцата да се стават во функција ако е потребно. За нас е приоритет да не се доведеме во таква ситуација да треба да користиме алтернативно гориво за Исток и за Запад, со кои ние менаџираме како држава преку ЕСМ. Во делот на Скопје Север има Инспекторат за животна средина ако во случај работи со мазут или со дизел освен природен гас да ги проверат нивните лиценци и процедурите како ги ставиле овие енергенси во функција – рече Бекшети, на новинарско прашање.
Како што прецизираше, во случај да се префрлат на користење мазут или дизел ќе се следат сите процедури во делот на животната средина со Инспекторатот за животна средина, Министерството за животна средина и со другите надлежни институции.
– Ние се повикуваме на податоци кои ги имаме од ЕСМ, на тоа што е обезбедено до овој момент, се повикуваме на Планот за производство и во делот на електрична и во делот на топлинска енергија. Граѓаните да бидат спокојни, нема да има никаов проблем во делот на снабдување со електрична и топлинска енергија – рече Бектеши.